„Калико“ / Фото: Никола Атанасов - Деус

Пред проба со бендот „Калико“: Најубаво твориме кога сме во опуштена атмосфера и може да импровизираме

Бендот „Калико“ зборува за спонтаното создавање музика, животот на младите алтернативни бендови и важноста на заедничкото работење.

Во период кога македонската младина трага по нови бендови со свеж звук и енергија, групата „Калико“ е пријатно изненадување. Бендот е составен од четири млади артисти кои не се плашат да пробуваат нови работи – Ана Томовска на гитара и вокал, Леон Тенев на гитара, Горазд Митревски на тапани и Александар Коцевски на бас-гитара. Со звук што тешко се дефинира и своите емотивни текстови, „Калико“ полека го гради својот идентитет и се истакнува на домашната сцена.

Во разговор за нивните почетоци и за досега изминатиот пат, како и за иднината и нивните цели, „Калико“ искрено ни открива што ги турка напред и како се создава добрата музика, чекор по чекор.

Бендот „Калико“ го оформивте во кафе-барот „Кашмир“, каде што и се запознавте. Како се случи приказната за формирање на групата?

Горазд: Никој од нас освен Александар не беше во бенд, а на Ана и беше прво искуство со бенд. Еден ден јас барав луѓе со кои ќе можам да свирам, но ништо од тоа што слушнав не ми се допаѓаше. За среќа, некако инстинктивно се запознавме со Леон и си разменивме контакт. Тој ме бараше едно сабајле и ми кажа следниот ден рано да се најдеме во „Кашмир“.

Леон: Тогаш отидовме чисто да се запознаеме сите, зборевме некои општи работи и на крај договоривме да направиме проба. Кога, после месеци барање, конечно успеавме да најдеме простор, ја имавме првата проба. Тешко ни беше да најдеме простор за проби во тој период, додека да тргне работата помина доста време.

„Калико“ / Фото: Никола Атанасов – Деус

„Калико“ на прв поглед е само вид на мачка, но што симболизира ова име за вас и како го одбравте истото?

Горазд: Реалниот одговор е само дека е убав збор. Седевме на кафе еден ден и листавме низ имиња кои ги имам запишано во телефон и на сите ни се допадна „Калико“. Кумата е мојата девојка Ања, нејзе ѝ текна ова име. Исто така, сите мачки што се калико се женки. Интересно е бидејќи мнозинството од бендот сме мажи.

Ана: Почна со „Калико“ и рековме ајде, нека стои. Мене на почетокот не ми беше некаков „еурека“ момент, само се решивме дека е убаво име за бенд.

Александар: Чиста случајност е тоа дека нашето име, мачка со три бои, е поврзано со тоа што нашата музика е повеќе жанрови.

Кои беа најголеми музички влијанија кога почнувавте и кога сѐ уште трагавте по својот звук?

Горазд: Кога ја правиме музиката никогаш не дискутираме како или, пак, како кого сакаме да звучиме. Едноставно свириме тоа што ни се допаѓа и потоа ја сложуваме песната како што знаеме. Во однос на звукот на секоја песна, тој е одреден од целокупната мешавина од интуицијата на секој член.

„Калико“ / Фото: Никола Атанасов – Деус

Вашите песни спаѓаат во жанрот на алтернативен блуз-рок. Но, како би го опишале звукот на бендот надвор од оваа дефиниција, особено за некој што ги нема слушано вашите песни?

Ана: Јас не ни знам да одредам. Сите имаме многу различен вкус во музика. Имаме некои бендови за кои сите се сложуваме дека се општо добри, но сите посебно сакаме многу различни работи. Тоа мислам дека е добро, прави сѐ да е поинтересно. Можеби ако сите имавме ист вкус, ќе беше многу досадно.

Леон: Надвор од жанрот, би го опишал звукот како импровизиран.

„Калико“ / Фото: Никола Атанасов – Деус

Најновиот мини-албум „Петрихор“ излезе минатата година. Како изгледаше вашиот креативен процес за овој мини-албум, имате ли поделени улоги и задачи или сѐ правите колективно?

Горазд: Искрено, процесот беше отидовме и отсвиревме. Многу од песните се импровизирани во студиото каде што снимавме, освен „Солариум“ која претходно беше отсвирена. Целта беше да се понуди на луѓето да видат како изгледа „Калико“ на проба, на суво, само тоа што „Калико“ може да го создаде во едно седење, без многу размислување.

Леон: Секогаш кога импровизираме и некој ќе стави да снима со телефон, песната е најдобра и потоа само го усовршуваме секој дел. Некогаш, пак, кога премногу пробувам, ништо не е како што треба.

Ана: Текстовите ги пишувам јас најчесто. За „Сино-сиво“ имаше еден дел што не ми одеше, па седнавме сите заедно да пробаме, но генерално другите не сакаат да се мешаат во тоа. Во последно време почнавме често да си зборуваме за каква слика имаме за песната. Текстовите обично ми текнуваат навечер, после проба. Мелодиите ми остануваат во глава и ми се вртат и така ми текнуваат некои стихови. Но, дефинитивно некој да ми каже ајде седни сега и напиши нешто, ништо нема да ми текне.

Колку ви е важно песните да функционираат како целина и да раскажат некаква приказна, наместо да бидат само индивидуални траки?

Леон: Сега пробуваме малку повеќе да ги средиме песните за новиот албум, да има некаква структура и кохезија. Целта е целиот албум да има некаква мисла која ги поврзува песните. Претходно не сме пробале тоа да го правиме. Секогаш се обидувам тоа што ќе го добијам преку импровизација подоцна да го рекреирам.

Ана: Интересно е дека, ако има некаков притисок најчесто песните на крај не се толку добри како кога го нема тој притисок. Кога сме во опуштена атмосфера најубаво твориме.

„Калико“ / Фото: Никола Атанасов – Деус

Атмосферата е многу доминантна во вашиот звук. Поважно ви е чувството или структурата на песната?

Александар: За мене се двете. Кога ќе излеземе и нешто за првпат свириме пред публика, и на публиката ѝ се допаѓа, ние сме пресреќни. Но, кога ќе се вратиме на проба и ќе сфатиме дека нешто не функционира, иако и се допаѓало на публиката, го менуваме затоа што, сепак, ова е наша музика. Па потоа и ја покажуваме таа промена на публиката. Затоа мислам дека двете се битни затоа што треба и публиката да го чувствува тоа што ние го чувствуваме во нашите песни, а и структурата за ние да се чувствуваме задоволни.

Ана: Чувството од публиката се приметува кога ние сме синхронизирани и соработуваме едни со други, тоа ни е многу важно. Многу се чувствува кога бендот ужива на сцена и автоматски се пренесува тоа во публиката.

„Калико“ / Фото: Никола Атанасов – Деус

„Калико“ се оформи во 2024 година, така што сѐ уште сте релативно нов бенд на македонската сцена. Според вашето искуство досега, дали е тешко младите групи да се пробијат на сцената?

Ана: Моментално мислам дека е достигнат врвот на раѓање на нови бендови. Сѐ повеќе се истакнуваат бендови од новиот бран. Денеска видов дека овој месец ќе има многу настани на кои ќе настапуваат нови млади бендови, некои и средношколци.

Леон: Мислам дека пост-ковид имаше нов бран на бендови. Не е тешко да се истакнат, проблемот е во тоа што сепак се истакнуваат пред помала селектирана група на луѓе, бидејќи алтернативната сцена е доста мала. Тешко е да се премине надвор од кругот на луѓе што меѓусебно се познаваат. Но, јас тоа го гледам како една голема дружба и сите свириме за убаво да си поминеме. Многу од луѓето не знаат ни дека постојат овие бендови.

Што планирате понатаму – нова музика, настапи и слично?

Горазд: Освен конкретната цел на снимање албум, моментално не се фокусираме на ништо друго. Главниот фокус ни е на таа идеја, сите други цели ги оставаме за иднина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот