И фирмите што работат со државата останаа со куси ракави

Институциите на централно ново нудат многу малку работа, не само поради парите што главно одат за сузбивање на последиците од пандемијата, туку и поради предизборниот и постизборниот период. Општините се разработија во пресрет на локалните избори, но фирмите се жалат дека со нив имаат проблеми со плаќањата.

Ако одеше сѐ по планот, капиталните расходи, кои значат градење патишта, школи, водоводи… до крајот на август ќе се реализираа со 75 отсто од планираните 318 милиони евра за оваа година, односно досега за таа намена ќе се потрошеа 238,5 милиони евра. Но, објавените податоци за реализација на Буџетот покажуваат дека се потрошени само 39,5 отсто од парите, односно 126 милиони евра. Ова, пак, значи дека во државата не се гради со посакуваното темпо неопходната инфраструктура, која значи подобрување на условите за живот на граѓаните, нема доволно договори и исплата на фактури со компаниите што функционираа како сервис на државата, било во однос на градежната оператива или за други услуги, нема доволно пари за вработените во овие компании, за да на крај сето ова се одрази во вредноста на бруто-општествениот производ.

Она што на сите им е јасно е дека во услови на пандемија и не може да се остварат капиталните инвестиции со посакуваното темпо. Но, компаниите што соработуваат со јавните институции се жалат и на одолжувањето на процедурите и на наплатата и поради фактот што државата долг период беше во изборен процес – прво се одложија изборите поради пандемијата, па се утврдуваше нов датум, па имаше предизборен период, па сега сѐ уште се комплетира државниот апарат.

Никола Велковски од Здружението на градежништво при Стопанската комора вели дека во овој период значително помалку работа имаат со државните институции на централно ниво, додека повеќе се работи со општините, но тука, пак, имаат поголем проблем со наплатата.

– Најголем проблем што сами ди го создадовме во битката да добиеме работа е што многу си ја девалвиравме вредноста. Така, сега и кога ќе добиеме работа, проблем ни е како за договорените пари тоа да го сработиме. Во однос на плаќањата, со државните институции наплатата е значително подобра отколку со локалните. Но, локалната власт пред локалните избори нуди повеќе работа – вели Велковски.

Во изминатите години како најголем партнер на државата во однос на градежните активности се јавуваа градежните компании „Гранит“ и „Бетон“.

Според финансискиот извештај на „Гранит“, во првите 6 месеци од годинава оваа компанија остварила добивка од само 24.000 евра, додека истиот период лани имала добивка од 1,9 милиони евра.

„Бетон“ АД Скопје, пак, првото полугодие од годинава го помина со добивка од 143.000 евра, што е за 26 проценти повеќе отколку ланското прво полугодие.

Проектите на државата за кои веќе е јасно дека нема да се реализираат, како ставки, ќе се тргнат од Буџетот. Тоа се прави со ребалансот што е во тек и кој според најавите на министерот за финансии Фатмир Бесими треба да биде готов до петок.

– Таму каде што очигледно нема да се реализираат ставките до крајот на годината, нема зошто тие средства да останат во Буџетот само за да стојат на хартија, туку треба да се реализираат. Само така Буџетот ќе има ефект врз растот во наредниот период. Министрите ќе бидат изложени на тој притисок на добро планирање и успешна реализација на проекти. Соодветно на тоа ќе предвидиме механизми како тие што се поуспешни во реализацијата да добијат повеќе средства, а тие што имаат послаба реализација секако дека тие средства нема да им бидат потребни. Низ процес низ годината во текот на реализација на Буџетот ќе се прилагодат капиталните инвестиции – вели Бесими.

Според него, директното влијание на четвртиот пакет врз Буџетот ќе биде 160 милиони евра. Целиот пакет чини 550 милиони евра, но во него се и евтини кредити, државни гаранции, одложување на некои давачки, како и намалување на дел од даноците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот