Плоштад „Македонија“, Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

ИНФОГРАФИК За една година бројот на невработени се намалил за речиси 28.000: Се зголемила вработеноста или младите се отселиле?

Голем дел од невработените што се пријавија во Агенцијата за вработување поради економските мерки поврзани со невработеноста, сега самоиницијативно престанаа да се евидентираат како баратели на работа

Вкупната бројка на активни и пасивни баратели на работа во Агенцијата за вработување во март била 175.983, додека во март минатата година нивниот број изнесувал 203.661. Овие бројки покажуваат дека е значително намален бројот на луѓе што секој месец, или пак на 6 месеци, се пријавуваат дека бараат работа во Агенцијата за вработување. Според оваа евиденција, бројот на барателите на работа се намалил за 27.678, односно за 13,5 проценти во март 2021 во однос на март 2020 година.

Обработка на податоци: Слободен печат – Иван Самарџиев

Упатените објаснуваат дека намалувањето на бројот на оние што бараат работа може да се должи на повеќе фактори. Сите невработени не се пријавуваат во Агенција за вработување (од пред повеќе години за добивање здравствено осигурување доволно е да се отиде во Фондот за здравство). Минатата година имаше едно драстично зголемување на бројката на баратели на работа поради тоа што имаше економски мерки против економската криза предизвикана од пандемијата, кои беа поврзани со тоа лицето да биде невработено и пријавено во Агенцијата како активен барател на работа, па откако помина периодот со мерките, тие луѓе повторно престанаа да се пријавуваат. Годинава, со зголемување на економската активност на компаниите, имаше и поголема потреба од работници. Но, исто така, намалувањето на бројот на барателите на работа се поврзува и со нивното заминување на работа во странство.

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека сегашното ниво на невработеност е на најниско историско ниво.

– Како што објави Државниот завод за статистика, невработеноста во четвртиот квартал од минатата година е 15,2 проценти и тоа е најниско ниво во нашата историја. Целта кон која се стремиме е стапка на вработеност од 54,3 проценти до 2026 година и едноцифрена бројка на невработеност до 2020 година – рече вчера Ковачевски.

Работодавачите, пак, велат дека имаат огромен проблем со наоѓање работници. Најкритично е во угостителскиот сектор каде што во летниот период, особено во туристичките места е зголемена потребата за угостителски кадар.

– Тврдам дека секој втор угостителски објект бара работници. Некои од нив за време на пандемијата се преквалификуваа и најдоа друга работа, но најголем дел од готвачите и келнерите заминуваат да работат на море, особено во Хрватска и во Црна Гора – ни изјави Здравко Јосифовски, претседател на Независната угостителска комора, кој објаснува дека во недостиг на кадри, сосема го сменил начинот на работа на неговиот ресторан, па тој сега функционира по принципот на самопослужување, а се нудат менија за појадок и за ручек.

Но, освен сезонска работа, многумина заминуваат и трајно да работат во други држави штом стивна пандемијата, но најчесто со бугарски пасоши. На поставеното прашање дали имаат проблем со работната сила, веќе и не постои дејност која одговара дека немаат.

Речиси 60 отсто од невработените немаат образование или се со основно

Агенцијата за вработување прави анализа на податоците само на оние што активно бараат работа, односно на оние што доаѓаат да се пријават како невработени секој месец. Во март имало 125.907 активни баратели. Од нив, речиси 60 отсто, односно 73.023 немале образование, или имале основно образование. Со непотполно средно училиште се 11. 834 баратели на работа, со средно училиште 30.529, со виша школа бараат работа 8.784 невработени. Завршен факултет имаат 8.874 граѓани што се без работа. Работа бараат и 686 магистри и 15 доктори на науки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот