Интервју со Александра Јанева: Со Иван ѝ кажуваме слатки зборови на ќерката што ја чекаме
Еден од нашите најмоќни женски вокали во поп-музиката, Александра Јанева, неодамна изненади со веста дека таа и сопругот Иван очекуваат ќерка. Убавата новост дојде во исто време кога Јанева, двојна победничка на „Макфест“, го објави синглот „Сестро“, посветен на сите жени.
Препорачано
Шармантната струмичанка искрено зборува за љубовта кон сопругот, за најубавиот период од нивниот живот, за новиот албум и за тоа зошто како дипломиран стоматолог ниту еден ден не работела во својата струка.
Со песната „Сестро“ го најави новиот албум. Каква порака носи песната и воопшто, целиот албум?
– „Сестро“ е албум посветен на женската емоција, женската ранливост, но и на моќта да преброди сѐ што носи животот. Се обраќам на сите оние жени што ни биле заштитна, херојска фигура во животот. Ни биле и рамо за плачење и ветар во грб. Кога размислувавме што е она што недостасува во моите песни како емоција со тимот, сфативме дека најчесто пеам за личностите што ме повредиле, ми предизвикале некаква траума, но многу ретко ги спомнувам пријателите, другарките што ми помогнале да ги пребродам тешките моменти и предизвиците низ животот. Песната „Сестро“ е токму за нив, за сестрите на кои им се обраќам секогаш кога ми треба помош или совет за нешто. Без нивната поддршка не би била тоа што сум денес. Жена на жена е пријател, засекогаш. На музиката и аранжманите работев со Лазар Цветкоски, текстовите ги напиша Луна Ристиќ. Се надевам дека и публиката ќе препознае една нова Александра, со позрела музика, текст и целокупна интерпретација. Песните од албумот ќе се објавуваат етапно. Во наредниве неколку месеци ќе откријам неколку песни од албумот, а наесен ќе го заокружиме целосно материјалот, со уште неколку нови необјавени песни.

Изненади со убавата вест дека чекате ќерка. Во кој месец од бременоста си, како се чувствуваш?
– Одлично се чувствувам! Досега бременоста се одвива многу лесно и пријатно, без мачнини и тегоби. Единствено ми пречи мирисот на турското кафе, за кое жалам што не можам повеќе да го пијам, а го пиев редовно секое сабајле. Искрено, кога се навраќам, како да ми летнаа петте месеци, сега кога веќе влегов во шестиот месец од бременоста. Веројатно затоа што бев многу активна периодов со настапи, со работа во студио, со снимање спотови за претстојниот албум. Отсега настапите ќе бидат поретки, но јас продолжувам да бидам активна за себе, така што работам на некои идни проекти, се грижам за своето здравје, вежбам и пешачам неколкупати во неделата и се надевам дека ќе го задржам тоа темпо до крајот на бременоста.
Во јавноста малку зборуваш за твојот сопруг Иван. Кога се запознавте, како започна вашата љубовна приказна и кои се неговите најважни човечки квалитети?
– Иван и не е така непознат за јавноста, само е попознат во светот на спортистите. Тој е поранешен младински репрезентативец во ракомет, беше дел од „Вардар јуниор“ и одигра една сезона во грчкиот „Аеропос Едеса“. Но, дипломиран програмер е и денес тоа му е примарната професија.
Се запознавме преку заеднички пријатели, девет месеци пред случајно да нѐ спои една ненамерно пратена порака на Инстаграм од негова страна. Дотогаш бевме само пријатели, познајници што ретко се среќаваа, но знаевме да комуницираме виртуелно неколкупати годишно, да си честитаме роденден, да се пошегуваме за нешто. Инаку, неговата сестра исто го носи името Александра и сакајќи нејзе да ѝ испрати фотографија од кинеско јадење, случајно ми ја прати мене. Потоа јас го прашав како знае дека ова ми е омиленото јадење и така почнавме да комуницираме без престан (се смее). Муабетот не престануваше, немав потреба да глумам или да се објаснувам на сто начини за одредена работа и веднаш знаев дека тоа е тоа. Иван е многу емотивен човек, многу внимателен, културен и смирен, полн со разбирање. Знае што сака, колку вреди и не се срами да го покаже тоа. Се поддржуваме во тоа што го правиме, си помагаме за одлуките во нашите професии и уживаме во животот што го градиме заеднички.

Во што сте најслични, а во што различни?
– И двајцата сме исклучително емотивни, но се разликуваме во темпераментот. Јас сум поизбувлива, но и побрзо се каам за тоа што сум го направила и не ми е тешко да се извинам. А, тој е посмирен, тешко може човек да го изнервира, но знае да биде тврдоглав и да држи лутина подолго време. Потешко му е да каже извини. Иако доста се менуваме и двајцата, морам да признаам, учиме што е тоа со што се повредуваме еден со друг и се трудиме да не ја повторуваме истата грешка, да бидеме подобри.
Какви се овие денови за вас двајцата кога ве чека нешто толку убаво и ново, го средувате ли домот пред да дојде бебето?
– Уживам во секој еден ден од новонастанатата состојба. Се радуваме многу и двајцата, ѝ се обраќаме на нашата идна ќеркичка неколкупати во денот со слатки зборови и полека почнуваме да се спремаме со бебешка опрема. Живееме во Скопје, во Кисела Вода, веќе четврта година, но затоа што и двајцата потекнуваме од Струмица и таму ни се сите блиски луѓе, паралелно и во Струмица го спремаме нашето второ место за живеење.

Ова е твој втор албум. Зошто еден вокал како тебе нема повеќе авторски песни?
– Многу е тешко да продолжиш да правиш добри песни, кога првата песна со која си застанал на сцена победила на фестивал. Од 2013 година па наваму се пее во полн глас и веќе прераснува во евергрин, мислам на „Врати ми го сонцето“. Прерано добив голема одговорност пред себе, да пеам тешки, емотивни песни, а имав само 18 години кога застанав на големата сцена. Ми требаше подолго време да се пронајдам, да научам како сакам да звучам, за што сакам да пеам. Многу песни ми биле понудени, но сум ги одбила. Едноставно не биле за мене иако безброј пати се обидувале да ми делуваат со совети од типот „објавувај што и да е, да не те заборават, да те има“. Не ми било лесно да не објавам песна цела година или две, но таа неизвесност и трагање по вистинското нешто ми донесе голема сатисфакција денес. Не се задоволувам со малку и секоја моја следна песна се трудам да биде подобра од претходната.
Ако се вратиш назад на настапот на Евровизија со Тамара Тодевска како придружен вокал во Тел Авив, кои ти се најубавите спомени од тој период?
– Вечно ќе се сеќавам на таа неповторлива енергија што струеше низ целиот тим. Сите имавме една цел, да направиме Тамара да се чувствува сигурно и гордо и да ѝ помогнеме да ја донесе изведбата на „Proud“ до совршенство пред цела Европа и мислам дека успеавме во тоа. Целиот престој таму беше премногу забавен. Уште се смеам кога ќе се сетам дека само што пристигнавме во хотелот, неколкумина од тимот не распакувавме ни куфери, туку веднаш се качивме на електрични тротинети по големите жештини за да направиме обиколка низ Тел Авив и да ја почувствуваме енергијата на тој град. По двочасовно возење, нормално дека се вративме со поцрвенети лица, изгорени од сонцето. Сите бевме во шок од тоа како изгледавме, но најмногу шминкерот Арменд Рамадани (се смее). Нѐ караше како мали деца, бидејќи беше речиси невозможно да се прикријат тие изгореници со шминка за настапите што следуваа.

На кој дел од твојот живот и кариера си најгорда?
– Горда сум што потекнувам од скромно семејство, што имам родители што никогаш не пропуштиле можност да ми искажат љубов, поддршка и емпатија и ја всадија во мене човечноста и скромноста. Денешницата ни е полна со бездушни луѓе што пишуваат погрдни коментари, прават работи што не се хумани и горда сум што можам да се наречам себеси нормална личност што никому не сака да наштети. Во однос на музичката кариера, среќна сум што останав доследна на тоа што сум. Не правам музика за лајкови, за внимание, туку се борам да оставам нешто квалитетно и трајно. Од самиот почеток патот што го одбрав е потежок и резултатите некогаш доаѓаат покасно, но тоа сум јас. Го ценам секој момент поминат во студио, работам со еден од најдобрите автори на нашите простори и секогаш ме води напред истата мисла дека најдоброто допрва доаѓа. Уште многу хитови и евергрини очекувам да оставам зад себе.
Зошто не се реши да работиш во твојата примарна професија, стоматологијата?
– Дипломирав на УКИМ на Стоматолошкиот факултет, но никогаш не сум работела како доктор стоматолог, ниту еден ден. Самата помисла на тоа дека друга професија може да ми го украде вниманието од музиката ме плаши. Моето секојдневие отсекогаш било исполнето со музика, пеењето ми е најискрената, најголемата љубов што ја делам со публиката и ме одржува во живот. Сѐ додека се чувствувам така, мислам дека нема простор за друго нешто, особено не за толку одговорна професија како што е стоматологијата. Сега кога очекувам бебе, за првпат по повеќе од 10 години активно настапување ќе направам мала пауза. Настапував до петтиот месец од бременоста, но сега чувствувам дека е време да подзастанам и да си дадам повеќе време на самата себе, да се посветам и да се подготвам за најважната улога во животот – да станам мајка.


