Интервју со актерот Мима Караџиќ: За секоја голема одлука во животот, треба срце два броја поголемо
Ова е единствен филм каде што актерите буквално се откажаа од хонорарите за да му помогнат на продуцентот Гага, бидејќи не добивме пари од државата. Филмот го чувавме две години поради сите блокади и ситуации во Србија, вели Караџиќ.
Расположен за муабет и срдечен, познатиот црногорски актер Мима Караџиќ се фотографираше со обожавателите на премиерата на филмот „Спортско срце“ во скопското кино „Синеплекс“. Филмот е веќе хит во регионот, а го очекува и европска турнеја. Мима Караџиќ ја игра главната улога во филмот чиј режисер е неговиот брат Милан Караџиќ, а е снимен според сценариото на Ѓорѓе Милосављевиќ.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
За „Спортско срце“ Мима Караџиќ вели дека не е само комедија, тоа е приказна за татковци, ќерки и за едно храбро срце кое мора да издржи сè што животот му носи.
По премиерата, впечатокот е дека публиката навистина се поврза со приказната. Како вие го доживувате патот на овој проект, од театар до филмско платно?
- Видете, сценариото за овој филм е напишано пред многу години токму за филм. Но, ние бевме малку нетрпеливи и ја направивме прво претставата во „Звездара театар“. Се играше две години, а таму актерите и режисерот ја „брусеа“ приказната. Кога конечно дојде време за снимање, јас му реков на продуцентот Драган Ѓурковиќ: „Слушај, јас го сакам овој Мацура, јас ќе го играм“. Иако во претставата го играше Ненад Јездиќ, јас знаев дека овој лик е мој. Направивме актерска екипа за која мислам дека е врвна и филм за кој веруваме дека е актерска бравура и врвна комедија.
Вашиот лик, Мацура, е многу комплексен иако изгледа како обичен газда на кафеана. Кој е, всушност, тој?
- Мацура е човек што нема ни здравствена книшка ни лична карта, ништо. Тој е во некој сопствен вакуум. Пребегал од Хрватска, се снашол, отворил кафеана во која доаѓаат сите – од таксисти и полицајци до оние што крадат автомобили. Тој станал газда, но ја изгубил ќерката. И сега, кога таа се враќа, тој прави сè за да ја задржи, да ја омажи и да дочека внуци. Во таа негова огромна, честопати посесивна љубов, тој е многу несмасен и прави будала од себе. Тој не е прототип, тој е жив човек што го среќаваме секој ден на улица.

Во филмот има и многу хумор што произлегува од судирот на менталитетите. Како се снаоѓа Мацура со „Европа“?
- Тоа е тој комичен судир. Кога ќерка му доаѓа со свршеникот кој е „Европеец“, Мацура се обидува да биде господин. Сака да го импресионира зетот, а од уста му излегуваат бисери и пцости типични за нашите простори. Тој се бори со себеси и со светот што не го разбира. Тоа е приказна за луѓе што живеат во тешки услови и бараат некакво решение, филмот е некакво помирување помеѓу татковците и ќерките.
Пораката на филмот ја има во насловот и една специфична реченица на плакатот. Што значи тоа за вас?
– Продуцентот Гага смисли една феноменална реченица: „За секоја голема одлука во животот, треба срце два броја поголемо“. И тоа е суштината. Кога Мацура дознава тешки вистини за мајката на својата ќерка, срцето му „трокира“ од емоции, па се враќа. Треба храбро срце за да го издржиш сето тоа. Тоа е тој хуман аспект што сакавме да го пренесеме.

А овој филм не доби никаква финансиска поддршка од државата. Тешко ли беше да се сними?
- Ова е единствен филм каде што актерите буквално се откажаа од хонорарите за да му помогнат на продуцентот Гага, бидејќи не добивме пари од државата. Филмот го чувавме две години поради сите блокади и ситуации во Србија. Случајно излезе во исто време со серијата „Јазол“, каде што ја играм главната улога, па луѓето во Белград се збунети кога гледаат два мои плакати еден до друг низ градот. Но, филмот конечно е тука.
Што понатаму за овој проект?
- Почнавме со Сава центар и 3.500 луѓе, па Скопје каде што публиката е прекрасна. Сега продолжуваме за Виена, Љубљана, Марибор, па дури и во Чикаго во април. Овој филм има свој живот бидејќи е искрен.
Калиопи е ваша драга пријателка и секогаш се среќавате кога ќе дојдете во Скопје. Успеавте ли да се видите овој пат?
– За жал, не. Таа е во странство, но објави за филмот и ми посака среќа на социјалните мрежи. Таа е мојата голема поддршка и јас сум нејзината.
ВИДЕО | Весело во Скопје: Калиопи во друштво на актерите од Белградското драмско позориште


