И граѓаните во лов на министри кои се возат во службени возила на митинзи

Фото: Слободен печат/ Даган Митрески

Граѓаните за првпат за време на изборна кампања ќе можат да пријавуваат изборни нерегуларности меѓу кои и злоупотреба на буџетските пари од страна на министрите, нивните заменици и други функционери кои се кандидати за пратеници. За таа цел и Државната антикорупциска комисија и новоформираната Комисија во Јавното обвинителство отворија свои веб страници. Граѓаните ќе можат да ги пријавуваат злоупотребите на [email protected] и на веб страницата на ДКСК каде е поставен образецот„ПРИЈАВА“.

Според Антикорупциската комисија, граѓаните ќе можат да пријават започнување на изградба со буџетски пари или јавни фондови на патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски училишта, градинки. Можат да пријават исплаќања и на плати, пензии, социјална помош кои не се редовни месечни исплати. Можат да пријавуваат и нови вработувања, но и откази во државни институции. За време на изборната кампања забрането е и користење на државен канцелариски простор за партиски штабови, канцелариска опрема, но и службени возила на државните инстиутции за време на митинзи.

За да можат граѓаните поуспешно да учествуваат во ловот на изборни нерегуларности, од ДКСК посочуваат да го користат „Регистарот на возила на државни органи, органи на локалната самоуправа, јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал“ објавен на веб страната на ДКСК, и секоја злоупотреба на возилата за партиски цели да биде пријавена.

Антикорупционерите посочуваат дека со постоечките закони кои ја регулираат изборната кампања не се забранети одржувањето на јавни настани и давањето на јавна изјава на носител на јавна функција или кандидат за носител на јавна функција на митинг, интервју на медиум, дебата на медиум или одговор на новинарско прашање. Во соопштението Антикорупциска предупредува дека, „Одговорноста за работењето на институциите е на нивните одговорни лица“.

Јавното обвинителство, освен што на граѓаните им овозможи директно кај нив да ги пријавуваат изборните нерегуларности, формираше и Комисија која на дневна основа ќе ги следи настаните поврзани со извршување на кривични дела сторени при организирањето и спроведувањето на изборите и гласањето. Во соопштението ЈОРМ пишува дека известувањата ќе ги проследува до соодветното основно јавно обвинителство.

„Ќе се дадат задолженија до основните јавни обвинителства за итно постапување, односно да формираат предмет и да преземат дејствија за утврдување на релевантни факти од кои зависи правилната примена на Кривичниот законик“, пишува во соопштението на ЈОРМ.

Денеска и премиерот Оливер Спасовски излезе со предупредувања до партиите.

– Секоја злоупотреба на државен ресурс за партиски цели ќе биде најстрого санкционирано. Институциите сега се транспарентни. Не се како порано затворени и граѓаните имаат целосен увид. Оваа порака најмногу ја упатувам до функционерите и од сите оние кои имаат пристап, до државните ресурси – рече Спасовски.

Спасовски потсети дека овие избори државата ги организира како земја членка на НАТО и како земја кандидат во последната фаза за членство во ЕУ за која се подготвува преговарачка рамка.

– Oва е уште една обврска повеќе и мотивација за посебен ангажман за спроведување на изборите по сите европски стандарди. Oвие избори се прилика во која мора да дојде до максимален израз личната, политичката и професионалната одговорност. И да се даде најдобриот придонес за доброто на граѓаните и за напредокот и развојот на Македонија. Да отвориме максимален простор за демократската волја на граѓаните да учествуваат во изборот на нова легитимна влада која ќе продолжи да ја води Македонија на вистинскиот пат како членка на НАТО и на ЕУ – рече Спасовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот