И вработените кај омбудсманот пребаруваат документи во МВР, народниот правобранител реагира на хаосот во подрачните одделенија на полицијата

Фото: МИА

Насер Зибери побара на лицата што сега стануваат полнолетни, а немаат ниту нова лична карта или пасош, да бидат ставени на „брза лента“ за издавање документи, како транспортерите, на пример, за да не им биде ускратено уставно загарантираното право да гласаат на изборите.

Дел од вработените во Канцеларијата на Народниот правобранител веќе вторпат влегуваат во подрачните единици на МВР, поточно во деловите каде што се складирани готовите лични документи и им помагаат на граѓаните да си ги најдат и да ги подигнат. Идејата произлегла од мноштвото пристигнати претставки од оние што се сликале, добиле порака дека може да си ги подигнат новите документи, но не успеале и по неколку обиди. Граѓаните се револтирани што мораат по неколкупати да одат во просториите на МВР, но да се вратат со празни раце, и покрај прошетките од шалтер до шалтер.

Омбудсманот Насер Зибери ги пофали вработените во МВР за нивната кооперативност за остварување на идејата за пронаоѓање на готовите лични карти, пасоши, сообраќајни или возачки дозволи.

– Нонсенс е готовите документи да се оставени настрана, да се затурени и никој да не може да ги пронајде, и по неколку обиди. МВР мора подобро да се организира и да се направи ред во издавањето на готовите документи. Имаме секојдневни поплаки од лица што имале итна потреба да излезат од државата, без разлика дали тоа е од бизнис, здравствена, културна или научна потреба – истакна Зибери на брифинг со новинарите.

Омбудсманот укажа и на уште еден проблем во најава, повикувајќи се на изјавата на министерот за внатрешни работи дека на лицата што сега стануваат полнолетни и немаат ниту нова лична карта или пасош, ќе им биде ускратено уставно загарантираното право да гласаат на изборите, бидејќи не може да закажат термин. Зибери не сакаше да лицитира со бројки за колкава група граѓани станува збор, но рече дека МВР мора да го утврди нивниот број и по принципот на решението за транспортерите и за нив да отвори брза линија за да се сликаат и да извадат нови документи.

– Ако не може за сите, тогаш барем делумно да се ублажи овој проблем, оти во спротивно тие лица нема да може да гласаат – предупреди Зибери.

Народниот правобранител го повика МВР доследно да го применува издавањето на личните документи на трајна основа за граѓаните повозрасни од 65 години, бидејќи е констатирано дека ова не се спроведува во практика.

– Не може на граѓани со 65, 70 или 80 години да не им се издаваат лични карти на трајна основа. Ако се поправи ваквата ситуација, тогаш ќе се намали притисокот на граѓаните во наредните години и нема да има метеж за издавање на личните документи – нагласи Зибери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот