Хорор сторија од македонското здравство: Пациентка со мозочен удар што не го видел ни невролог ни кардиолог – на крајот им рекле, „однесете ја дома“
Лидија Спиреска од Скопје ќе ги тужи Клиниката за неврологија, Клиниката за кардиологија и ГОБ „8 Септември“ затоа што нејзината мајка Олгица Барачи иако донесена навремено на сите овие клиники од секундарното и терциерното здравство – доживеала мозочен удар. Спиреска за „Слободен печат“ вели дека мајка ѝ ја лекувале од дијабетес и висок крвен притисок, наместо да ги видат очигледните симптоми на мозочниот удар – „трнење“ на рацете и нозете, неможност да чекори, главоболка.
Препорачано
Таа е згрозена од фактот што наместо да бидат препознаени очигледните симптоми на мозочен удар кај мајка ѝ на Клиниките добила погрешна дијагноза поврзана со дијабетес, а со тоа благодарение на ненавременото и незаинтересираното постапување жената изгубила драгоцено време дури и во здравствени установи кои очигледно биле неспоиви со нејзината состојба – ѝ испитувале хормони на Клиниката за ендокринологија иако нозете ѝ трпнеле, а проверувале и дали има ревма на Клиниката за ревматологија.
Патешествието на Спиреска во обид да го спаси животот на мајка си, претставува една поинаква слика за македонското здравство од онаа што се презентира во пи-ар соопштенијатата и говори дека македонското државно здравство е ризично и опасно по живот. Спиреска ангажирала 5 адвокати и за „Слободен печат“ вели дека нема да го премолчи и заборави третманот на мајка си во здравствените лавиринти кој го квалификуваше како „обид за убиство“.
Прв ден, 17 март
На 17 март годинава 76-годишната Олгица Барачи почувствувала проблеми со крвниот притисок. Но, истите ги имала уште од младоста, па некогаш се случувало матичната лекарка да ѝ ја промени терапијата ако претходните апчиња престанат да делуваат. Со главоболка, Барачи се упатила кај матичната докторка. Додека таа да дојде, заменската лекарка ѝ дала дијазепам од 10 милиграми. Притисокот бил несразмерен, изнесувал 100 со 200.
-Притисокот се намали, но мајка ми не се чувствуваше добро. Ѝ трнеа рацете. Нозете не ги чувствуваше повеќе. Чувствуваше нелагодност, изјави ќерка ѝ Лидија Спиреска за „Слободен печат“.
Поради тоа со упат од кај матичната лекарка, тие заминале на Клиниката за кардиологија. Олгица влегла како итен случај, но ЕКГ резултатот и притисокот биле во ред според лекарите.
-Рекоа дека сè е во ред и дека ќе ѝ дадат нова терапија. Ни кажаа да поминеме и на Неврологија и таму да ја видат. Мајка ми беше на нозе. На неврологија докторката ја прегледа, рече „кренете ги рацете, кренете ги нозете“. И таа кажа дека не ѝ е ништо. Така, таа констатираше дека ова ѝ е од шеќерот иако шеќерот на мајка ми ѝ изнесува само 6-7 единици и не е толку висок. Си ја вративме жената дома, таа постојано повторуваше дека не ѝ е добро. Состојбата утредента се влоши, мајка ми не можеше да оди. Повторно се јавив кај матичната и таа повторно ми рече – веднаш да ја носам мајка ми на Неврологија и на Кардиологија, повторно, како претходниот ден, ни рече Спиреска.
Втор ден, 18 март – денот кога на Неврологија пациентката не доби КТ на глава, ама доби испитување на хормони
Откако се упатиле на Ургентниот центар во „Мајка Тереза“, таму добиле информација дека пациентката не е за таму туку за на Кардиологија. Неподвижната мајка, немало кој освен двете ќерки да ја однесат од Ургентниот центар до Кардиологија. Двете установи се оддалечени 250 метри една од друга, но тоа што неподвижната пациентка немало кој да ја пренесе со амбулантно возило зборува за мизеријата и недостоинствениот начин на кој се третираат пациентите на Клинички.
-На Ургентен ни дадоа една искршена количка која со тежок напор ја туркавме по угорницата зашто мајка ми не ги чувствуваше веќе ни левата ни десната нога. Со едната рака ја држиме да не падне, со другата туркаме. По патот, количката кочи, плачеме, туркаме нагоре. Повторно на Кардиологија истиот преглед од претходниот ден. Ја легнаа, рекоа ЕКГ е супер, жената е одлично. Имаа и увид во крвна слика и историја од претходниот ден. Ништо не ѝ е, велат, ајде уште еднаш отидете до Ендокринологија. Итно ѝ измерија шеќер на Ендокринологија, беше 7. Докторката нè гледа и вели „не знам зошто ве пратиле овде“. Ѝ испитуваа хормони, а таа не може да оди. Докторката вели, да не има реума, да не е вкочанета. Тоа се тие толку грозни моменти кога те совладува стравот, мозокот ти се парализира и не знаеш што да правиш – ни рече Спиреска.
Оттаму заминале на Клиниката за неврологија од каде што биле брутално истерани иако преколнувале за компјутерска томографија.
-Повторно од Ендокринологија заминавме со количката до Неврологија. Таму хаос, луѓе чекаат. Дрската сестра ни се развика што бараме ние таму. Сестра ми почна да вика „мојата мајка ќе влезе сега веднаш овде, мора да ѝ се сними главата“. Вие не знаете како брутално нè истераа оттаму. Не може, немате упат, ни рекоа. Ѝ велам, што ако вчера имавме упат, што направивте со него? Вчера мајка ми беше на нозе, а погледнете ја сега. Докторот излезе со едно чеканче, рече дека мајка ми не е за Неврологија. Кога побарав компјутер на глава, рече: „Вие ќе ми кажете мене што треба да правам“. И ѝ даде таблети за дијабетична невропатија. Ни дадоа нова количка, замислете. Не знаевме каде да одиме. Компјутерска томографија мајка ми не доби, рече Спиреска.
„Тој траор, тој хорор, уште еднаш да се родам нема да го заборавам“
Спиреска веднаш во аптека ги купила лековите за дијабетична невропатија, но дома на мајка ѝ, состојбата само ѝ се влошувала. Телото и лицето почнале да ѝ се искривуваат накај левата страна.
-Се јавив во Итна помош од каде ми кажаа дека имаат многу гужва, само 4 возила за цело Скопје. Диспечерката ми рече, немаме возила, но ако сакате да ја спасите вашата мајка, веднаш однесете ја во ГОБ „8 Септември“. Мајка ми веќе стануваше неподвижна. Патот од станот до паркингот нема да го заборавам, ни лизгаше жената од раце, почнавме да ја губиме. Не можевме во кола да ја сместиме. Тој траор, тој хорор уште еднаш да се родам нема да го заборавам. Не знам како ја сместивме во автомобил, стигнавме во ГОБ „8 Септември“ – нема доктор! Три часа молам, преколнувам, ми велат не можете да викате овде, не сте само вие, докторот е зафатен. А мајка ми паѓаше од кревет. После 3 часа се симна една докторка, која ни рече дека работи со 25 пациенти на Интензивна нега и не сме само ние. Тогаш нарача да ѝ се направи компјутер на мајка ми – раскажа Спиреска.
Снимањето со компјутерска томографија задоцнило, зашто персоналот бркал мачка
Но, бидејќи во просторијата каде се одвивала компјутерската томографија имало мачка, а техничарот се плашел од мачки, морало прво да се „истретира“ мачката, пред да се направи КТ на главата на пациентката, вели Спиреска за „Слободен печат“.
-Ни се случи лудило од кое нема излез. Кога излезе снимката докторката ни рече дека мајка ми имала мозочен удар. Но, како што рече таа, немале место во ГОБ „8 Септември“ имале само 1 кревет. Меѓутоа рече, дека сите пациенти се со тешки бактериски инфекции кои се резистентни на скоро сите антибиотици. Втората опција ми рече, дека е – да си ја однесам мајка ми дома. Жената е неподвижна, со мозочен удар и ми рече да ја однесам дома. Тогаш сфатив, дека никој не те гледа како човек, туку те третира без човечкиот живот да има достоинство и вредност. Се јавив во „Систина“. Најкратко ги прашав дали може да ја преместам мајка ми таму. Со брза помош ја транспортиравме во „Систина“. Кога дојде брзата помош и кога ја видоа состојбата на мајка ми, луѓето беа во шок и не сакаа да ни наплатат 540 денари за транспортот. Како можело од ништо да дојде до вакво нешто?, раскажа Спиреска.
„Ова го сметам за обид за убиство, бидејќи носам болен човек, а тие ме праќаат дома“
Доктор ги пречекал надвор пред приватната болница, ја однел пациентката на магнетна резонанца, на интензивна нега и пациентката за два дена станала подвижна.
-Мојата мајка оди иако е уште зашеметена. Видот ѝ е погоден од ударот, не гледа, има последици ама траорот и хоророт нема да ги оставам вака да поминат. Ќе преземам секакви правни мерки, веќе консултирав неколку адвокати, чекам само да се стабилизирам. Јас ова го сметам за обид за убиство, бидејќи носам болен човек, а тие ме испраќаат дома. Ја однесов мајка ми во центарот на здравството – Клинички центар. Вината ја лоцирам во сите тие здравствени установи, резултатот тоа го кажува. Делата го покажуваат тоа. Зошто ме шетаа на Ревматологија и на Ендокринологија? Зошто Кардиологија не даде вистинска дијагноза? Зошто Н,еврологија ја испрати мајка ми дома два дена по ред и тоа двајца различни доктори, жена со мозочен удар! Фактите кажуваат, документите, извештаите дека не е постапено – завршува со своето сведоштво Спиреска.
Според неа, молкот за пропустите во здравството не смее да продолжи и еден ден мора да заврши неправедниот третман кој е резултат на испреплетени фактори – неукост, незаинтересираност и партиски вработувања.
ЕКСКЛУЗИВНО: „Слободен печат“ открива што содржи извештајот за смртноста на државна Кардиохирургија


