Интервју со Александар Дадар, визажист: Северина е љубов на прв поглед, Каролина пријателство за цел живот
За Дадар се врзуваат многу имиња од јавната сцена, но и многу жени што не се дел од неа, а сакаат да изгледаат убаво и самоуверено.
По повеќе од две децении посветена работа, познатиот визажист Александар Дадар важи за едно од најпрепознатливите имиња кај нас кога е во прашање професионалната шминка. Од неодамна започна и неговата прва лиценцирана академија за шминка, со желба своето искуство да им го пренесе на новите генерации. За Дадар се врзуваат многу имиња од јавната сцена, но и многу жени што не се дел од неа, а сакаат да изгледаат убаво и самоуверено.
Препорачано
Од февруари стартуваше Првата лиценцирана академија за шминка, под твое менторство. Од каде дојде идејата да го споделиш знаењето и искуството со новите генерации шминкери?
– Кога почнував да се интересирам за шминка, не постоеја школи конкретно за визажисти, а беше многу комплицирано да се школувам во странство, па морав шминкањето да го совладам по потешкиот пат. Денес, по повеќе од две децении искуство и безброј нашминкани лица, почувствував потреба да го пренесам и да го споделам знаењето со помладите, но и со оние што сакаат да ја променат својата професија и имале желба да станат професионални шминкери, а немале храброст досега. Чувството да обучувате цела армија надежни шминкери е навистина нешто посебно.

Како се одвива работата на Академијата и што е најважното што сакаш твоите ученици да го научат од тебе?
– Сметам дека теоријата е премногу важна и додека не ја совладаме, не почнуваме со практични вежби. Во втората половина од курсот шминкаме и вежбаме. Секогаш имаме убава и позитивна атмосфера, бидејќи, од една страна, ова е сериозна професија, а, од друга страна, работите нешто што ве исполнува, а креативноста нема граници.
По повеќе од две децении работа, што е она што најмногу те мотивира и денес да останеш на врвот?
– Едноставно се приспособувам на секое време и ера во модата, но секогаш задржувам дел од мојот личен печат. Дисциплината, упорноста и професионализмот со емпатичен пристап кон клиентите и секако љубовта кон оваа работа што е основата за сѐ што набројав. И конечно, желбата за да ја направам посреќна секоја жена што седи на мојот стол за шминка.

Кога ќе го вратиш времето назад, тешко ли беше да станеш препознатлив дел од оваа сцена и да го задржиш реномето?
– Не знам, тоа дојде некако многу спонтано, а потоа, да се задржи името и брендот е предизвик, но јас секогаш сакам да сум доследен на себе и моите клиенти и, ете, успева.
Работиш со многу јавни личности, а позната е и твојата соработка со хрватската пејачка Северина Вучковиќ. Каква е таа приватно и како започна вашата приказна?
– Северина е приказна сама за себе. Таа е лице што уживам да го шминкам и кога и да дојде, имам интересни моменти со неа. Навистина е посебна. Во неа не можете, а да не се вљубите веднаш, и таа љубов трае веќе 20 години откако првпат ја нашминкав.

Со Каролина Гочева, освен соработници, вие сте и пријатели. Можеш ли да ја нашминкаш и со затворени очи? Сподели ни некоја анегдота што ти е особено драга низ сите овие години?
– Ха-ха… Каролина најдобро да ја нашминкате колку е можно побрзо, бидејќи не обожава долго да седи на вашето столче. За мене Каролина е посебна инспирација и преубаво поглавје во мојата кариера кое сè уште трае и верувајте таа е личност што во овие 22-23 години колку што ја шминкам, никогаш немало ниту еден проблем. Секогаш пријатна, емпатична, харизматична и грее со нејзината насмевка. Истовремено, таа е голем професионалец, па не случајно е најголемата македонска ѕвезда, која има глас, стил, харизма и изглед како топ-модел со два метра нозе.
Што се однесува до анегдоти имаме навистина многу. Од Евровизија до патувања и одмори заеднички, ах луди млади години.
Ајде малку и за трендовите… кои трендови во шминкањето во моментов доминираат и што најчесто им препорачуваш на жените за да изгледаат негувано и природно?
– Во тренд е чистиот изглед, без премногу слоеви пудра. Најважната е негата на кожата и косата. Трендовски се неутрални кармини со убаво исенчана контура на устата и секако исенчаниот ајлајнер.

Кој е твојот најважен совет за жените кога станува збор за убавина, што никогаш не треба да го занемарат?
– Уште еднаш, негата и грижата за својата кожа, да бидат храбри кога доаѓа збор за некоја промена, но внимателно, да не се претерува и да слушаат професионалци.



