Хрватска купува борбени возила од САД за речиси 200 милиони долари

Андреј Пленковиќ
Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ / Фото: EPA-EFE/Virginia Mayo / POOL

Хрватска постигна договор со САД за купување на борбени возила „Бредли“ за Армијата, за што ќе издвои 145,3 милиони долари, изјави денеска во Загреб премиерот Андреј Пленковиќ, пренесува хрватски Индекс.

Пленковиќ за новинарите изјави дека вкупната вредност на набавката е 196,4 милиони долари, од кои 51,1 милион долари ќе бидат американска донација. Споредено со првичните преговори, донацијата е зголемена за шест милиони долари, додаде тој.

„Тоа се оклопни борбени возила за хрватската армија и тие се дел од програмата за соработка меѓу САД и Хрватска, која започна во 2017 година“, рече Пленковиќ.

Хрватска ќе добие 62 борбени возила, 22 резервни делови и пет возила за обука.

Опремата вклучува автоматски топ од 25 милиметри, автоматски митралез од 7,62 милиметри и противтенковски проектили.

Пленковиќ рече дека со набавката се исполнети неколку стратешки цели на Хрватска, како што е зајакнувањето на сојузничките односи со САД и додаде дека модернизацијата на возилата ќе се одвива во компанијата Ѓуро Ѓаковиќ во Славонски Брод.

Тој рече дека Хрватска со своето членство во НАТО ја презела обврската до 2026 година да формира централна пешадиска бригада за што и е потребна соодветна опрема.

Тој изјави дека првите возила во Хрватска треба да пристигнат во 2023 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот