Интервју со Даријан Трајанов, експерт за промоција на здравје: Македонците имаат спортски успеси, но недостасува победнички менталитет
„Спортистите не се машини. Tие се луѓе со емоции, кои секојдневно се соочуваат со високи очекувања, притисоци, порази, неуспеси, како и чести промени на средината и клубовите во кои настапуваат. Сите овие фактори имаат директно влијание врз нивното ментално здравје“, вели тој.
Македонија низ годините знаела да се израдува на големи спортски успеси – од незаборавни кошаркарски победи, преку ракометни триумфи, до индивидуални подвизи што ја ставија земјата на светската мапа. Но, зад секој резултат што го славиме стојат години работа, одрекувања и силна психолошка издржливост, која често останува во сенка на медалите и трофеите. Токму прашањето како се гради таа внатрешна сила, но и колку општеството вложува во здравјето – и физичко и ментално – сè почесто се наметнува како исклучително важно.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
За овие теми разговараме со Даријан Трајанов, кој активно работи на промоција на здрави животни навики и ментална подготвеност кај младите. Тој е автор на проектот „Јас можам – создавање победнички менталитет“.
Даријан, вие сте магистер по јавно здравје и веќе некое време го промовирате спортот како значаен дел од здравиот начин на живот. Колку Македонците навистина се свесни за важноста на физичката активност и менталното здравје, и каде најчесто правиме грешка?
– Најпрво, ви благодарам за можноста. Спортот е составен дел од моето секојдневие, а неговата улога не ја гледам само во градењето здрави навики, туку и во развојот на личноста – особено кај младите, преку дисциплина, одговорност и создавање вистински животни вредности. Кога станува збор за свесноста кај Македонците, може да се каже дека таа постои, но сè уште не е доволно развиена.
Постојат поединци кои се грижат за своето здравје – водат грижа преку редовни превентивни прегледи, практикуваат различни форми на физичка активност и посветуваат внимание на своето ментално здравје. Овој пристап е позитивен пример кој навистина радува. Сепак, реалноста покажува дека сè уште се соочуваме со висок степен на физичка неактивност, неправилни навики во исхраната, висок процент на возрасни и млади со прекумерна тежина и зголемена појава на нарушувања на менталното здравје, од кои најчести се: депресија и анксиозност.
Клучната грешка според мене, е тоа што грижата за здравјето не се поставува како приоритет, туку се реагира дури кога ќе се појави одреден здравствен проблем. Недоволно се работи на градење на култура на превенција на здравјето кај популацијата. Мора да разбереме дека здравјето е пред сè! Од аспект на системот, потребно е значително поголемо ангажирање и вложување во промоција на здравјето и здравствена едукација кај луѓето, особено во образовните институции кај младите. Грижејќи се за здравјето, значи дека се грижиме за животот и иднината на секој поединец, на секое општество!

Во последно време сè повеќе се отвора темата за менталното здравје кај спортистите. Колку е тоа навистина сериозен и присутен проблем кај нас, и дали спортистите добиваат доволна психолошка поддршка?
– Спортистите не се машини. Tие се луѓе со емоции, кои секојдневно се соочуваат со високи очекувања, притисоци, порази, неуспеси, како и чести промени на средината и клубовите во кои настапуваат. Сите овие фактори имаат директно влијание врз нивното ментално здравје.
Во светски рамки, сè поголем број врвни спортисти јавно говорат за своите искуства со менталното здравје, укажувајќи на важноста од навремена поддршка и превенција. Истражувањата во оваа област покажуваат дека околу 35 отсто од елитните спортисти се соочуваат со состојби како анксиозност и депресија. Сè почесто е присутен и синдромот на професионално согорување (burnout).
Од мојата директна комуникација со спортисти во Македонија, можам да кажам дека и кај нас има спортисти кои се соочуваат со ниска самодоверба, страв од грешка и неуспех, стрес, превисоки очекувања, негативни емоции, анксиозност, професионално согорување. Сметам дека кај нас сè уште не се посветува доволно внимание на менталното здравје во спортот. Свесноста е на незадоволително ниво, а психолошката поддршка не е доволно системски интегрирана помеѓу спортските структури. Во светот некои од најголемите спортисти на еден многу позитивен начин јавно говорат за поддршката која ја добиле од нивните спортски психолози и соработката која ја имаат со нив. Сметам дека ова е клучен момент за промоција на важноста на спортската психологија и работа на менталното здравје кај спортистите.
Доколку сакаме да градиме здрави спортисти, а потоа и врвни резултати, неопходно е на промоција на менталното здравје во спортот да и се даде значаен приоритет. Во таа насока, потребно е активно вклучување на спортски психолози во клубовите и репрезентациите, едукација на тренерите и родителите, како и создавање средина во која спортистите ќе ја добијат поддршката за да можат успешно да се соочат со предизвиците. Јас преку мојата работа и иницијативи, максимално се обидувам да придонесам кон подигнување на свеста за оваа тема. Но покрај ова потребен е и системски пристап и заедничка вклученост на сите релевантни чинители.
Низ годините, македонските спортисти постигнуваа значајни успеси на европската и светската сцена, но често се остава впечаток дека недостасува континуитет. Дали токму менталниот аспект е клучната алка што недостига, и како всушност се гради т.н. победнички менталитет?
– Македонските спортисти низ годините покажале и докажале дека поседуваат квалитет, талент и потенцијал за врвни резултати на меѓународната сцена. Сепак, кога зборуваме за континуитет, станува збор за комплексен процес во кој повеќе фактори играат улога – системска поддршка, услови за работа, стручни кадри, но и менталната подготвеност.
Менталниот аспект е една од клучните алки, особено кога станува збор за одржување на високо ниво на перформанс во континуитет. Во спортот, разликата помеѓу добар и врвен резултат често се прави во моментите на притисок, кога одлучуваат фокусот, самодовербата и способноста да се носиш со неуспех. Победничкиот менталитет не е нешто со кое се раѓаме, туку нешто што се гради. Тој се развива преку процес на – работа на себе, дисциплина, соочување со предизвици, прифаќање на одговорност, желба да се учи од поразите и грешките. Во тој процес, огромна улога имаат и семејството и образованието. Семејството е првата средина во која се формираат вредностите, самодовербата и односот кон успехот и неуспехот, додека образовниот систем и тренерскиот кадар имаат клучна улога во насочувањето, поддршката и развојот на младите спортисти. Континуитетот во остварување на врвни резултати не е случајност, туку плод на јасно поставен систем и концепт на работа, во кој подеднакво внимание се посветува на работа на физичката подготовка, ментално здравје и градење на победнички менталитет кај спортистите.

Неодамна го организиравте панелот „Јас можам – создавање победнички менталитет“. Каква беше реакцијата од посетителите и што беше клучната порака што сакавте да ја пренесете?
– „Јас можам – создавање победнички менталитет“ е мој проект кој има за цел промоција на менталното здравје, градење на победнички менталитет, градење здрави навики и личен развој кај младите. Темата на овој прв панел во рамки на проектот беше: Како да веруваш дека и ти можеш?
Реакцијата од посетителите беше навистина одлична и над моите очекувања. Имавме полна сала со повеќе од 120 присутни, што само по себе говори дека постои интерес и потреба за вакви теми и настани во нашето општество. Атмосферата беше исполнета со позитивна енергија, искрени емоции и отворена комуникација, што за мене претставува најголема вредност. Особено ми беше важно што публиката активно се вклучуваше, поставуваше прашања и споделуваше свои размислувања. Тоа покажува дека темата и пораката допреа до луѓето.
Клучната порака што сакавме да ја пренесеме е дека победничкиот менталитет не е резервиран само за спортистите, туку е применлив во секој аспект од животот. Тоа е начин на размислување кој се гради – преку дисциплина, работа на себе, прифаќање на предизвиците и учење од неуспесите. Проектот „Јас можам“ се фокусира кон тоа – да ги мотивира и охрабри младите да веруваат во себе, да работат на својот личен и професионален развој и да сфатат дека успехот не е момент, туку процес.
Најголемиот успех за мене беше тоа што луѓето си заминаа од настанот со позитивни мисли и уверувања дека навистина можат!
На панелот учествуваа успешни спортисти. Колку е важно младите да слушнат искуства од прва рака, а не само теоретски совети?
– Најпрво ми е огромна чест што на овој прв панел како панелисти ги имав Владо Илиевски – легенда на европската и македонска кошарка и Радмила Јованова – ултрамаротнка со врвни свестки резултати постигнати во овој спорт. Искуствата од врвни спортисти, победници во секоја смисла на зборот како: Владо Илиевски и Радмила Јованова, имаат непроценлива вредност, особено кога станува збор за младите.
Теоријата е важна и дава насока, но вистинското влијание доаѓа кога младите ќе слушнат реални приказни – за предизвиците, падовите и процесот кој стои зад успехот. Кога успешни спортисти искрено зборуваат за своето патување, младите можат полесно да се идентификуваат со нив. Тогаш успехот престанува да изгледа недостижен и станува реален и остварлив. Тие гледаат дека зад секој резултат стојат години работа, дисциплина и надминување на тешки моменти. Особено е важно што преку ваквите искуства се рушат и одредени митови – дека успехот доаѓа преку ноќ или дека е резултат само на талент. Наместо тоа, се гради свесност дека успехот е процес, а не случајност. Затоа, ваквите настани имаат силно едукативно и мотивациско влијание. Тие не само што инспирираат, туку и даваат конкретна насока како да се размислува, како да се носат одлуки и како да се гради победнички менталитет. Младите не учат само од тоа што ќе им го кажеме – туку од тоа што ќе го почувствуваат преку вистински примери.

Што следува понатаму со проектот „Јас можам“? Дали планирате нови активности?
– Проектот „Јас можам“е замислен како долгорочна иницијатива, а не како еднократен настан. Првиот панел беше само почеток кој има за цел да влијае позитивно врз промоција на здравјето, градење на победнички менталитет, развојот на младите и општеството во целина.
Во наредниот период, планираме организација на нови панел-дискусии со различни говорници од повеќе области со цел да понудиме поширока перспектива и инспирација. Дополнително, во план е проектот да се прошири и во други градови низ Македонија, со што ќе овозможиме оваа порака да допре до што поголем број млади луѓе.
Мојата визија е „Јас можам“ да прерасне во платформа која ќе инспирира, едуцира и поврзува – место каде што младите ќе добијат поддршка, насока и мотивација да го развијат својот потенцијал. Ова не е само проект – ова е движење кое има за цел да создаде генерации што ќе веруваат дека навистина можат.
Кој е вашиот најважен совет до младите спортисти кои се двоумат, се соочуваат со притисок или не веруваат доволно во себе?
– Најважниот совет што би им го дал е да не се откажуваат од себе, дури и тогаш кога работите не одат според планот. Двоумењето, притисокот и несигурноста се природен дел од патот – тие не се знак на слабост, туку дел од процесот на растење и созревање. Секој спортист и секој човек од која било друга област на делување, без разлика колку е успешен, поминал низ моменти на сомнеж, страв и неуспех. Она што ги прави различни не е тоа што никогаш не паднале, туку тоа што научиле како да станат и да продолжат понатаму.
Многу е важно младите да разберат дека самодовербата не доаѓа преку ноќ – таа се гради со работа, дисциплина и континуирано надоградување на сопствените вештини и знаење. Исто така, да не се двоумат дали да побараат поддршка или помош доколку сметаат дека им е потребна – од тренер, од семејство или од стручно лице, затоа што на тој начин си помагаат на себе и на својот развој. Да не се споредуваат со другите и да се фокусираат на сопствениот напредок. Секој има свој пат и свој процес. Вербата во себе не значи дека секогаш ќе победиш – туку дека нема да се откажеш, без разлика колку пати ќе паднеш.


