Фото: Приватна архива

Интервју со Едина Муса, поранешна кошаркарка и фитнес тренерка: Новопечената мајка не треба да се прашува дали го дои бебето, тоа е премногу лично

„Откако го добив Максим, можам да кажам дека се чувствувам спокојна, исполнета и бескрајно благодарна на Бога. Најголемата желба во мојот живот беше токму тоа – да станам мајка“, вели Едина.

Поранешната кошаркарка, а сега фитнес тренерка, Едина Муса, пред половина година стана мајка. Синот Максим е центарот на нејзиниот свет.

Во интервјуто за „Слободен печат“, Муса зборува за предизвиците и убавините на мајчинството, за ноќите без сон, за љубовта и поддршката, но и за тоа како спортот ѝ помогна полесно да ја помине бременоста и да се врати во форма.

Во февруари стана мајка, Максим веќе има шест месеци. Како ги опишуваш овие половина година заедно?

– Откако го добив Максим можам да кажам дека се чувствувам спокојна, исполнета и бескрајно благодарна на Бога. Најголемата желба во мојот живот беше токму тоа – да станам мајка.

Оваа половина година заедно имаше многу љубов и по малку од сè останато. Неспиени ноќи, хормонален „ролеркостер“, внатрешни стравови… не можев да претпоставам дека едно толку мало човече е всушност грижа 24/7. Буквално не можеш ни да се истушираш кога ти ќе посакаш. Од претходниот живот, работејќи три различни работи на секојдневна база и со секојдневни тренинзи – одеднаш имав само една „работа“: Максим.

Мислев дека сум научена да работам во хаос, да работам по цели денови, да не одморам… но, ништо од тоа не може да се спореди со одговорноста и напорот кој го вложуваме ние мајките, особено кога бебето е толку мало.

Фото: Приватна архива

Кои се најубавите, а кои најпредизвикувачките моменти во овој период?

– Секој момент ми е убав со него, но ако треба да издвојам, тоа би бил периодот кога почна да ме забележува и да ми се насмевнува. Од тогаш па сè до денес имаме интеракција, игри, гугање, смешкање… најубавите работи што сум ги доживеала во животот.

Како најпредизвикувачко би го издвојила доењето. Искрено мислев дека тоа е природно и дека оди само по себе, но не било така. Кај голем број мајки, вклучувајќи ме и мене, почетната лактација претставува голем предизвик. Поради тоа би апелирала луѓето да бидат внимателни – новопечена мајка не мора веднаш да се прашува дали го дои своето бебе. Ако не го дои (не по нејзина желба), таа веќе води внатрешна борба и не ѝ треба дополнителен притисок.
Интересно е што ова е многу приватно прашање, а сепак речиси секој што ме сретнал ме прашал дали го дојам Максим. Навистина не знам зошто тоа е првото прашање за новите мајки.

Фото: Приватна архива

Колку тебе те промени мајчинството?

– Не можам да кажам дека ме промени како личност – повеќе би рекла дека ме надополни и исполни. Ми даде сила, мотив, среќа. Ме потсети дека треба да го забавам темпото, да уживам во секој миг и да бидам благодарна на Бога за овој благослов.

Наоѓаш ли време за сите обврски – мајчинство, секојдневие? Кој ти помага околу Максим?

– Не можам да кажам дека имам време за сите обврски – многу работи се на чекање. Листата на приоритети изгледа вака: Во глобала, Максим ми е одлична придружба за пазарење, состаноци, натпревари… Дури можам да кажам дека социјалниот живот ми е подобар отколку порано.
На почетокот мислев дека не ми треба помош, но со време сфатив дека е добро да ја прифатам. Благодарна сум на свекрва ми и свекор ми, на моите родители и сестра ми, на тетка ми која дојде од Босна, како и на баба Зорица и дедо Зоки – иако не ни се роднини, тие се вистински баба и дедо за Максим.

Фото: Приватна архива

Како поранешна кошаркарка и фитнес тренерка, дали веќе се врати во форма по породувањето? И дали имаше проблем со килограмите?

– Имав здрава и лесна бременост, без последици по породувањето. Благодарение на спортот и вежбањето во текот на целата бременост, телото ми се врати на првобитната тежина за 3–4 месеци. Секако, тежината се врати, но за форма треба време и вежбање. Поради царскиот рез подолго време не можев да вежбам како порано. Сега ми е важно да сум физички активна и посветена мајка, а не да брзам да ја вратам старата форма.

Би сакала да ги мотивирам мајките да бидат активни, но и да не се споредуваат со мене или со други. Секое тело е различно, секоја бременост е различна.

Фото: Приватна архива

Колку беше предизвик да се вежба до крај на бременоста? Кои се придобивките?

– Не ми беше предизвик – тоа е мојот начин на живот. Вежбањето ми помогна да не ја почувствувам тежината на тие 14 килограми што ги качив. Дури и одев на тренинзи и натпревари со децата од клубот.
Бидејќи имам пет операции на колената, вежбањето ми беше неопходно за мускулите да ја носат дополнителната тежина. Најважно е да се знае: може да се вежба во бременост само ако таа не е комплицирана и само ако сте вежбале претходно.

Дали успеваш сега да најдеш време за себе?

– Да, секако. Тука се сите оние драги луѓе за кои зборував претходно. Бог да ми ги благослови.

Фото: Приватна архива

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот