Градскиот мешан хор „Балтепе“ од Тетово / Фото: Јасмина Ѓорѓевска-Каро

Хорот „Балтепе“ најавува спектакл – ќе настапи на впечатливото место Пештер кај Јегуновце

Градскиот мешан хор „Балтепе“ од Тетово за недела (5 април) напладне најави несекојдневно музичко искуство за посетителите кои ќе го проследат концертот, поставен на една од најпотценетите пештерски локации во Македонија, Пештер во Јегуновце.

Хорот „Балтепе“ е предводен од најистакнатата македонска хорска диригентка, Јасмина Ѓорѓевска-Каро, а тој е формиран во септември лани и досега има зад себе неколку успешни настапи. Но, ова е првпат ансамблот да се претстави со разновидна и подолга програма, со дела од македонски и светски композитори.

Концертот насловен „Блесоглас“ е замислен како предвелигденски и тој содржи духовни и световни дела од македонското хорско наследство и композитори како Стефан Гајдов, но и од автори кои македонскиот фолклор го интерпретираат на современ начин, како младиот композитор Глигор Кондовски. Покрај ова, на програмата се и дела од класиката, како и хорски преработки на традиционални афроамерикански спиритуали.

„Она што го прави овој настан специфичен е локацијата — концертот ќе се одржи во уникатниот амбиент на пештерата во Јегуновце“, вели диригентката Ѓорѓевска-Каро.

Како солисти настапуваат членовите на хорот „Балтепе“: Бети Никлеска, Снежана Кузмановска, Слободан Ѓорѓевски, Жарко Настоски и Ана Мирчевска-Календар, а како придружба ќе настапат Душко Дембоски на пијано и Мартин Лазаревски на хармоника.

Пред хорот „Балтепе“, пред публиката на живописното место ќе се претстават и членовите на КУД ‘Извор’ од Јегуновце.

Локалитетот Пештер кај тетовското село е пештерска вдлабнатина сместена во подножјето на планината Жеден, покрај која има црква и излетничко место, а таму е откриено и археолошко наоѓалиште со некропола од доцниот Среден век. Станува збор за едно од најнепознатите и најпотценетите, а во исто време и од највпечатливите места во овој дел од Македонија,. Од Тетово Пештер е оддалечен околу 15, а од Скопје околу 35 километри.

Јасмина Ѓорѓеска-Каро е долгогодишна диригентка и добитничка на наградата „Георги Божиков“ за 2024 за најуспешна изведба на дела од македонски композитори. Има добиено први награди на меѓународни фестивали во Австрија, Босна и Херцеговина и Грција, работејќи со реномирани состави, како хорот на Националната опера и балет, Градскиот мешан хор „Вардар“ и Академскиот хор „Мирче Ацев“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот