Хју Грант и Никол Кидман во „Слом“

принтскрин/IMDB

Новата ХБО-серија „Слом“, во која главните улоги ги имаат Никол Кидман и Хју Грант, ќе има премиера на 26 октомври во 20 часот на ХБО-каналот, а истиот ден ќе биде достапна и во понудата на ХБО ГО.

Напишана од Дејвид Е. Кели („Големи мали лаги“) и режирана од Сузана Биер („Ноќен менаџер“), мини-серија во шест епизоди „Слом“ се фокусира на Грејс Фрејзер (Никол Кидман), успешна терапевтка, нејзиниот сопруг (Хју Грант) и нивниот млад син (Ноа Џуп), кој оди во елитно приватно училиште во Њујорк.

Преку ноќ, во нивните навидум совршени животи се отвора бездна: насилна смрт, исчезнат сопруг, а се случуваат и низа страшни откритија. Оставена сама во една големата катастрофа, а и згрозена што не го послушала сопствениот совет, Грејс мора да го соголи едниот живот и да создаде нов за себе и за своето дете.

Приказната е сместена на Менхетен, прикажувајќи ги главните ликови како живеат во богатство и елеганција. Тие ги слушаат Чајковски и Вивалди и не дозволуваат да бидат засегнати од проблемите на обичните луѓе. Тие го презираат животот во предградијата на Њујорк, уживајќи во меурот што им го нуди елитниот дел на градот. Сепак, во еден драматичен момент нивните животи ќе се променат и тие ќе бидат приморани да го доживеат барем кратко искуството на просечните луѓе. Тогаш тие откриваат дека нивните животи се лажни, дека тие воопшто не ги познаваат луѓето со кои живеат и дека чувството на безбедност всушност бил параван создаден од лаги.

Оскаровката Никол Кидман и Хју Грант ги имаат главните улоги во новата серија, а покрај нив ќе ги гледаме и Едгар Рамирез како инспектор Џо Мендоза, Ноа Џуп во улогата на Хенри Фрејзер, дванаесетгодишен син на Џонатан и Грејс, Лили Рејб како Силвија Стајнец, Нома Думезвени како Хејли Фицџералд, Софи Гарбол како Кетрин Стампер, Матилда Де Анџелис во улогата на Елена Алвез, Исмаел Круз Кордовас како Фернандо Алвез и Доналд Сатерленд во улога на Френклин Рајнхарт, татко на Грејс, пензиониран финансиер и посветен дедо кој има за цел да го заштити семејството кога ќе се појават бурните настани.

Режисерка на сите шест епизоди е Сузан Бир, која има освоено „Еми“, „Оскар“ и „Златен глобус“, а сценариото е на добитникот на „Еми“ Дејвид Е. Кели. Тие се и извршни продуценти заедно со Никол Кидман, Бруна Папандреа, Стивен Гарет и Селија Костас. Серијата е снимена според романот „Требаше да знаеш“ на авторката Џон Ханф Корелиц.

Според критичарите кои имале шанса да ги проследат епизодите во претпремиера, прогнозираат дека оваа серија има шанса да стане вистински хит на сезоната, како и главен кандидат за бројни телевизиски награди.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот