Фото: илустрација / Unsplash

Хрватска токми уште еден услов за странците, најмногу ќе ги засегне младите работници од Македонија

Хрватските власти продолжуваат со заострувањето на условите за странските работници кои сакаат да работат во земјата, а последна додавка во новиот закон е правилото според кое сите работници кои по една година престој ќе сакаат да ја продолжат работната дозвола, ќе мора да полагаат испит за познавање на хрватскиот јазик, пренесоа тамошните медиуми.

Станува збор за полагање на основно ниво А1.1, кое опфаќа околу 70 школски часови. На ова ниво се изучуваат основни јазични вештини преку едноставни задачи и секојдневна комуникација. Новото правило би требало да ги засегне повеќе помладите работници од Македонија, ако се претпостави дека имале послабо почетно знаење на хрватскиот јазик од постарите, кои го паметат времето на некогашна Југославија.

Според медиумите, трошоците за курсевите и полагањето на испитот ќе ги покриваат работодавачите. Синдикатите, сепак, реагираат дека мерката предвидува само задолжително полагање, но не и обезбедени курсеви за учење на јазикот.

За изучување на хрватски јазик преку ваучери од Хрватскиот завод за вработување лани биле одобрени 211 барања, додека оваа година бројката веќе е двојно поголема (481).

Задолжителниот испит треба да стапи во сила догодина. Хрватската влада ги испрати измените на Законот за странци во Саборот.

Синдикатите предупредуваат и дека курсевите не се доволно достапни и дека новата мерка може да доведе до поголема флуктуација на работниците, па дури и до фалсификување документи.

Неодамна, Хрватска веќе ги заостри условите за сместување на работниците од странство, со поставување строги стандарди за големината на објектите во кои тие се сместени и за максималниот број работници кои престојуваат во одреден простор.

Келнерите и готвачите се најбарани: Потребни се околу 95.000 работници на Јадранот за сезоната, плати до 3.000 евра

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот