Интервју со Ангел Коруновски за изложбата „Лица“: Интимна опсервација на микросветот на глобализацијата
Самостојната изложба „Лица“ на мултидисциплинарниот визуелен уметник и скулптор Ангел Коруновски во текот на јануари е поставена во галеријата „Мала станица“ во Скопје, а покрај визуелните сензации, изложбата поттикнува и подлабоки размисли за светот во кој живееме.
Препорачано
Делата на изложбата „Лица“ се чин на емпатија и бунт – визуелно сведоштво за луѓе што искрено се обидуваат да живеат, да останат луѓе, среде корупција и хаос. Тие стојат како сведоци на тивко достоинство, потсетувајќи дека зад секој фрагмент од вестите и зад секој глобален наратив, постои вистинско лице, вистински живот и невидена вистина под површината на модерната бучава.
Секој портрет произлегува од слоеви на искинати весници – фрагменти од масовни медиуми кои го претставуваат огромниот тек на глобални информации. Самите материјали, некогаш носители на јавна вистина, се пренаменети во интимни, лични наративи. Експресивните ознаки и дамки стануваат траги од емоции, отпор и преживување во рамките на системи што постојано ја бришат индивидуалноста.
Низ разговор со авторот Ангел Коруновски ги разоткриваме слоевите на изложбата.
Во мултимедијалниот центар „Мала станица“ при Националната галерија во Скопје е поставена твојата изложба со наслов „Лица“. Станува збор за грандиозна изложба што содржи скулптури и комбинирани дела. Колку време беше потребно да ја подготвиш изложбата?
– Изложбата „Лица“ претставува сложена перцепција на човекот и на неговата присутност во создавањето на сликата на постоење и битисување во денешниот свет. Како комплексен приказ на лицето на времето прикажано преку, условно кажани, портрети како автор си поставив задача што поверодостојно да ја прикажам состојбата на замолчените, анонимните и занемарените поединци, кои се движат низ сложеноста на глобализираниот и корумпиран свет. Целта ми беше да се инспирирам од човечкиот лик, кој во денешницата е занемарен или, ако сакате, замолчен, дистанциран од креирањето на околината…
Портретот, или ликот, отсекогаш бил инспирација за многу дела што обележале цели епохи на културно воздигнување на нациите, но, пред сѐ, на глорификација на човештвото. Денес ние не забележуваме… реално ние посматрачите (луѓето) не ги согледуваме соговорниците, случајните минувачи. Поради фрустрирачкиот визуелен хендикеп на глобалната перцепција кон луѓето, како автор почувствував потреба дека треба визуелно да го забележам овој феномен на игнорирање на човештвото изразено преку сублимиран приказ на човекот со најпрепознатливиот впечаток на ЛИЦАТА.
Изложбата е подготвувана една година како концепт, составена е од три дела што ве воведуваат во крајниот сублимиран дел, кој претставува своевиден крик со наслов на серија дела „Неприметните лица на глобализацијата“.

Дали беа потребни адаптации при поставувањето на изложбата во просторот на галеријата, имајќи предвид дека има и грандиозни скулптури?
– Како најсоодветен простор за реализација на изложбата „Лица“ го увидовме просторот на мултимедијалниот центар на Националната галерија во Скопје, „Мала станица“. Адаптации на просторот секако дека беа потребни. Благодарение на одличниот тим предводен од кураторот Горанчо Ѓоргиевски се адаптира голем дел од просторот на „Мала станица“ (поточно трите горни хали) за потребите на изложбата.
Првата фаза во централниот дел ги опфаќа цртежите – скици и реализираните монументални дела. Таа го следи патот на уметничката идеја од првиот импулс, преку линијата и формата до нејзиното материјализирање во простор. Монументалноста тука не е само прашање на размер, туку на внатрешна сила, експлозија и интензитет.
Втората фаза, која започнува во крајниот дел лево, е посветена на портрети на значајни историски личности и моменти. Овие портрети не се документарни прикази, туку интерпретации на карактерот, духот и трајното влијание што овие личности го имаат врз колективната меморија. Лицето станува носител на историја, став и одговорност.
Третата фаза, која започнува од крајната просторија во десниот дел, а завршува во просторијата во која се наоѓаме со делото „Протест“, ја заокружува изложбата и го отвора просторот за лична рефлексија, поврзувајќи го индивидуалното со универзалното и минатото со сегашноста.
Изложбата „Лица“ нè повикува да погледнеме подлабоко – не само во претставените творби, туку и во сопственото доживување на лицето како идентитет и присуство.
Со каков емотивен влог влезе во подготовката на изложбата?
– Изложбата е екстремно интимна, произнесена како пристап на реализација кон лично зададената тематика „лица“ како опсервација на микросветот на глобализацијата. Проткаена низ интимниот поглед кон човековото лице како одраз на времето во кое постоиме.
Можам да сублимирам дека пораката и визуелната естетика во изложбата е универзална. Пристапот на создавање на портрет не ми беше буквален, се обидов лицата да бидат универзално енергетско ширење на ликот што ќе допре до сите нас без маргини, без ангажираност.

Чии лица ти беа најголема инспирација?
– Во првите две фази црпев инспирација од опкружувањето во секојдневието, на пример, обожавам да одам на пазар каде што можете да сретнете луѓе што без особен интерес разговараат и споделуваат зборови и плитки емоции едни со други, едни како потрошувачи, други како понудувачи – интересен спој на конверзација за мене како автор, инспиративна рустикална перцепција на лица.
Во монументалните скулптури секогаш ми била важна пораката што делото ја носи. Тоа може да се прикаже и преку ликовен израз, во овој случај моделација, пропорции, гестикулација итн.
Денес се инспирирам најчесто од младите, поточно од моите синови, нивните пријатели и пријателки, тие се огледало, но и претскажување на сегашноста и иднината. Младите се лицата на сегашноста, убави, нерасипани, невини, но и неспознаени.
На секој портрет се нанесени слоеви со искинати весници. Со каква порака?
– Да, во самите портрети има врежано пораки (исечоци од весници), кои композициски го надополнуваат делото, но и насочуваат кон зашеметеноста од брзите, пласирани и често лажни информации кои влијаат на јавното мнение, а со тоа и го дистанцираат поединецот од неговото самооткривање и индивидуално влијание кон околината.
Каков личен чин претставува создавањето на изложбата?
– Изложбата за мене, како автор, е најбитниот чин на јавно прикажување на нашите најдлабоки чувства, мисли, видувања, тоа е еден сублимат на нашата визуелна перцепција, анализа и синтеза на нашата мисла и ликовно делување преку краен чин на јавно излагање.

Познат си како автор на монументални скулптури во јавен простор. Како ја направи селекцијата на скулптурите што се дел од изложбата „Лица“?
– Јас сум скулптор што голем дел од своето творештво го посветил на монументалната скулптура, но морам да напоменам дека себеси се гледам како мултидисциплинарен визуелен уметник, кој работи во различни области на визуелната уметност.
Монументалните дела се бирани не случајно, тие се често дел од комплексни композиции. На пример, централната композиција која претставува увертира на самата изложба, е дел од монументалната композиција „Гемиџии“ и не е случајно зошто баш „Гемиџии“. Избрав два лика – Константин Кирков и Владимир Пингов. Константин Кирков како идеолог, искусен, кој покажува кон нас со карактеристична гестикулација дека треба да се освестиме, и Пингов како помлад, полн со енергија и верба, кој наслушнува дека е време за реагирање. Гемиџиите зрачат со енергија, внатрешна експлозија што шири порака за слобода, освестување и интелектуално критикување на светот.
Извесно време живееше во Скопје, но се врати во родниот Велес. Со каков мотив?
– Да, денес живеам во мојот роден град затоа што животот таму ми е попрактичен. Изградив ателје во непосредна близина на Велес, поточно на езерото „Младост“ и многу ми е лесна комуникацијата со главниот град, така што сум присутен во ликовниот свет без тешкотии.

Какви одговорност и обврска носи раководењето со локалниот музеј во Велес?
– Моментално сум директор на нашиот чувар на градот, Народниот музеј Велес, кој е и прв повоен музеј во Македонија, па со самото тоа и ние имаме морална одговорност да го чуваме и негуваме. Локалната установа Народен музеј Велес е комплексна институција што раководи со 11 објекти, и тоа Музејска зграда, Споменичен комплекс во с. Горно Врановци, Спомен-костурница, Спомен-куќа на Коста Солев Рацин, Спомен-куќа на Васил Главинов, Спомен-куќа на Јордан Хаџи Константинов – Џинот, Спомен-куќа на Касапови и повеќе музејски поставки во регионот.
(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 315, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-11.1.2026)


