Зонско во Реонски центар/ Фото: Град Скопје

И аеродромци што не се во зоните бараат бесплатно да паркираат низ општината, не сакаат да бидат дискриминирани

Утрешното воведување на зонско регулирање на паркирањето во Реонски центар во општина Аеродром, ги размрда сите граѓани од оваа општина.

И додека оние од Ново Лисиче бараат да се одложи проектот додека истовремено не се воведе и во нивната населба, сѐ погласни се и оние кои бараат и жителите што не се опфатени со зоните да имаат право бесплатно да се паркираат секаде низ општината.

Првите најавуваат протести за утре доколку не им се излезе во пресрет, а вторите подготвуваат петиција за воведување еднакво право на бесплатно зонско паркирање за сите жители на општина Аеродром.

Имено, граѓаните од оваа општина кои досега не беа опфатени со зона на паркирање, мора доколку ја остават колата во некоја од зоните за да пазаруваат или однесат дете во градинка да плаќаат за паркирање. Од друга страна, оние што се регистрирани во зоните низ Аеродром можат да паркираат секаде во рамките на оваа општина бесплатно.

Според нив, актуелниот модел на зонско паркирање претставува дискриминаторска пракса и создава вештачка поделба меѓу граѓани кои се во целост еднакви носители на право на користење на јавен простор, но се третирани различно, во зависност од тоа дали нивната улица административно се наоѓа во „зона“ или надвор од неа. Оваа поделба, како што велат, нема рационална, пропорционална ниту правно одржлива основа кога се применува на ниво на цела општина.

Оваа пракса создава јасна и недвосмислена дискриминација, спротивна на основните принципи на еднаквост и правичност. Не постои разумна или објективна основа поради која двајца жители на иста општина, кои живеат на растојание од само 50 до 200 метри во ист урбан контекст имаат суштински различен третман и драстично различни права и финансиски обврски. Едниот граѓанин ужива бесплатно користење на јавен простор, додека другиот, иако живее во непосредна близина, со години плаќа значителни суми за истата услуга. Дополнително, оваа нееднаквост создава сериозен финансиски товар за значителен број семејства – наведуваат граѓани во фејсбук-групата „Општина Аеродром – Граѓанска патрола“.

Притоа, жителите кои не се во зоните се секојдневно изложени на трошоци при носење деца во градинки и училишта и на воннаставни активности, при пазарување, при посета на пријатели и слично, односно при активности кои се основни животни потреби, а не луксуз.

Затоа тие бараат воведување на право на бесплатно зонско паркирање за сите жители на Општина Аеродром, но и донесување на праведен и недискриминаторски модел на паркирање кој ќе ги третира сите жители рамноправно.

Зонското во Реонски центар го крена на нозе Ново Лисиче: Или ќе се одложи стартот или утре ќе има протести!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот