Хрватска има проблем пред Евровизија – членка на „Лелек“ остана без глас непосредно пред настапот
Само една недела пред настапот на Евровизија, хрватската група „Лелек“ се соочи со непријатни вести.
Препорачано
Јудита Шторга, една од членките на бендот, имала здравствени проблеми откако добила стрептококна инфекција, поради која привремено останала без глас.
Јудита пред два дена се огласи на ТикТок, каде што објави видео во кое ги отвора устите на стиховите од песната „Andromeda“, додека во рацете држи кутии со лекови.
„Евровизија е за една недела, а јас сум без глас“, напишала таа во видеото.
Тогаш откри и дека пие антибиотици поради стрептокока, но порача дека веќе се чувствува многу подобро.
Поради нејзината здравствена состојба, многумина се запрашаа дали проблемите со гласот ќе го загрозат настапот на хрватските претставнички во вторник на Евровизија и колку ваквата бактериска инфекција може да влијае врз самата изведба. За ситуацијата проговори и оториноларингологот проф. д-р Давор Вагиќ.
„Антибиотиците би требало да почнат да делуваат во рок од 48 часа, но многу зависи и од состојбата на имунолошкиот систем. Со терапија и мирување, состојбата би требало да се подобри по два до три дена од почетокот на земањето антибиотици“, објасни лекарот за хрватските медиуми.
На прашањето дали Јудита ќе може нормално да настапи, Вагиќ истакна дека целосно закрепнување за толку краток период не е реално.
„Дека ќе биде сто проценти подготвена – нема да биде. Сепак, постои можност да може да го одработи настапот. Ако добро реагира на антибиотиците, состојбата може да биде задоволителна, но тешко е да се очекува дека ќе пее како сè да е целосно во ред“, рече тој.
Лекарот додаде дека станува збор за незгодна ситуација, но и дека многу брзо ќе се види колку терапијата е успешна.


