Интерпол со потврда за реформите во полицијата: Македонија избрана за домаќин на 50.Конференција на Европскиот регион во 2023

Директорот Тасевски на средбата со генералниот секретар Шток ги изрази заложбите за продлабочување на соработката меѓу земјава и Интерпол.

Во Лион денеска на 49. Конференција на Интерпол за Европскиот регион, Северна Македонија е избрана за домаќин на 50. Конференција на Европскиот регион во 2023 година, што претставува уште една потврда за амбициозните реформи во полицијата во изминатиов период, но и успешната заедничка соработка на земјата како кредибилен партнер на Интерпол. Првата честитка по гласањето пристигна од претседателот на Интерпол, Ахмед Насер Ал Раиси.

– По промотивната видео презентација за земјата и за нашата полиција, подготвена од страна на МВР специјално за овој повод, за нашата држава веќе започнуваат подготовките идната година да ги собере европските претставници, но и гостите од земјите членки од другите континенти на 50-иот собир на Интерпол што, пак, се поклопува со 30 годишното членство во Интерпол на нашата земја, се наведува во соопштението од МВР.

Официјалната кандидатура на Северна Македонија уследи по средбите кои директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, кој ја предводи делегацијата на МВР, на маргините на Конференцијата ги оствари со генералниот секретар на Интерпол, Јирген Шток, како и со претседавачот на Конференцијата и заменик претседател за Европа, Шарка Хавранакова.

Директорот Тасевски на средбата со генералниот секретар Шток ги изрази заложбите за продлабочување на соработката меѓу земјава и Интерпол.

Генералниот секретар Шток посочи дека не само кредибилен партнер, туку Северна Македонија претставува регионален лидер за соработка во областа на сузбивање на криминалот и подобрување на безбедноста, како мост во Западен Балкан, а поддршката што нашата држава ја дава со директно учество во заедничките операции и во неопходната размена на податоци е особено значајна за глобалната безбедност и за сите 195 земји членки на Интерпол.

На средбата е потенцирано и вреднувањето на напорите на македонската полиција за отстапениот квалитетен стручен кадар кој работи на развој на активностите на Интерпол, вклучувајќи го и Генералниот секретаријат.

– Директорот Тасевски нагласи дека во изминатиов период во рамки на БЈБ и МВР на Северна Македонија се направени амбициозни и сериозни реформи, а показателите говорат за намалување на криминалитетот и добри резултати во спречувањето на шверцот со дрога, оружје, илегалната миграција, криумчарењето на мигранти и корупцијата. На врвот на агендата за периодот што следи, покрај споменатите, остануваат борбата против насилниот екстремизам и тероризмот, како и компјутерскиот криминал како современи глобални безбедносни закани, стои во денешното соопштение од МВР.

Генералниот секретар на Интерпол изразил желба за интензивирање на идните активности и упатил благодарност за подготвеноста на Северна Македонија да биде домаќин на 50. Конференција на Интерпол во 2023, што претставува уште еден показател за целосната посветеност на Северна Македонија во реализацијата на заедничките активности со Интерпол.

Претседавачот на Конференцијата, Шарка Хавранакова, на средбата со директорот Тасевски изрази задоволство од досегашните активности на Северна Македонија како членка на Интерпол, нотирајќи го интересот на нашата земја за многу заеднички активности, продлабочување на соработката и иницијативата да биде домаќин на собир на Интерпол на највисоко ниво за 2023.

Меѓу другото, 49. Конференција на Интерпол за Европскиот регион, покрај Стратегијата 2022-2025, ја донесе и визијата на оваа организација до 2030 година, чија рамка, според генералниот секретар Шток, е определена од времето на брзи промени како „новото нормално за светот”. Имајќи предвид дека околината се менува, технологијата брзо се развива и го обликува светот, кој се базира на комуникации, размена на информации, употреба на вештачка интелигенција, климатски промени, миграции – сето тоа, според Шток, влијае врз креирањето политики на Интерпол и земјите членки, барајќи брза размена на податоци и прецизен одговор од сите, како суштинска потреба за глобалната безбедност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот