Имало многу несреќи, но никогаш и двонеделно „самораспуштање“, пратениците не се собраа ниту да изразат сочувство
Собранието не свика седница ниту да упати пораки за брзо закрепнување на околу 200 повредени, ниту, пак, да донесе одлука за финансиска помош на погодените од пожарот во Кочани. Факт е дека за трагедијата беа прогласени седум дена жалост и никој немаше да забележи за тие денови, но јавноста се крена на нозе откако пратениците одлучија да не работат уште седум дена.
Плурална Македонија памети многу несреќи, но не памети Собранието две недели да не заседава, зашто така одлучил претседателот на парламентот со потпретседателите и со шефовите на парламентарните групи. Пленумот не се состана ниту да изрази сочувство на семејствата на 59 загинати млади во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани и да упати пораки за брзо закрепнување на околу 200 повредени, ниту, пак, донесе одлука за финансиска помош на погодените од несреќата.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Поранешни пратеници со кои разговараше „Слободен печат“ не паметат Собранието да свика пауза половина месец поради „чувствата на граѓаните, почит кон загинатите и закрепнување на повредените“.
Граѓаните на Македонија беа погодени од жртвите на три авионски несреќи на комерцијални авиолинии на територијата на Македонија, при што загинаа вкупно 219 патници. Десет жртви имаше во две несреќи со мали авиони, а дополнителни девет настрадаа во авионската несреќа во која загина македонскиот претседател Борис Трајковски и неговите соработници, која се случи на територијата на БиХ.

Во три хеликоптерски несреќи загинаа вкупно 17 припадници на македонската армија. Во единствената бродска несреќа на Охридското Езеро имаше 15 жртви, а во автобуската несреќа кај Ласкарци, кога излета од патот автобус на „Дурмо турс“, загинаа 14 патници. Во последната автобуска несреќа во Бугарија трагичниот биланс е смрт на 45 сограѓани, меѓу кои 12 беа деца.
Во незапаметеното невреме што ги погоди Стајковци и Сингелиќ загинаа 22 лица, повеќето кај скопската обиколница. Се случи и атентат на поранешниот претседател Киро Глигоров, а Македонија во трагична несреќа го загуби и Тоше Проески.
Иако несреќите буквално ги погодија сите граѓани на државата, ниту еден претходен парламентарен состав не се скри од граѓаните, Собранието не си дозволи во буквална смисла целосно да замре и да не одржи ниту една комисиска расправа и пленарна седница. Работата на Собранието била во прекин во деновите на жалост – еден ден, два, три, во зависност од одлуките на владите за траењето на деновите на жалост.
Факт е дека за трагедијата во Кочани во Македонија беа прогласени седум дена жалост, најмногу досега и никој немаше да му забележи на Собранието дека не заседаваше тие денови, но јавноста се крена на нозе откако пратениците одлучија да не работат уште седум дена.

Според собраниската архива, по несреќата во Стајковци на 6 август 2016 година, Трајко Вељаноски, тогаш претседател на Собранието, закажа седница на 14 август со точка на дневен ред „Состојба во подрачјата погодени од временските непогоди во околината на Скопје“. Собранието донесе заклучоци, меѓу кои институциите да продолжат да излегуваат во пресрет на жителите од погодените подрачја до конечно отстранување, санирање и ублажување на последиците од катастрофалната временска непогода, а Владата да го реализира заклучокот за авансно обесштетување на погодените семејства и да продолжи да се ангажира за брза процена на штетите. Државните институции добија обврска да преземат законски мерки против оние што ја злоупотребуваат настанатата состојба за финансиска корист“. Впечатливо е дека поплавата во Стајковци ги мобилизираше тогашните пратеници, кои за седницата го прекинаа колективниот годишен одмор, кој секогаш е во август.
По несреќата на автобусот на „Дурмо-турс“, на 13 февруари 2019 година, во која загинаа 14 лица, а 39 беа повредени, беа прогласени два дена жалост. Собранието на 24 февруари одржа пленарна седница, на која требаше да му биде одземен имунитетот на пратеникот Трајко Вељаноски. Точка на дневен ред беше „Барање за одобрување притвор на пратеникот Трајко Вељаноски, поднесено од Основен суд Скопје I Скопје, Одделение за организиран криминал и корупција III.КОК – ПП. бр.95/19 од 21.02.2019 година“. Седницата не доби епилог откако тогаш претседателот на Собранието Талат Џафери три минути по полноќ ја прекина.

По загинувањето на Тоше Проески во сообраќајна несреќа во Хрватска, на 16 октомври 2007 година, Собранието ги прекина седниците закажани од комисиите, а не заседаваше ниту следниот ден, кој беше прогласен за ден на жалост. Сликата во Собранието беше иста и на денот кога во авионска несреќа, на 26 февруари 2004 година, загина поранешниот претседател Борис Трајковски. Тогаш беа прекинати сите закажани активности, беше прогласена тридневна жалост, но ни тогаш Собранието не направи пауза од две недели.
Поранешни пратеници коментираат дека Собранието си прогласи краток одмор зашто пратениците не сакаат да го доведат во прашање својот кредибилитет, дека пред очите на јавноста ќе треба да дадат одговори за ужасната трагедија во Кочани, дека целта е да се парализира политичкиот живот во државата и да се амортизира незадоволството на граѓаните. Тие коментираат и дека непримерено и недолично е една и пол недела по несреќата Собранието да не донесе одлука за донација за семејствата на загинатите и на повредените. Во исто време предлагаат актуелните народни избраници да донираат половина плата, бидејќи половина месец парламентот не работел.
По бурните реакции на јавноста, Собранието повторно се огласи со неуспешен обид да демантира дека не работи.
– Во врска со неточните информации и широко распространетите обвинувања за одложување на работата на Собранието минатата и оваа недела, појаснуваме дека ваквата одлука е донесена како резултат на согласност на сите присутни пратенички групи на координативната средба, одржана на 24.3.2025 година. Привременото одложување на активностите на Собранието беше гест на почит кон трагедијата во Кочани каде што животот го загубија млади луѓе и израз на солидарност со семејствата на жртвите и со сите граѓани погодени од оваа катастрофа. Собранието ќе продолжи со работа следната недела – соопшти Собранието.

Парламентот упорно тврди дека пратениците работат иако нема ниту седници на комисиите, ниту пленарни седници и според Собранието, „пратениците се активни и посветени на законодавните процеси, а секоја изјава со која се претпоставува дека паузираат е неосновано обвинување кое претставува тенденција за манипулирање со мислењето и нарушување на угледот на Собранието и народните избраници“.
-Во врска со реакциите за неодамнешната одлука за одложување на активностите на Собранието минатата и оваа недела, сакаме да појасниме дека Собранието на Северна Македонија и пратениците работеа и продолжуваат да работат. Откажани се пленарните седници, комисиите и неколку други настани за кои е потребно присуство на медиумите. Оваа одлука е донесена консензуално со сите координатори на пратеничките групи, на координативната средба, во знак на солидарност по трагедијата во Кочани и за изразување почит кон жртвите – се вели во денешното соопштение од Собранието.
Додаваат дека работата на Собранието и пратениците продолжува во други вообичаени форми, вклучително и координација меѓу пратениците и пратеничките групи, ангажирање во подготовката и разгледувањето на предлог законите, како и состаноци на различни нивоа.
Петковски: Собранието да се самораспушти, во најтешкиот момент ги напушти граѓаните


