Имотот на Еуростандард банка е заштитен

Скопје, 13 август 2020 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Поранешниот сопственик Трифун Костовски е скептик дека сите што штеделе во банката ќе бидат обесштетени и ги повика институциите да реагираат.

Според законската регулатива, со денот на донесувањето на решението за укинување на дозволата, Еуростандард банка престана со работа, а престанаа и надлежностите на Народната банка. Сега сѐ е во рацете на стечајниот управник, а првото рочиште е закажано за 8 октомври. Имотот на банката е заштитен и е во функција да се обезбедат дел од предусловите за спроведување ефикасна и брза стечајна постапка, во чии рамки треба да се наплатат побарувањата на доверителите и дел од депонентите, соопштија од Народната банка.

Од 15 септември, Фондот за осигурување депозити ќе почне со исплата на обесштетувањето на клиентите на Еуростандард банка, до законски утврдениот максимален износ од 30.000 евра. Исплатата според азбучен ред ќе се извршува преку експозитурите на Комерцијална банка, НЛБ банка, Стопанска банка и Халкбанк. Според последниот прочистен список од стечајниот управник, ќе треба да се исплатат 68,2 милиони евра, односно 3,3 милиони евра помалку. Списокот е прочистен за обврските кон банката или, пак, кредити, а нема да се обесштетуваат депозити на членови на Управниот и во Надзорниот одбор, како и на нивни блиски роднини од прв степен. Воопшто нема да се обесштетат депозитите што биле поврзани со перење пари и депозитите што се чувале со привилегирани каматни стапки.

Трифун Костовски, еден од најголемите акционери во Еуростандард банка, се согласува дека според Законот за банки, стечајот е завршена работа, но тој ќе оди докрај да ја истера правдата за себе, а најмногу поради штедачите.

– Со стечајот се отвора своевидна „богата шведска маса за канети и неканети гости“ – рече Костовски на ТВ Канал 5.

Поранешниот сопственик и натаму тврди дека Народната банка не ги искористила сите инструменти што ѝ се на располагање и дека со стечајната постапка „се затвора можноста за да се види каде завршиле парите“. И покрај информацијата дека од вкупно одобрените кредити на Банката во износ од 100 милиони евра, 60 проценти биле нефункционални, Костовски повторува дека не знае кому биле дадени тие средства и под какви камати. Тој додава дека НБРМ ја известиле веднаш штом пронашле стратешки инвеститор, но институцијата го одбила. Поранешниот сопственик е скептик дека сите што штеделе во банката ќе бидат обесштетени и ги повика институциите да реагираат.

Народната банка ја укина дозволата за основање и работење на Еуростандард банка АД Скопје на 12 август поради несолвентност на Банката, односно неисполнување минимални законски услови за работа на банка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот