Иницијативата на ЗЏМ се оствари, ќе се формира „Оркестар за џез музика“

Фотографија од концертот на ЗЏМ Биг бенд со Луис Бонила

Владата на вчерашната седница донесе одлука за основање национална установа „Оркестар за џез музика во Република Северна Македонија“ – Скопје, чија основна дејност е подготвување и јавно изведување на високо квалитетни музички дела од областа на џезот и сите сродни жанрови кои гравитираат или се изведени од оваа „класична“ култура на дваесет и првиот век, известија од Министерството за култура.

Новата национална музичка институција се формира на иницијатица на Здружението на џез музичари и слободни уметници, кое со својот биг бенд во изминативе години постигна голем успех во земјата, во регионот и во Европа и со своите концерти пополни огромна празнина во овој дел на музичката култура.

Преку оваа установа се негуваат талентираните џез музичари кои работат и кои се школуваат во земјава и им се овозможува траен и одржлив ангажман што ќе создаде услови тие да создадат врвни дела и да ја афирмираат џез културата, како и да ја популаризираат македонската џез музика.

Со оглед на празнината што државата ја има со непостоење на ревиски оркестар, оваа установа ќе се грижи за подобрување на музичката продукција, ќе се залага за едукација на млади таленти и ентузијасти, ќе организира џез фестивали и настани кои ќе помогнат во негување на џез културата на територијата на целата држава и ќе работи на сопствено вмрежување во меѓународни организации кои ја негуваат истата дејност.

Оркестарот на Здружението на џез музичари и слободни уметници веќе се има докажано како врвен ансамбл, кој е на ниво на светските стандарди, така што како Национална установа ќе продолжи во насока на ширење на концертната дејност, организирање работилници и други музички изведби со кои ќе настапува дома и во странство, а ќе продолжи со вмрежување со европските и светски сродни институции, по практиката која веќе ја востанови.

Националната установа просторно ќе се смести во објектот на НУ Национална Филхармонија, а по потреба ќе го користи и музичко-сценскиот простор на НУ Национална опера и балет, известија од Министерството за култура.

По објавената информација од Министерството за култура со своја порака до јавноста се обратија и од Здружението на џез музичари и слободни уметници (ЗЏМ).

– Со огромно задоволство сакаме да споделиме со вас една, за нас, многу значајна информација, а истовремено и да ја поздравиме историската одлука за основање на национална установа „Оркестар за џез музика во Република Северна Македонија“ – Скопје.

Изразуваме јавна благодарност до министерската за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, и Министерство за култура, кои најдоа слух за нашите заложби и ја препознаа вредноста на нашата долгогодишна работа, давајќи потврда за нашиот труд преку основањето на „Оркестар за џез музика во Република Северна Македонија“ – Скопје.

ЗЏМ Биг бендот сиве овие години безрезервно работеше и се залагаше за промоција и афирмација на македонската џез музика и македонските џез музичари, и зад себе остави низа концерти и настапи за паметење, кои направија исклучително влијание врз македонската музичка сцена, но и врз македонската култура воопшто, подигнувајќи ја на едно повисоко ниво и проширувајќи ги хоризонтите на публиката и на целата јавност.

Институционализирањето на овој оркестар за џез музика, претставува потврдува за долгогодишните заложби на Здружението и неговите активности реализирани преку ЗЏМ Биг-бендот, како и заложбите на бројните музичари кои гравитираат во сферата на џез-музиката.

Основањето на овој оркестар ќе биде уште едно поле во кое се отвора можност за негување на нашата креативност, но и можност за понатамошно професионално занимавање со нашата дејност, за што сме бескрајно благодарни.

Со овој чекор, ЗЏМ се надоврзува на историјата на создавање на џез оркестри во земјава, која започнува во далечните педесетти години на минатиот век, кога во Штип, во рамки на КУД „Македонка“ се формира првиот биг-бенд во Македонија. Потоа следи создавањето на уште една култна институција – Танцовиот оркестар на Радио Скопје, потоа оркестарот кој функционира во рамки на КУД „Мирче Ацев“, оркестарот при КУД „Боро Џони“ во Струмица и многу други, кои во времето на своето дејствување, исто така, оставиле траги на македонската џез сцена.

Продолжуваме понатаму со ветување дека нашиот оркестар ќе продолжи по истиот пат, и во континуитет ќе го афирмира македонскиот џез, во земјава и надвор од неа – истакнаа од ЗЏМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот