Фотографот Стефан Соколовски, познат како Bad Stef/Фото: Приватна архива

Интервју со фотографот Стефан Соколовски: Гламурот на светските ѕвезди паѓа кога ќе ги запознаеш приватно

Македонскиот фотограф Стефан Соколовски, познат како Bad Stef, зад себе има импресивна меѓународна кариера што го води од модните недели во Париз, Милано и Њујорк, до соработки со светски модни куќи и јавни личности од А-листата.

Стефан Соколовски со манекенката Викторија Силвестед/Фото: Приватна архива

Неодамна се врати од кинескиот град Харбин, познат по најголемиот зимски фестивал, каде што секоја година се гради мал град од мраз. За љубовта кон фотографијата и како е да се фотографираат светските ѕвезди зборуваме во интервјуто за „Слободен печат“.

Ледениот град во Кина е твоето најново искуство, што беше поголем предизвик: студот или работата?

– Студот, дефинитивно! Навистина беше многу голем предизвик. На минус 30 степени дури и трепките и веѓите ми замрзнаа кога на пет минути ги извадив очилата. Работата со Кинезите исто така е многу напорна, бидејќи сè оди преку преведувач, а и самиот нивен принцип на работа е многу поинаков од нас, Европејците. Имаат многу правила, малку се затворени во размислувањето и никако не излегуваат од тие рамки, а сè уште функционираат во комунистички режим.

Стефан Соколовски во Кина/Фото: Приватна архива

Од каде потекнува љубовта кон фотографијата и кога сфати дека тоа ќе биде твојата професија?

– Самата љубопитност дојде уште на 14 години, кога го добив својот прв фотоапарат. Спонтано прерасна во професија, бидејќи имаше огромен интерес од мојата околина и голема побарувачка да ги фотографирам луѓето околу мене. Сè се случи некако многу брзо и едноставно стана моја професија со полно работно време.

Фотографираше жени и личности кои светот ги смета за „недостижни“, како Мадалина Генеа. Дали митот за гламурот паѓа кога ќе ги запознаеш приватно?

– Апсолутно да. Не само за неа, туку за сите личности од холивудската А-листа, супермодели и јавни личности што сум ги фотографирал. Во моментот кога ќе ги запознаеш и ќе се дружиш со нив, веќе не ги гледаш како славни личности. Понекогаш и самиот се чудам како е тоа можно, но на крајот на денот, сите сме луѓе.

Моден едиторијал во Кан, на покана од Филип Плејн – кој беше твојот прв впечаток?

– Тоа беше пред две години, за време на Филмскиот фестивал во Кан. Филип е мој соработник веќе три до четири години и секоја година прави неверојатни ревии и шоуa во својата огромна вила во Кан. Минатата година настанот беше во хотелот „Карлтон“ на самата плажа, а забавата што вие ја спомнавте, беше пред две години. Моето прво запознавање со него беше пред четири години во „Алијанц Арена“ во Милано, каде што имаше огромна ревија со повеќе од 4.000 гости. Секое негово случување е надминување на самиот себеси – секогаш е вложено беспрекорно многу, се внимава на секој детал, а луѓето кои присуствуваат на неговите настани се секогаш најдобрата селекција од модниот и бизнис светот.

Кампања за Ели Саб е сон за многумина. Што најмногу научи од таа соработка?

– Дека сè е можно и дека не треба да се плашиме да сонуваме. Дека граници не постојат и дека треба да бидеме трпеливи за вистинските работи да дојдат.

Кога работиш со големи светски тимови, што е најголем предизвик зад сцената?

– Да се биде многу снаодлив, брз, претпазлив, итaр и комуникативен. Бидејќи една мала грешка или погрешен потег зад сцената може да те чини многу. Во тие последни часови пред самата ревија владее најголема тензија и стрес за сите членови на тимот, и таму буквално може сè да се случи.

Стефан Соколовски со светскиот топ модел Петра Немцова/Фото Приватна архива

Колку е тешко да се работи со луѓе со инстант слава и што најмногу им недостасува?

– Не сакам да звучам нескромно, но сметам дека ги „магистрирав“ сите карактери на луѓе и навлегов длабоко психолошки во сите типови личности, бидејќи сум работел со огромен број различни карактери. Затоа, веќе ми доаѓа природно и спонтано како да се поставам со секого. Доколку се работи за луѓе кои глумат и имаат потреба од ласкање и лажно его, тогаш ја играм нивната игра и соработката оди одлично.
Ако станува збор за зрела личност, постапувам нормално и дури и по самото фотографирање се води високо интелигентна конверзација. Моето однесување е огледало на нивното, но без разлика на тоа, секој го прикажувам во најдоброто светло на фотографиите. Секој мој клиент или соработник изгледа неколкупати погламурозно на моите фотографии отколку во живо, секако со голема заслуга и на подготовката како што се шминка, фризура и стајлинг.

Како се останува приземен во овој свет и колку внимаваш на модата?

– Самиот факт што сè уште живеам во Македонија ме приземјува максимално (хахаха). Мислам дека никогаш нема да бидам како луѓето што глумат ѕвезди, бидејќи секој што знае колку вреди нема потреба да се докажува.

Што се однесува до модата, кога си дел од овие социјални кругови, искрено, немаш избор. Мораш да внимаваш, бидејќи модата е составен дел од животот. Тоа ми е и најголема мака, постојано да бидам подготвен за секое патување и за секоја модна недела, со однапред испланирани комбинации и целосно подготвени изгледи. Колку и да звучи смешно, тоа е неверојатно исцрпувачко. И колку и да е тажно, но е вистина, во модниот свет првиот впечаток е пресуден. Понекогаш со познати личности имаш само неколку секунди за запознавање и доколку не им се допадне твојот изглед, понатамошна комуникација и не постои. Ова правило особено важи во високите кругови во Париз.

Стефан Соколовски/Фото: Приватна архива

Кој момент беше пресуден да поверуваш дека македонски фотограф може да успее глобално?

– Сè уште ми е тешко целосно да поверувам, но кога ќе сфатам дека сум во пет држави месечно, тогаш го процесирам тој факт. Без разлика од каде доаѓаш, ако имаш голема љубов кон тоа што го работиш, дисциплина, вложуваш многу труд, имаш силна мотивација и инспирација и работиш со луѓе кои ја препознаваат твојата вредност и го ценат твојот талент, сè е можно. Светот е, всушност, многу мал и има простор секој да се изрази доколку знае како.

Кои се идните планови и предизвици?

– Моменталната агенда ми се состои од неколку фотосесии во Мадрид. Потоа, цел февруари е резервиран за модните недели во Њујорк, Милано и Париз. Тоа се најбитните и клучни светски модни настани. Потоа, следат Лондон и Мајами, а кон крајот на мај и Филмскиот фестивал во Кан. Сè ми е испланирано до почетокот на јуни, а за периодот потоа, сè уште ги кројам плановите. Се надевам дека во наредниот период ќе се случат многу убави и интересни соработки за кои со задоволство ќе ви раскажам.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот