Интерес од домаќинствата да произведуваат струја има, капацитет на мрежа – нема
Седумдесет проценти од потрошената струја е од страна на домаќинствата и малите фирми, затоа е многу важно да се зголеми производството на таканаречената граѓанска струја
Голем број домаќинства се заинтересирани за поставување на соларни централи на своите покриви за да произведуваат струја, но и да го продаваат вишокот. Но, голем дел од нив не добиваат зелено светло затоа што не може да бидат приклучени на електричната мрежа, објаснува за „Слободен печат“ Зоран Митрески, сопственик на „Ефикс електрикал“, компанија која долги години се занимава токму со инсталирање на овие системи.
Препорачано
-Веќе не можеме да зборуваме за некои административни пречки за фотоволтаичните централи за домаќинствата. Процедурите сега се доста едноставни. Не требаат ни дозволи од општината, само известување. Секако, потребна е проектна документација и на тој начин се добива двосмерно броило. Но, 99 отсто од одбиените барања се поради тоа што ЕВН нема капацитет да ги приклучи на мрежата – вели Митрески.
Вчера пак, во Скопје се одржуваше Регионална конференција „Граѓанска енергија: политики, практики и регионална размена“ на која се потенцираше дека токму оваа енергија произведена на крововите, може да биде многу значајна за целиот енергетски систем и за пофер енергетска транзиција, затоа што дури 70 проценти од потрошената струја е од страна на домаќинствата и малите фирми. Учесниците на конференцијата, велат дека направените анализи сепак покажуваат потреба од понатамошно олеснување на процедурите, но и субвенционирање.
-Она што сè уште не е во потполност изразено во Северна Македонија е одговор на прашањето: Што сака да постигне општеството со поддршката на просумерите (домаќинствата што произведуваат и продаваат струја)? Како во секоја земја од Западен Балкан, така и во Северна Македонија најголем дел од потрошувачката се случува во ниско-напонската мрежа, таму каде што се наоѓаат домаќинствата и малите фирми, а таму се 70 проценти. Важно е што повеќе електрична енергија да произведеме на тоа ниво – изјави Александар Мацура, програмски директор во РЕС фондацијата.
Македонија нема јавен регистар на домаќинства-просумери и неопходно е тој да се направи, но се калкулира со бројка од околу 1.000 домаќинства кои истовремено произведуваат и продаваат струја.
-Ако нема економски бенефиции нема да има и развој на вакви консументи. Електроенргетскиот систем е многу сложен и нема потреба секој корисник да го разбере, но она што ќе го добие како сигнал од државата мора да биде јасно. Грубо кажано, еден инсталиран киловат сега е 1.000 евра, а паѓа и цената на технологијата, но ако некој прави пресметка овој податок би му бил доволен – објасни Мацура.
Елена Николовска, програмска координаторка во Еко-свест вели дека има голем интерес од граѓаните да станат производители на струја, но дека треба поголема поддршка.
-Граѓанската енергија не е нешто фиктивно, сега само треба да изнајдеме начин како да го забрзаме порастот на граѓанската енергија. Според нашето истражување, треба да има поедноставни процедури, поголема институционална поддршка на граѓаните кои ова сакаат да го направат, поголеми финансиски средства. Законот за обновливи извори на енергија сè уште не е донесен, а беше објавен на Електронскиот регистар на закони во април 2025 година. Од подзаконските акти зависи како ќе биде доуредена оваа област на активни потрошувачи и енергетски заедници, односно дали ќе биде олеснета, или усложнета постапката. Ова е голема енергетска регулатива која ја транспонираме од Европската Унија – вели Николовска.
Според нашата регулатива, домаќинствата можат да постават фотоволтаични електрани на крововите на своите куќи со максимална моќност од 10 киловати, што може да ja покрие годишната потрошувачка до 13.000 киловат-часа. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, а кои се однесуваат на 2024 година, потрошувачката на електрична енергија во домаќинствата изнесувала 1.727 киловат-часа по жител годишно, што значи дека ова е доволно за да ги покријат своите потреби и да имаат вишок за продажба, или пак за складирање.
Во однос на исплатливоста, според сегашната регулатива, предадената струја во системот е поевтина од онаа кога домаќинството ќе мора да си купи струја. Во Србија е поповолно, еден киловат предадена струја се заменува за еден киловат купена. Така треба да биде и кај нас согласно новиот Предлог-закон за обновливи извори на енергија. Но, како што вели Мацура, европската регулатива оди во правец на тоа предадениот киловат да биде поевтин од купениот за да не се стимулира „извоз“ во мрежа. Стануваат се поактуелни батериските системи за чување на струја која ќе се користи кога обновливите извори нема да може да ја произведуваат.


