ИНТЕРВЈУ Костадин Шурбановски: Време е за креативен џез

Минатата година, речиси се доведе во прашање опстојувањето на Скопскиот џез фестивал и искрено, љубителите на џезот, и воопшто на здравиот културолошки воздух во Македонија, а и на традицијата, останавме потресени. Ама, еве нè, повторно сме пред ново издание на Скопскиот џез фестивал, 38-мо (и со зборови – триесет и осмо) по ред, и едвај го чекаме. А вам, големи „дечки“, од Институцијата Скопски џез фестивал, ви симнуваме капа!

Што муабетевме со Шурбе, прочитајте во продолжение.

Големи имиња од светската џез сцена ќе бидат протагонисти од 17 до 20 октомври. Каков џез ќе слушаме?

– Фокусот на 38-от Скопски џез фестивал годинава е дискографската куќа ECM и нејзиниот фантастичен 50-годишен јубилеј. Поголемиот дел од програмата е составен од значајни имиња што издаваат за оваа култна германска етикета: Дејвид Торн, Ануар Браем, Сократис Синопулос, Art Ensemble of Chicago, Јон Балке и Торд Густавсен. Покрај нив, фестивалот вклучува и настапи на триото на гитаристот Фред Фрит, квинтетот на саксофонистот Џејмс Брендон Луис, басистката Жоел Леандре, Никола Конте во ди-џеј варијанта, домашниот голем ол-стар џез оркестар на нашиот познат музички магионичар Џијан Емин, како и скопските вљубеници во звукот на ECM – Next to Silence. Генерално, ќе слушаме медитативен, инспиративен, еклектичен, храбар, експериментален…, со еден збор креативен џез, нешто што е, во голема мера, карактеристика на етикетата ECM, но и на долгогодишната програмска ориентација на Скопскиот џез фестивал.

Триесет и осмиот Скопски џез фестивал ни носи, како што велите, исклучително силна програма. Кои беа најголемите предизвици годинава при организацијата на Фестивалот?

– Најголемиот предизвик, за жал, не беше од уметничка или од програмска, туку од локално-будалетинска природа и произлезе од една небулозна и криминална одлука на Комисијата за музичко-сценска дејност на Министерството за култура по Годишната програма за финансирање проекти во 2019 година, за којашто многу се дискутираше во јавноста и се крена голема прашина. Минавме долг, напорен и тежок бирократски процес на неуморно и бесмислено докажување на вистината, на докажување на очигледните и општопознати нешта, дека „земјата е тркалезна“, дека „1+1 е еднакво на 2“, и слично. За среќа, целата таа ујдурма заврши позитивно и без разлика на непродуктивно изгубеното време и енергија, ние се трудиме што побрзо да ја заборавиме како лоша локална епизода, свртувајќи се кон иднината, кон некои далеку поинспиративни и поубави предизвици со кои би сакале да се соочуваме.

По затворањето на Универзална, веројатно, се соочувате со просторна стеснетост. Дали сцената на Македонската опера и балет е најсоодветното решение? Дали просторот ја „ограничува“ публиката?

– Да, како организатори на светски концерти во Скопје, во рамките на манифестациите „ОФФест“ и „Скопскиот џез фестивал“, секако, го чувствуваме недостигот на пристојни сали и амбиенти за одвивање на нашите концерти. За жал, од осамостојувањето до денес, очигледно никој не го есапел овој реален проблем, на ниту една владејачка гарнитура не ѝ текна дека нашиот главен град, нашата публика, има неопходна потреба од неколку современи, квалитетни, убави концертни простори со различен капацитет. Од оние што ги имаме денес на располагање, мислам дека Салонот на Македонската опера и балет е, во моментов, најдобриот, најинтимниот и најсоодветниот простор за одржување концерти во Македонија.

Кога сме кај публиката, 38 години џез е огромен стаж. Каква беше публиката тогаш, во првата деценија, а која е денешната публика?

– Публиката растеше и сè уште расте со фестивалот. Тоа е нешто што е многу убаво и треба да се негува. Наспроти веќе комплетно застарениот негативен наратив, распространет за публиката на џез фестивалот, дистрибуиран главно од луѓе што не биле на џез концерт со децении или можеби никогаш, сметам дека Скопскиот џез фестивал и ОФФест ја имаат најдобрата и најквалитетната публика во Македонија: едуцирана, отворена, љубопитна, внимателна, културна, топла, благородна и благодарна. Нивните искрени реакции, аплаузи, воздишки и насмевки дејствуваат секогаш поттикнувачки и мотивирачки за музичарите, кои тоа добро го чувствуваат и тоа чувство често го споделуваат со нас по концертите.

Не напразно ни е изреката за Македончето „шамар да е, гага да е“. Дали цената на билетите, на некој начин, ја селектира публиката?

– Не верувам дека каква било цена на билет може да ти ја селектира публиката. Селекцијата на публиката е детерминирана од повеќе фактори. Од понудата, пред сè. Публиката е умна, никако не смее да се потцени, таа точно знае што сака и умее да препознае квалитет. Се разбира, работа на промоторот е, првенствено, да ја информира својата потенцијална публика најавувајќи го доволно гласно музичкиот настан, но, и да му ја предочи, односно приближи музиката на потенцијалниот посетител на концертот. Во денешно време, со оглед дека постојат милион различни алатки за маркетинг, таа задача воопшто не е лесна, но не е и неостварлива. Во исто време, треба да се има предвид уште една битна компонента на секоја успешна фестивалска приказна кога е публиката во прашање, а тоа е довербата во вкусот, изборот и организаторските способности на организаторот. Довербата се гради и негува многу долго и континуирано, а може лесно да се урниса, со неколку погрешни потези.

Ако имаме финансиска можност да купиме три билети, на пример, за три концерти, кои концерти годинава не смееме да ги пропуштиме? Кои концерти вие, како љубител на џезот, не би ги пропуштиле?

– Уф, ужасно тешко прашање… Хм, ајде да се обидам да го одговорам, да сумирам кои три концерти од богатата програма на 38-от Скопски џез фестивал, лично, не би си дозволил да ги пропуштам: Fred Frith Trio, Art Ensemble of Chicago и James Brandon Lewis Quintet.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот