Интервју со Дарио: Зборови отровни се како страшни шумски пожари

Фото: Приватна архива

Вели дека со најголем ентузијазам се подготвува за двата концерта, на 17 и на 18 февруари, во Филхармонија, во организација на „Авалон“. Февруари е среќен месец за Дарио, и пред 17 години, во истиот месец наполни четири Универзални сали за една година.

По 40 години кариера, македонскиот кантавтор вели дека е „стара школа“. Ги сака истите нешта, време за себеси и за најблиските, а за социјалните мрежи и отровните зборови што ги среќава, вели дека за него тоа не е нормално, и ги опишал во една негова претходна песна.

Дарио со љубов зборува и за својата сопруга Бојана, која му го сменила начинот на живот, а најголемо богатство им се синот Бруно и ќерката Андреа, која се омажи минатото лето.

Закажан е и втор концерт во Филхармонија, по оној на 17 февруари, ќе настапите на 18-ти. Луѓето се желни за добра стара музика, желни се за музиката на Дарио или има и од двете?

– Луѓето се желни за МУЗИКА, вистинска музика во која има текст, порака, емоција, естетика и рефрени за масовно пеење кои остануваат да живеат со децении. Таква музика во земјава се правеше интензивно пред две-три децении, кога речиси секоја недела се промовираше по еден вистински мегахит. Јас ја имав таа среќа да бидам еден дел од тој полетен музички период полн со ентузијазам, неповторлива креативност и зачудувачка инспирација на авторите, така што, да… би рекол дека има и од двете и јас најискрено ѝ се заблагодарувам на мојата публика.

Што ќе слушаме на концертите, како го избра репертоарот?

– Тешко е да се одговори на ова, но наједноставно кажано, ќе слушаме од сè по нешто и за секого по нешто, заедно ќе пропатуваме низ времето во една музичка капсула. Инаку, репертоарот вообичаено го избирам според вкусот и реакциите на публиката на одредени докажани песни, но јасно ми е дека никогаш не може стопроцентно да се задоволат баш сите вкусови.

Ако некој растел со „Косоока“, некој пиел на „Дупла вотка“, за некој рефренот „Мајко моја роди ме“ е вечен хит, кои се твоите животни песни, од твојот репертоар, поврзани со некоја лична приказна?

– Секоја од моите песни ме поврзува со одредени емоции што сум ги чувствувал во моментот на нивното создавање, но мојата лична приказна е сместена во „Човек без спомени“ и делумно во „Зајди јасно сонце“.

Фото: Приватна архива

За себе знаеш да кажеш дека си „стара школа“. Кога сме кај старите времиња, како ти лично гледаш на слободата на говор на социјалните мрежи, дали со дигиталното време во кое живееме, добивме повеќе корист или штета?

– Не сум воопшто зависник од социјалните мрежи, ги користам официјално само во функција на моите музички активности. Што се однесува, пак, до медиумите на социјалните мрежи, страшно ме иритира тоа што гледам дека денес секој смее да си дозволи тенденциозно да извади нечии зборови од контекст и да стави скандалозен иритирачки наслов, кој потоа нанесува штета и предизвикува – како што вели мојата песна „зборови отровни се како страшни шумски пожари“ – негативни коментари, па дури и говор на омраза и сето тоа само поради тие пусти „кликови“.
Извинете, можеби сум јас „old school“ (стара школа), но тоа за мене воопшто не е нормално и нека им служи на чест!

И порано, ти и твоите колеги распродававте концерти што се рекламираа со плакати, со ТВ-реклами, со објави во весници. Кои беа твоите последни такви солистички концерти?

– За потсетување, пред 17 години четири пати ја полнев Универзална сала во рок од само една година, без постоење социјални мрежи, портали, „кликови“, „лајкови“ и тенденциозни коментари. Едноставно, само јас и МОЈАТА публика!

Со оглед на тоа што знам дека сакаш да си посветиш време себеси, како функционираш деновиве со проби, гостувања на ТВ, каков си по дома, има ли позитивна трема или нервоза што им ја пренесуваш и на домашните?

– Во пресрет на најавените концерти најмногу ми недостига токму тоа време за себе, затоа што деновите ми се комплетно исполнети со проби, медиумски гостувања, телефонски контакти и еден куп други помали или поголеми подготовки на разни фронтови. Позитивна адреналинска трема има, а има и по некоја спорадична нервоза, претежно поради мојот непоправлив перфекционизам, но некако успевам да се справам со сѐ. Се трудам работната тензија да не ја носам дома, затоа што тоа е мојата мирна оаза по сите интензивни дневни активности.

Дарио со сопругата Бојана, синот Бруно и ќерката Андреа на нејзината венчавка / Фото: Приватна архива

Секој родител е слаб на своите деца, а секој татко има посебна врска со својата ќерка, како што е и твојот случај со Андреа. Им даде ли на младенците некој важен совет кога минатото лето правеа свадба?

– Целата оваа констатација околу посебната врска „држи вода“, но и двајцата беа доволно возрасни, свесни и независни за јас да им давам некакви совети.

На сопругата Бојана ѝ ја посвети песната „Армија“. Долги години сте заедно, кој е нејзиниот најсилен печат?

– Нејзиниот најсилен печат е тоа што по нашето запознавање, го смени на подобро целиот мој начин на живот и размислување, во однос на претходниот период.

Твоите концерти и општо почестите настапи на домашните изведувачи како да даваат надеж дека македонската музика мрдна од мртва точка – кое е твоето мислење?

– Да се надеваме дека е така и дека тоа ќе продолжи по нагорна линија, а мене ми е драго ако и моите концерти бидат дел од таа иницијална каписла, но тука секако огромна и главна улога игра македонската публика и македонската јавност со своето освестување за поддршка на своето, домашното, националното… колку поголема поддршка од публиката, толку поголем квалитет на песни, концерти, спотови, имиџ итн.

Фото: Приватна архива

Незаборавна е твојата изјава дека „те мрзи да го освојуваш Балканот“. Со оглед на ентузијазмот што го даваш овде последниве години со нови песни и настапи, размислуваш ли за промоција и на регионалниот пазар?

– Точно така, буквално ме мрзи и навистина немам желба да одам во некакво освојување други музички пазари, што патем речено е пат преполн со безброј препреки и прекриен со кал и трња, а јас за такво нешто немам ниту потреба, а уште помалку нерви.

Целиот мој ентузијазам, адреналин и инспирација со задоволство ќе ги вложам овде, за оваа моја публика, затоа што како што деновиве нагласив на моите профили на социјалните мрежи: ВРЕМЕ Е МАКЕДОНСКАТА ПОП-МУЗИКА ДА СЕ ВРАТИ ДОМА НА ГОЛЕМА ВРАТА!

Повеќе интервјуа на Милица Џаровска:

Искрено со Игор Џамбазов: Со Илина не сме веќе заедно, далечината си го направи своето

Интервју со Сузана Турунџиева: Уште живеам под кирија, моите ќерки не добиваа ни алиментација ни пензија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот