Кандидати за судија во Стразбур

Имињата пак испратени на „амин“ – овој пат кандидатите за судија во Стразбур ѝ се допаднале на Владата

Новите кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) што ги утврди новата Комисија за избор – адвокатите Наташа Бошкова и Јордан Апостолски и професорот Сашо Георгиевски, прво се најдоа пред Владата, иако требаше веднаш да бидат доставени до Меѓународниот советодавен панел. Министерството за надворешни работи (МНР) побарало „амин“ од Владата, по што листата со кандидати треба да биде испратена на наредното ниво за селекција.

Антикорупционерите ќе се „судрат“ со евентуалниот судир на интереси за судија во Стразбур

Од МНР за „Слободен печат“ велат дека Комисијата доставила известување за изборот на кандидатите, а Министерството листата ја испратило до Владата. Ова се случува и покрај тоа што претходните тројца кандидати „заглавија“ токму во Владата, кога по неколку месеци чекање предлог-листата беше поништена без никакво образложение.

Според Одлуката за основање на Комисијата за избор на кандидати, листата требаше директно да биде испратена до Експертскиот (Советодавен) панел.

„Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, како надлежна институција задолжена за спроведување на административните и на техничките работи на Комисијата, подготви Информација до Владата на Република Северна Македонија за реализираните активности во рамките на националната постапка за номинирање на тројца кандидати. По усвојувањето на Информацијата од страна на Владата, Министерството ќе ја продолжи постапката за обезбедување мислење од Меѓународниот советодавен панел на експерти при Советот на Европа во однос на исполнувањето на пропишаните критериуми од страна на избраните кандидати“, велат од Министерството за „Слободен печат“.

Владата експресно ја усвои информацијата

 

По овој одговор, Информацијата експресно беше усвоена на владина седница, што значи дека овој пат кандидатите за судија во Стразбур ѝ се допаднале на Владата.

„По разгледувањето, Владата ја усвои Информацијата, по што Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, како надлежна институција задолжена за спроведување на административните и техничките активности во постапката, ќе продолжи со обезбедување мислење од Меѓународниот советодавен панел на експерти при Советот на Европа во однос на исполнувањето на пропишаните критериуми од страна на предложените кандидати. По добивањето на мислењето, Комисијата ќе ја достави листата со тројца кандидати до Владата, по што конечната листа ќе биде проследена до Парламентарното собрание на Советот на Европа“, информираа од Владата.

Ова е втора постапка за избор на кандидат за ЕСЧП, откако Владата ја поништи претходната предлог-листа, на која беа обвинителката Ленче Ристоска, судијката Габриела Гајдова и адвокатот Јован Апостолски.

Владата никогаш не објасни кои критериуми не ги исполнувале овие кандидати за да биде поништена постапката, а непосредно по овој преседан почна и „војната“ со Ристоска, која ги води предметите „Талир“, со кои е опфатена и зградата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, таканаречената Бела палата. Ристоска и Гајдова не се кандидираа на повторениот оглас, додека Апостолски, иако најавуваше дека ќе бара „црно на бело“ од Владата за тоа кои критериуми тој лично не ги исполнува, сепак се пријави, замолчи и повторно се најде меѓу тројцата кандидати.

Тројцата кандидати на стендбај – Владата уште не дава „пас“ за судија во Стразбур

По поништувањето на првата листа беше утврдено дека, иако требало да биде испратена до Советодавниот панел, таа била доставена до Владата, каде што и заглавила постапката. Од Комисијата објаснија дека се воделе според водичот на Експертскиот панел на Советот на Европа, наменет за објективизирање на критериумите за избор.

И актуелниот избор на кандидати го следеа контроверзии откако беше поднесена пријава до Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) против претседателот на Комисијата и претседател на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, за судир на интереси, бидејќи Георгиевски бил ментор на магистерскиот труд и на докторската дисертација на Костадиновски. Имаше пријави и за други кандидати и членови на Комисијата.

Сомнежи за судир на интереси

 

Антикорупциска утврди постоење потенцијален судир на интереси меѓу членови на Комисијата и дел од пријавените кандидати од вкупно 11, но се прогласи за ненадлежна за постапување, оценувајќи дека „законски не постои актуелен, реален судир на интереси“. Соломонското решение беше најдено со тоа што ДКСК препорача Костадиновски, директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Ирина Трајкоска-Стрезоски и претседателот на Граѓанскиот суд, Бесник Авдија, како членови на Комисијата, да се изземат од гласањето за кандидатите поради потенцијален судир на интереси.

Антикорупционерите ќе се „судрат“ со евентуалниот судир на интереси за судија во Стразбур

Првата пријава до ДКСК се однесуваше на Костадиновски, кој одлучувал за својот академски ментор. Втората беше поврзана со директорката на Академијата за судии и обвинители, Трајкоска-Стрезоски, која одлучувала за кандидатите Илир Исени и Али Алиу, од кои првиот е нејзин заменик во Академијата, а вториот член на Управниот одбор на Академијата.

Поради овие кандидати, поврзани со Академијата, пријава за судир на интереси имаше и против Бесник Авдија, кој како претседател на Граѓанскиот суд и претседател на Управниот одбор на Академијата одлучувал за свои колеги.

Селекцијата на кандидатите почна пред два месеца, а на повторениот оглас се пријавија судии, обвинители и адвокати. Првично беа пријавени 20 кандидати, од кои 11 го поминаа првиот филтер. По првата селекција почна и „војната“ со пријави до Антикорупциската комисија. Костадиновски беше именуван за претседател на Комисијата, на предлог на Владата, откако истата Влада претходно ја поништи предлог-листата со кандидати.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот