Хрватски пулмолог разви нов метод со кој спасува пациенти со ковид: „Знаеме кој ќе заврши на респиратор“

Фото: EPA-EFE/GIUSEPPE LAMI

Доктор Иван Шкопљанац (32), специјалист по пулмологија од Клиничкиот болнички центар Сплит, заедно со тим колеги развиле метод за ултразвучен преглед на белите дробови, којшто веќе при приемот во болница може да предвиди како ќе се развива ковид-19 кај пациентите, пишува порталот „net.hr“.

Хрватскиот пулмолог разви стратегија за рано откривање на ковид-19 со помош на ултразвук.

„Бев распореден во ковид-болницата во ноември 2020 година, а бидејќи од самиот почеток на мојата специјализација се занимавам со ултразвук на белите дробови, сакав со помош на овој метод, кој неоправдано е запоставен во лекувањето на белодробните пациенти, да видам колку многу можеме да им помогнеме на пациентите кои поради ковид доаѓаат на лекување“, рекол докторот за „Слободна Далмација“, додавајќи дека рендгенските снимки честопати не даваат доволно јасна слика, а МСКТ (скенер на градниот кош) не може да се направи за толку кратко време.

Кога, со поддршка на доц. д-р. спец. Крешимир Долиќ почнал со ултразвук да ги снима белите дробови на пациентите, забележал дека може да прогнозира како ќе се развие болеста.

Пациентите кои би биле примени во болница и на кои истиот ден им бил направен ултразвук биле горе-долу со добра клиничка состојба.

„Имаше многу пациенти кои изгледаа добро „на почетокот“ и никогаш за нив не би рекле дека нивната состојба ќе се влоши. Луѓето седеа нормално, имаа мала потреба од кислород и ништо не укажуваше на тоа дека состојбата рапидно ќе им се влоши. Дури кога ќе им направевме ултразвук, гледавме дека нивната состојба може да се влоши, што беше нелогично, бидејќи тие според надворешниот преглед и наодите беа многу добри“, напоменал д-р Шкопљанац.

Тој исто така објаснил и дека таквата рана прогноза конкретно им помага на пациентите. По завршувањето на студијата, која траела три месеци, лекарите знаеле уште подобро како да постапат во такви ситуации.

Посебно внимание на ризичните

– Таквите пациенти беа префрлени навреме во одделенијата кои се поблиску до единиците за интензивна нега и на некој начин знаевме колку респиратори и апарати со висок проток на кислород би можеле да ни требаат. Тие беа во главниот фокус на нашето лекување, бидејќи знаевме дека тие ќе бидат полошо. Во студијата вклучивме 133 пациенти, но продолживме да правиме ултразвучни прегледи и на сите други пациенти. Од 133 пациенти, 17, за жал, починаа, 14 беа на респиратор, а на апарат за висок проток на кислород, што е само скала пред респираторот, завршија 14 пациенти – рекол д-р Шкопљанац.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот