Интервју со Адријана Данчевска Ровчанин: Танцот отсекогаш бил мој природен начин на изразување
Изведбата на танц-перформансот „Мокументари“ на „Мувинг Балканс“ е можност поблиску да се запознаеме со Адријана Данчевска Ровчанин, не само како кореографка и танчерка, туку со целината на нејзиното битие длабоко нурнато во танцовата уметност.
Препорачано
Мала, но избрана екипа ја претстави Македонија на второто издание на платформата за современ танц „Мувинг Балканс“, кое се одржува од 13 до 16 мај во Нови Сад.
Во селекцијата на десет најдобри кореографски перформанси од Балканот во Нови Сад беше изведена претставата „Мокументари“ (Mockumentary) со кореографија на Адријана Данчевска Ровчанин. Во претставата играат танчерите Нина Петрушевска и Лука Ѓорѓиевски, музиката е на Херцел, сценографијата на Ивана Мојсовска, а перформансот е реализиран во продукција на Скопје танцов театар (2026).

Разговорот со Адријана Данчевска Ровчанин го направивме непосредно по изведбата на „Мокументари“ на 14 мај во Новосадско позориште.
Твоето кореографско дело „Мокументари“ е дел од Топ 10 претстави на платформата за современ танц „Мувинг Балканс“ во Нови Сад. Што за кореографот значи кога неговото дело се изведува пред меѓународна публика?
– За еден кореограф, а особено за независен автор кој создава во Македонија, можноста делото да биде изведено пред меѓународна публика има огромно значење. Кај нас, за жал, не постојат многу прилики каде што современата танцова сцена може континуирано да биде видена од интернационални програмери, продуценти, куратори и професионалци од областа. Токму затоа, ваквите платформи не се важни само како простор за изведба, туку и како простор за видливост, дијалог и потврда дека делото комуницира и надвор од локалниот контекст.
По учеството на Скопје танцовата платформа во рамки на годинашното издание на „Танц Фест 2026“, ова беше втора значајна станица каде што „Мокументари“ (Mockumentary) имаше можност да биде претставенa пред толку широка и интернационална професионална публика. За нас тоа значеше не само претставување на самото дело, туку и отворање на можност за нови средби, размени и потенцијални идни соработки.
Особено е важно кога претстава која произлегува од специфичен општествен и политички контекст успева да предизвика препознавање и емоција кај публика што доаѓа од различни културни средини. Тоа покажува дека темите со кои се занимава „Мокументари“, стравот, адаптацијата, молкот, чувството на колективна исцрпеност, не се исклучиво локални, туку универзални искуства што резонираат и надвор од нашите граници.
Воедно, исклучително важно беше и тоа што добивме навистина силен и искрен фидбек од луѓе кои долго време работат во областа на современиот танц. Кога едно дело е создадено во средина каде што ресурсите се ограничени, а условите за работа честопати нестабилни, ваквите реакции претставуваат поттик и потврда дека вреди да се продолжи понатаму. Тоа е знак дека трудот, ранливоста и уметничкиот ризик успеале да воспостават вистинска врска со публиката, независно од културниот контекст или местото од кое доаѓа.

Премиерата на „Мокументари“ се одржа минатата година на „Денови на македонски кореографи“ во Националната опера и балет. Која е основната идеја за претставата и на кој начин преку танцот може да се отслика реалноста?
– „Мокументари“ започнува како суров одраз на македонското општество, откривајќи ги не само видливите притисоци што го обликуваат јавниот живот, туку и потивките, подлабоко вкоренети сили на страв, отуѓеност и соучесништво. Делото намерно ја отфрла удобноста и разрешницата, не нудејќи емоционално олеснување, туку само немир на препознавање.
Преку фрагментирана и нелинеарна нарација ги разградува конвенционалните приказни и открива како репресијата функционира низ секојдневните гестови и тишини. Но, како што делото се развива, овие политички реалности постепено се распаѓаат во шпекулативна фантазија, каде моќта повеќе не е линеарна, а родот се ослободува од сите познати хиерархии. Станува простор ослободен од патријархална и од матријархална доминација, променлив пејзаж во кој идентитетите се замаглуваат, а авторитетот се преобразува во нестабилни, поетски форми.
Твоите кореографии често се базирани на современ танц во спој со алатките на театарскиот израз. По каква линија се движи креацијата од идеја до перформанс?
– Процесот на создавање никогаш не започнува директно во сала. Идејата најчесто долго време тлее, се развива и созрева со мене, понекогаш и со месеци, години, пред воопшто да добие конкретна форма. Тоа е период во кој постојано размислувам за атмосферата, емоцијата, телото, ритамот и внатрешната логика на делото.
Многу внимателно пристапувам и кон изборот на танчерите, бидејќи за мене е исклучително важно кој ќе ја носи и преведува таа мисла на сцена. Не барам само техничка подготвеност, туку луѓе кои имаат сензибилитет, присуство и подготвеност искрено да влезат во процесот.
Потоа следува долг истражувачки период на индивидуална работа и сокреација со танчерите. Низ разговори, задачи и заедничко истражување постепено се гради кореографијата. Многу ми значи секој изведувач да ја разбере појдовната емоција и внатрешната состојба од која произлегува делото, а не само да репродуцира движење.
Секогаш постои некаква јасна емоција што ме води низ целиот процес, нешто што е како невидлива нишка на претставата. Не ме интересира директна нарација или буквално раскажување приказна. Повеќе ме привлекува просторот помеѓу движењето, тишината, погледот и присуството во моментот на изведба. Затоа и секогаш се стремам изведбата на танчерите да биде искрена и органска, а не демонстративна или комплетно однапред зададена.

Како, воопшто, се случи да се занимаваш со современ танц? Како се појави желбата, или љубовта кон танцовата уметност?
– Со танц се занимавам од својата петгодишна возраст и мислам дека во ниту еден момент од мојот живот не е доведено во прашање дали јас ќе продолжам да се занимавам со оваа уметност. Танцот отсекогаш бил мој природен начин на изразување, простор во кој се чувствувам искрено и целосно. Тој не беше само интерес или активност, туку нешто што органски растеше заедно со мене низ секоја животна фаза.
Сосема природно следуваше и одлуката да се запишам во средното балетско училиште ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, каде што се образував под менторство на Елена Антонова Петровиќ. Тој период беше многу значаен за моето оформување, не само технички, туку и во однос на дисциплината, разбирањето на телото и чувствителноста кон сценскиот израз.
Подоцна продолжив и на студии по танц и кореографија на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА Скопје-Париз-Њујорк, каде што ги завршив и додипломските и магистерските студии во класата на проф. д-р Рисима Рисимкин. Токму таму уште подлабоко се отвори мојот интерес кон современиот танц како медиум што не се занимава само со форма и движење, туку и со мисла, емоција, општествен контекст и лична ранливост.
Каква улога во твојот развој имаше Скопје танцовиот театар и културниот центар „Интерарт“?
– Како една од првите млади кореографки кои професионално се оформуваа низ работата на Скопје танцов театар и „Интерарт“, имав привилегија уште од рана возраст да бидам вклучена во процеси кои активно ја создаваа и обликуваа современата танцова сцена во Македонија. Тоа не беше само простор за едукација и сценско искуство, туку средина во која учев што значи уметноста да се создава низ истражување, колективна размена и постојано преиспитување на формата и содржината.
Работејќи со луѓе кои имаа јасна визија за развојот на современиот танц кај нас, многу рано разбрав дека танцот не е само движење или визуелна естетика, туку комплексен јазик преку кој може да се отвораат лични, општествени и политички прашања. Токму тие процеси ме научија да му пристапувам на телото не само како изведувачки инструмент, туку како носител на меморија, емоција и став.
Никој не го оспорува мојот порив за работа, ниту ми наметнува конкретна насока во која морам да творам, што за мене претставува највреден и најослободувачки аспект во креативниот процес. Тоа искуство суштински го обликуваше мојот авторски јазик и начинот на кој денес создавам. Ми помогна да развијам сензибилитет кон искреноста во изведбата, кон ранливоста како сила и кон потребата сцената да биде простор во кој публиката не само што гледа, туку и чувствува, препознава и преиспитува. Денес танцот за мене претставува простор за комуникација и сведоштво, место каде што телото може да го изговори и она што понекогаш останува неискажано со зборови.
Како танчер учествуваш во повеќето нови кореографии на Рисима Рисимкин. Какво чувство носи играњето во кореографии на Рисимкин?
– Изведбата во кореографиите на Рисима Рисимкин секогаш носи нов предизвик, особено во однос на сценскиот израз и градењето на улогата. Секој процес е различен и бара голема концентрација и издржливост.
Она што е специфично е што во нејзините кореографии секогаш се бара посебна прецизност, јасна сценска присутност и целосна посветеност во процесот. За мене, тие проекти се можност постојано да истражувам нови начини на движење и изведба и да се развивам како танчер и сценски изведувач.
Што беше пресудно самата да почнеш да создаваш кореографски дела?
– Пресудна беше потребата самостојно да го изразам она што постојано ме преокупира и ме тера да размислувам, средината во која живеам, општествените состојби и начинот на кој тие влијаат врз човекот, врз телото и врз секојдневното однесување. Со текот на времето почувствував дека како изведувач повеќе не ми е доволно само да интерпретирам туѓа идеја, туку дека имам потреба да создадам сопствен сценски јазик преку кој ќе ги обработувам тие состојби и прашања што лично ме засегаат. Во тој процес често барам и чувство на ослободување, работам без предрасуди, без однапред поставени ограничувања и без потреба да се вклопувам во очекувани форми.
Претставник си на сосема нова генерација танчари и кореографи. Со кои соработници ги споделуваш и реализираш идеите за нови танцови претстави?
– Моите верни соработници во последниве години се продуцентот и автор на електронска музика Александар Гроздановски – Херцел и визуелната уметница Ивана Мојсовска Головска, со кои имам воспоставено исклучително јасна и природна креативна комуникација.
Со Херцел соработката се гради врз основа на неговиот специфичен пристап кон електронската музика, која не функционира само како звучна подлога, туку како активен драматуршки елемент во претставата. Неговите композиции се често атмосферски, слоевити, отворени, но и непредвидливи што ми овозможува слобода во градењето на сценското движење. Звукот диктира, провоцира и создава простор за реакција на телото, што е особено важно во мојот авторски процес.
Со Ивана Мојсовска соработката се развива во насока на современ визуелен израз кој не е само сценографска поддршка, туку рамноправен носител на значење. Нејзиниот визуелен јазик е прецизен, минималистички кога треба, но и силно експресивен во моменти кога делото бара понагласена визуелна атмосфера. Таа многу внимателно реагира на концептот на претставата и успева да го претвори просторот во жив организам што комуницира со движењето, звукот и публиката.
Покрај нив, во неколку наврати соработувам и со џез-музичарот Виктор Филиповски, со кого имам реализирано повеќе заеднички проекти, во кои џез-музиката носи силна емоционална динамика и импровизациска слобода.
Многу млада стигна до функцијата Декан на Филмската академија (Катедра за современ танц) при УГД во Штип. Какви обврски носи оваа функција?
– Функцијата е голем предизвик и исклучително сериозна обврска, која опфаќа широк спектар на задачи, од административни и организациски процеси, до директна академска и практична работа со студенти и колеги. Тоа значи постојано балансирање помеѓу управувањето со Филмската академија (Катедра за танц) и зачувувањето на квалитетот на наставата и уметничката пракса.
Иако носи многу одговорности, искрено уживам во работата со студентите, бидејќи веќе долги години работам како педагог и тоа за мене е подеднакво важен дел од мојот професионален идентитет. Во рамки на академијата активно развиваме и меѓународни соработки, меѓу кои CEEPUS програмата за размена на студенти и професори, која значително придонесува за нивно професионално надградување и отворање кон различни европски уметнички практики. Особено ми е важно што последниот проект реализиран со европски партнери беше препознаен и прогласен за најдобар, што претставува потврда дека насоката во која работиме има реална вредност и меѓународна релевантност. Дополнително, целам кон тоа студентите што е можно повеќе да работат на реални проекти, кои ги поврзуваат со професионалната сцена и им овозможуваат практично искуство уште во текот на студиите.
Што е неопходно за танцовата уметност да го продолжи развојот и да го зацврсти своето место на уметничката сцена кај нас?
– Неопходна е системска поддршка и јасно препознавање на танцовата уметност од страна на институциите. Генерално, современата уметност во Македонија сѐ уште не е поддржана на ниво кое би овозможило стабилен и континуиран развој, што директно се одразува и на современиот танц.
Потребно е, пред сѐ, да се обезбедат основни услови за работа на независните уметници, простори за проби, соодветни сали и функционални места за изведба. Без инфраструктура, тешко може да се зборува за одржлив уметнички развој.
Паралелно со тоа, важно е да се воспостави и одреден репертоар и континуитет на продукции, како и нивно систематско позиционирање на културната мапа, не само локално, туку и регионално и меѓународно. Само преку ваков пристап танцовата уметност може да го зацврсти своето место и да стане видлива, релевантна и стабилна.
(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 332, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 16-17.5.2026)


