Фото: Скриншот

Интервју со Ален Мухиќ, дете зачнато во воено силување во Босна: „Вистината боли, но ослободува“

Во ова интервју на „Слободно со Агнеса“ ќе ги продлабочиме и онака длабоките рани од војната во Босна. Во таа војна е роден и 33-годишниот Ален Мухиќ. Дете родено од воено силување. Во продолжение… неговото сведочење.

Војната во Босна не остави траума само кај оние што ја преживеале, туку и кај децата родени од воено силување, деца кои со години живееле како „невидливи“. Војна во која илјадници жени биле силувани, особено во Фоча, град што подоцна ќе стане едно од најмрачните сведоштва за сексуалното насилство.

Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија токму поради злосторствата во Фоча, сексуалното ропство го прогласи за злосторство против човештвото.

Да се вратиме наназад… 1993 година во Горажде. Во таа крвава војна е роден и Ален Мухиќ. Дете родено од силување… Оставен веднаш по раѓањето во болница во Горажде. Хранет со трошки кекси… Посвоен од домарот во болницата, Мухарем Мухиќ и неговата сопруга Адвија. Растел со етикети како „четничко копиле“, а на девет години дознал дека луѓето што го воспитале не му се биолошки родители.

Ален со родителите што го посвоиле / Фото: Приватна архива

Денес, Ален е медицински работник токму во болницата каде што бил и роден, тој е сопруг, татко, активист за човекови права и автор на книгата „Јас сум Ален“. За неговиот живот се снимени и два документарни филма — „Дечак из ратног филма“ и „Ступица невидљивог дјетета“.

Но, можеби најсилното во неговата приказна е што наместо омраза, избрал да зборува за простување, идентитет и човечко достоинство…

Твојата приказна започнува во еден од најмрачните периоди на Балканот. Колку мислиш дека луѓето денес навистина разбираат што значеше военото силување како „оружје“? Раскажи ни ја накратко твојата приказна.

– Луѓето сакаат да мислат дека разбираат. Не разбираат. Военото силување не е само злосторство врз телото, туку обид да се уништат идентитетот, достоинството и иднината. Роден сум во 1993 година во Горажде, како дете на тој злостор. Оставен веднаш по раѓањето, преживеав благодарение на луѓе што ме зедоа в раце кога никој не сакаше. Тоа е мојата приказна, без разубавување. И не е единствена.

Илустративна фотографија / Фото: EPA/FEHIM DEMIR

Сите сме свесни дека и три децении подоцна, многу жени молчат. Не затоа што „заборавиле“ туку затоа што срамот им бил наметнат ним. Дали мислиш дека овие приказни се доволно документирани или пак, сѐ уште постои колективно потиснување? Што сакаш луѓето конечно да разберат за военото силување?

– Не се зборува доволно. Сè уште постои молк, срам што не е нивен, туку им е наметнат. Има поместувања во регионот, се гледа дека почнува да се зборува, но тоа е сè уште далеку од вистината што треба гласно да се каже. Народите не се свесни за последиците од војната додека не почне отворено да се зборува. А јас сакам конечно да разберат дека зад тие приказни не стојат бројки, туку животи, деца и судбини што траат и денес.

Како се живее со сознанието дека твоето раѓање е поврзано со траума, а не со љубов?

Одговорот што ми го даде Ален не оди кон омраза. Туку со љубов и благодарност кон луѓето што му покажале дека семејство не е само крв. А јас лично верувам дека на Ален му требало време да ја прифати судбината, како и на сите други кои поминале низ оваа крвава болка.

– Мојата сила не дојде сама од себе. Дојде од домот. Мухарем и Адвија Мухиќ се луѓето што ме зедоа и ме сакаа без прашања. Не ме гледаа низ тоа како сум роден, туку низ тоа каков човек можам да бидам. Во таа куќа научив што значи љубов, што значи да бидеш нечие дете без крв, но со срце. Тоа е темелот на сè.

Ален денес, Ален во детството и родителите што го посвоиле / Фото: Приватна архива

Неговата биолошка мајка била силувана во Фоча во 1993 година. Го оставила во болница веднаш по раѓањето. Подоцна, Ален ќе ја пронајде. Но сите приказни немаат „филмски“ крај…

Каков е твојот однос со мајка ти денес и што беше најтешко да се прифати во таа врска? И кажи ни ја приказната за твоите родители кои те имаат посвоено.

– Односот со биолошката мајка е нешто што не може да се собере во една реченица. Тука има болка, тишина, прашања без одговор. Најтешко беше да се прифати вистината… не тоа како сум роден, туку сѐ што таа вистина носи со себе. Учиш да живееш со тоа, но никогаш не велиш дека е лесно.

Во текот на детството бил навредуван со зборови како „мал четник“ и „четничко копиле“. Но денес, тој јавно зборува токму за таа стигма.

Дали некогаш си почувствувал дека општеството те гледа низ она што ти се случило, наместо низ тоа кој си ти?

– Да. И денес се случува тоа. Луѓето се обидуваат да те сведат на една реченица, на едно потекло. Но јас не сум само тоа. Јас сум татко, сопруг, медицински работник, човек што стои зад своите зборови. Проблемот е што општеството често прво ја гледа етикетата, па дури потоа човекот.

Ален со сопругата и трите деца / Фото: Приватна архива

Што ти беше потешко: да ја прифатиш вистината за себе или да се соочиш со реакциите на другите?

– Потешко беше да ги носам реакциите на луѓето. Кога ќе ја прифатиш сопствената вистина, таа станува дел од тебе. Но реакциите… осудите, тишината, погледите – тоа се работите што те тестираат секој ден. И тогаш мораш да одлучиш дали ќе застанеш или ќе продолжиш понатаму.

Твојата приказна ме потсетува на филмот „Роден двапати“ (Born Twice), а според твојата животна приказна се направиле и два филма. Раскажи…

– Мојата приказна веќе е преточена во два документарни филма – „Дечак из ратног филма“ и „Ступица невидљивог дјетета“. Денес истата таа приказна е преточена и во книгата „Јас сум Ален“. Тоа не се само филмови и книга, туку сведоштва. Обид конечно да се види и слушне нешто што долго било скриено.

Книгата не ја напишал само за себе, туку и за другите деца родени од војна, за посвоените деца, за жените што преживеале насилство и за луѓето што работат со последициите од војната.

Зошто одлучи јавно да ја раскажеш својата приказна во книгата „Јас сум Ален“?

– Книгата „Јас сум Ален“ ја напишав затоа што сфатив дека молкот никому не му помага. Ни мене, ни на другите. Таа книга не е обвинение, не е омраза, туку вистина. Вистина што треба да отвори очи, да ги придвижи луѓето, некој после неа да каже – доста беше молк.

Од промоцијата на книгата „Јас сум Ален“ / Фото: Промо

Денес, благодарение и на активизмот на Ален Мухиќ, децата родени од воено силување во Федерацијата БиХ и во дистриктот Брчко се законски признаени како цивилни жртви на војната.

Но ова е можеби најсилната порака од целиот разговор со Ален што ми остави трага, но и надеж, за идните генерации:

„Вистината боли, но ослободува. И сè додека молчиме, болката ќе остане. Во моментот кога ќе почнеме да зборуваме, тогаш започнува и промената. Не само за нас, туку и за генерациите што доаѓаат.“

Да не се заборави!

Фото: EPA/Igor_Dutina

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот