ИНТЕРВЈУ | Искрено со Антониа Гиговска: Љубовта со Роберт беше еден допир, а мајчинството ме скроти

Фото: Приватна архива

Поп-пејачката Антониа Гиговска се враќа на музичката сцена, пет месеци по породувањето. Освен што ја промовира својата нова песна „Брига ме“, таа веќе има закажано и настапи. Антониа вели дека е возбудена поради својата публика, но и дека успева да се организира, па бабите и дедовците помагаат околу чувањето на синот Киан. Со Антониа зборуваме за сѐ, за бракот, за мајчинството и колку тоа ја промени, како се соочува со негативните коментари и конечно, за нејзината страна на приказната за љубовта со Роберт.

Фото: Приватна архива

По пет месеци од породувањето се врати на музичката сцена, имаш еден куп закажани настапи. Дали си возбудена? Како се организираш со синот?

– Премногу возбудена, а веќе ги одржав првите два настапи. Мислев дека ќе имам трема, но немав, и тоа е изгледа затоа што со душа чекав да се вратам на сцената. Организацијата со синот е секогаш иста, прво едната баба, па другата, се снаоѓаме.

Се врати ли во топ-форма? Како оди ослободувањето од вишокот килограми што ги доби во текот на бременоста?

– Сѐ уште не сум, имам уште многу за да се вратам во форма каква што бев пред да се породам, но благодарение на мојот тренер, на добар пат сум да ги намалам килограмите, барем јас така мислам.

Фото: Приватна архива

На вашиот син му го дадовте името Киан. Тоа е ретко име, има ли некое значење?

– Името Киан значи „крал“ на персиски и е старо античко име. И на двајцата ни се допадна тоа име.

Се плашиш ли дека бебето, па и бракот ќе влијаат на твојата кариера?

– Воопшто. На почетокот сите оние што мислеа дека бебето ќе ме спречи во кариерата, на крајот се излажаа. Детето може само да ти даде мотив и енергија да чекориш кон патот што си го замислил и да не застануваш.

Каков татко и каков сопруг е Роберт?

– На сите им велам, тој е совршен сопруг и најдобар татко!

Фото: Приватна архива

Како почна вашата љубов, како гром од ведро небо беше објавата за вашата врска, па и бременоста. Се пишуваше сешто… која е твојата приказна?

– Нашата љубов беше спонтана. Беше еден допир и очи што искрено се погледнаа. На вистинско место, во вистинско време. Мојата приказна е многу едноставна. Секој може да те нападне за да се одбрани сам себе, меѓутоа верувам дека секој си ги знае своите грешки и сметам дека сите сме на местото каде што треба да бидеме. Ништо повеќе, ништо помалку. Јас дозволив секој да си скрои приказна каква нему најмногу му одговара и молчев, а која е вистината на целата таа приказна, знаат само оние што биле во неа.

Те погодуваат ли лошите коментари, што велат твоите родители?

– Да бидам искрена, не ме погодуваат. Не можат да те повредат невистини, клевети, навреди. Кога сум во прашање јас, може да ме повреди само она што ќе дозволам да ме повреди. На моите родители не им е сеедно, сепак, јас сум нечие дете. Иако сум од свои 14 години активно во музиката и на естрадата, ги научив да се справуваат со притисокот што го носи оваа професија.

Често објавуваш провокативни фотографии. Колку е тоа важно, од една страна, како естраден уметник, а од друга страна, тука се негативните коментари на социјалните мрежи?

– Коментари ќе има секако, дали ќе бидам облечена попровокативно или не… Се водам по тоа – ако има каков било коментар, дали бил лош или добар, секако е добро. Кога има каков било коментар, значи дека некој ја следи твојата работа како артист, песна, спот, гардероба, настап или слично, но ако никој ништо не напише за тебе, треба да се запрашаш дали доволно се трудиш.

Фото: Приватна архива

Како Роберт реагира на тоа?

– Се навикна, мораше.

Те промени ли мајчинството? Колку сега се поголеми стравовите затоа што треба да се грижиш за своето дете?

– Ух, сега го разбирам она „само детето не ми го чепкај“, мислам дека сум способна за сѐ кога е во прашање Киан. Мајчинството ме смири, ме скроти и ми покажа што значи љубов во вистинска смисла на зборот.

Ти помагаат ли бабите и дедовци околу Киан?

– Имам голема помош и од бабите и од дедовците. Но, сепак, сопругот е на прво место и тој постојано е тука за сѐ. Бабите се најдобрите другарки со Киан, и искрено, како што може баба да те тинтра, не можат ниту мајка ниту татко.

Готвиш ли сега почесто?

– Да, готвам, знам неколку јадења баш професионално да ги направам. Никогаш не сум била во кујна, затоа и не знаев колку е вкусно кога сам ќе си зготвиш! Роберт обожава неколку мои јадења.

Каде за Нова година и кои се идните планови?

– Ако немаме настап, можеби некаде ќе „избегаме“, ако не, во домашна атмосфера. Подготвуваме неколку песни со Лазе и Дарко и неколку дуети. Очекувајте нешто ново од мене многу наскоро.

Фото: Приватна архива

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот