Интервју со Дац и Александар: Имаме букет од љубовни песни за лежерна атмосфера на 8 Mарт

Фото: Приватна архива

Александар (Митевски) и (Драган Спасов) Дац се нетипично дуо. Едниот, извонредно познат во музичкиот свет како плоден автор на музика, пејач, аранжер и текстописец, другиот, првенец на Драмскиот театар во Скопје и еден од најнаградуваните актери кое нашето глумиште воопшто ги изнедрило.

Нивниот „вишок“ на креативна енергија вроди со плод, непосредно пред, а посебно во времето на короната. Уште еден доказ дека човечкиот дух и креативност не може да ги попречи пандемијата, ограничувањата на движење итн. По пандемијата – експлозија на нивната продукција и популарност.

Повод за ова интервју е нивниот настан по повод 8 Mарт, кој првпат годинава како нетипичен начин на славење на жената ќе се случи во Драмски театар Скопје.

Ќе одржите концерт на 8 март во Драмски театар, како е замислен овој настан со убав повод, што ќе биде на Вашиот репертоар?

– Во „Драмски“ за 8 Март подготвуваме амбиент за лежерна, опуштена атмосфера за дружење со нашите почитувачи. Во првиот дел на овој настан, со нашиот бенд подготвивме букет од љубовни песни (наши авторски песни, омилени македонски и ЈУ шлагери) кои со неколку наши специјални гости ќе ги запееме заедно со нашата верна публика. Во вториот дел, сите присутни (a владее голем интерес за обезбедување на билети за овој настан) во една нетипична клупска атмосфера, во фоајето на „Драмски“ ќе уживаат во нашата музика со специјална закуска и одбрани пијалаци. Дел од овој наш нетипичен перформанс ќе биде насочен и за хуманитарни цели, имено, ќе се донираат средства за две семејства кои имаат потреба од подобри услови за живот.

Целиот настан ќе трае минимум три часа и е предвиден за 300 луѓе (колку што дозволува просторот) и тоа ќе биде една тет-а-тет интимна музичка дружба со нашата публика и затоа велиме дека „нема реприза“. Веќе приближно половина капацитет е исполнет од првите денови од нашата објава на настанот до сега, а сите што сакаат да се дружат со нас пожелно е поскоро да си набават влезници преку „Купи карти за сѐ)“ и во Југотон ГТЦ. Во целата идеја и реализација на настанот ни помогнаа и неколку наши компании и пријатели кои ќе ги објавиме и ќе им се заблагодариме на концертот. Ќе биде тоа еден 8 Март кој ќе се памети.

Фото: Приватна архива

Денот на жената се искомерцијализира на некој начин последниве години, а неговата порака е далеку од масовните кафеански прослави. Што претставува за Вас 8 март?

– Токму затоа сакавме да го разбиеме малку тој стереотип за масовно кафеанско славење на овој празник. Како што може да се слушне во нашите песни и изведби, ние ја славиме жената и љубовта цели 365 дена во годината, а сега тоа сакавме да го крунисаме со еден убав настан, ноќ составена во два дела каде ќе царуваат љубовта, романтиката и носталгијата.

Фото: Приватна архива

Минатата година, Дац се ожени, без претходно да знае. Александар, раскажи ни кој и како го смисли целото тоа сценарио?

– Тоа беше навистина едно непредвидено до крај, речиси филмско сценарио, а Дац воопшто немаше поим за целата работа. Целата „ујдурма“ ја организираше неговата Весна, со моја асистенција, нашите поблиски пријатели и менаџментот и амбиентот на клубот „Трибека“, каде редовно имаме настапи. Сé се случи на роденденот на Дац; се купија прстени, се повика нашиот пријател, матичарот Роки (кој од нас неодамна доби „Љубовен пасош“), ја заградивме скришно бината за да не може нашиот иден „зетко“ да избега од ненајавената венчавка. Во паузата на нашиот настап, нашиот диџеј Миле пушти свадбен марш и Дац мислеше дека некој друг ќе се жени или мажи затоа што родендени, предлагање на бракови и разни прослави секогаш се неизоставен дел од нашите настапи. Весна, невестата, и нејзините другарки деверуши се појавија, дојде Роки со книгата на венчани за потпис, на Дац му ставивме „пеперутка“ машна и тоа беше тоа. Цела кафеана грмна во делириум. Прво мислеа дека нешто изведуваме и глумиме (постојано правиме некои изненадувања), но потоа се виде дека сето тоа е вистина. И од тогаш до денес, „младите“ живеат среќно и весело…

Фото: Приватна архива

Дац, ако се навратиш токму на моментот кога ја виде твојата сакана со вел и дозна што ти се „подготвува“, на што прво се помисли, како во тој момент се почувствува?

– Прво што ми падна на памет е некоја од шегите што редовно ми ги приредува, сега веќе, сопругата Весна, но кога ја видов со велот на глава, сите други жени со ленти на главите, како вовед дека сепак не станува збор за шега, и кога конечно го видов матичарот Роки со книгата за потписи – ми стана јасно. Александар ми стана кум, а нашата другарка Сандра – старосватица. Беше навистина убаво изненадување. Обично ги насетувам работите, но овој пат буквално бев затечен, и не жалам за ниту еден момент кој подоцна се случи.

Фото: Приватна архива

Секогаш имате оригинални идеи: „Љубовен пасош“, љубовни песни во време на корона, „Ново руво“, преработки на песни за нашите градови…, што е следното?

– Цела година делиме наши љубовни пасоши на личности кои го заслужиле тоа и кои со своите дела ги спојуваат луѓето, шират љубов и позитива, градат мостови на пријателство. Бевме гости на неколку амбасадори од наши соседни држави кои ја препознаа нашата идеја. Во короната направивме и Јутјуб- емисија „Уште ми фалиш“ каде ни гостуваа познати личности, наши пријатели. Желба ни е тој проект да продолжи во еден телевизиски формат и полека преговараме за тоа. Веќе трета година сме и бренд амбасадори на нашиот врвен македонски бренд „Витаминка“ и преку нашите секојдневни случки и досетки ги промовираме нивните производи. Се работи на нова песна која би требало да се појави пред летото, па потоа на есен, здравје боже, и ново ЦД „Песни што народ ги сака – број 3“.

Во секојдневен контакт сме со нашата драга публика и тие нé сакаат и поддржуваат затоа што каде и да одиме ги веселиме и забавуваме, секаде стекнуваме пријателства. Ние покрај љубовта промовираме толеранција, естетика, македонски јазик, истовремено ставајќи го нашиот јазик и песна на рамноправно рамниште со другите музички култури и јазици, исто така убави и вредни на почит. Преку нашите настапи се обидуваме да ги промовираме основните човечки вредности и доблести. По нашите настапи, луѓето заминуваат збогатени за повеќе нешта, не само со чувството на убав помин.

Фото: Приватна архива

Функционирате одлично како дуо. Сепак, има ли моменти кога потешко се согласувате поради различни мислења или различни карактери – и приватно и музички?

– Обично идеите ни се усогласуваат, но има и креативни подбуцнувања и шеги еден кон друг, секако, додека не се избистри идејата. Сепак, ние сме луѓе кои не се случајно во уметноста, Дац како актер, Александар како музичар, а дуото како последица на професионалци вљубени во музиката и во убавиот збор.

На еден од Вашите неодамнешни настапи запеа и Брејк, кој подолго време не е официјално активен во музиката. Како се случи тоа?

– На секој наш настап во „Трибека“ често оставаме, предвидуваме „простор“ да се појави некој наш музичар, пејач, актер и да се претстави во едно поинакво светло, а во наша придружба. Досега на гости ни беа оперскиот пејач Благој Нацоски, Сашко Коцев, Јаков Дренковски, Жаки Стевковска, Росана Сариќ Тодоровска, па дури и „Тито“ ни дојде (Ранко Рангелов). Брејк беше минатата забава, тој е наш редовен гостин, но никогаш и никој не може да го натера да запее. Сепак, соработката што ја имаа порано Александар и Брејк беше причина тој да го земе микрофонот и да запее на Денот на вљубените. Сите ни велеа: Кај ви текна на тој ден и на тој човек да му смислите кога да се појави и што да отпее, на задоволство на публиката. Ќе има уште изненадувања во периодот што следи.

Фото: Приватна архива

И на Росана Сариќ-Тодоровска како да ѝ направивте своевиден камбек, имате ли слични идеи и за други колеги кои долго не пееле?

– Росана е наша драга пријателка, пред сé, а со Александар имаат убава соработка. Во животот ѝ се случија неколку горчливи мигови, кои ја принудија да биде повлечена од јавноста и не ѝ беше до песна. Ја препеавме заедно „Едно срце имам душо“ и ја вративме на сцената на барање на публиката. Росана е голем професионалец и сега е наш постојан гостин на некои места каде што настапуваме и одлично се снаоѓа во сите жанрови на музиката. На шега велиме „ја чекаме уште и Маријана да дојде, па да направиме опасен квартет“.

Повеќе интервјуа на Милица Џаровска:

Искрено со Игор Џамбазов: Со Илина не сме веќе заедно, далечината си го направи своето

Интервју со Дарио: Зборови отровни се како страшни шумски пожари

Интервју со Сузана Турунџиева: Уште живеам под кирија, моите ќерки не добиваа ни алиментација ни пензија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот