Хрватска современа проза: Митологија на секојдневјето во „Клуб на обожаватели“
Издавачката куќа „Антолог“ ја објави книгата „Клуб на обожаватели“ од хрватскиот автор Горан Трибусон. „Клуб на обожаватели“ донесува четири раскази во кои се раскажуваат неколку необични судбини, смешни и полни со пресврти, судбини за неколку веќе средовечни другари од приградската населба Плинара.
Препорачано
Горан Трибусон (1948) е хрватски писател. Магистрирал филмологија. Работел како уредник во „Школска книга“. Редовен професор е по филмско сценарио. Пишува телевизиски и филмски сценарија. Член е на Хрватската академија на науките и уметностите.
– Критичарите го декларираат како еден од најважните претставници од генерацијата на борхесовците. Неговите романи се автобиографски и генерациски, со елементи од популарната култура и од митологијата на секојдневјето. Со својот однос кон минатото и зборувањето за сегашноста, „Клуб на обожаватели“ потсетува на најдобрите страници на Трибусон, авторот што со своето чувство за доловување на стварноста и живописноста на дијалозите ги исполнува централните простори на хрватската проза свртена кон секојдневјето – велат од „Антолог“.

Во изданието на „Клуб на обожаватели“ на македонски јазик преводот од хрватски е дело на Владимир Јанковски, а графичкото уредување е на Марко Трпески. Книгата е објавена во рамките на проектот „Читаме заедно!“ со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 34, во печатеното и електронското издание на „Слободен печат“ на 5-7 јуни 2020)


