Фото Сапорт Кочани
Фото Сапорт Кочани

Хипербаричната капсула за повредените од „Пулс“ фаќа прашина

Хипербаричната капсула донирана во кочанската болница и наменета за рехабилитација на повредените од пожарот во дискотеката „Пулс“, фаќа прашина. Во моментов не ја користи ниеден од повредените пациенти а директорката на болницата доктор Катерина Паниќ за „Слободен печат“ вели дека кај пациентите има отпор за нејзино користење. Сепак, додава таа, кога пулмолози ќе прават евалуација на пациентите повторно, ќе им биде понудена можноста за хипербаричната капсула. Досега само едно девојче ја користело и тоа еднаш. Две медицински лица од болницата биле на обука во Шпанија така што персонал има.

Не е дека не работи туку имаме само еден пациент со рани кој е комплициран случај и неколку пати ја отфрлува кожата. Бараме што е причината за тоа. Една од причините поради кои пациентите ја одбиваат капсулата е тоа што кога ќе се влезе во неа треба да те затворат со 3 патенти. Неколку пациенти ми имаат кажано „ова е како во ковчег да ме ставате“. Откако ќе заврши третманот потребни се 5 минути за да падне притисокот па да може пациентот да излезе. 90 проценти од пациентите ни во лифт не влегуваат, а оваа капсула ја одбиваат поради клаустрофобија. Ова не е комора туку капсула. Во комора притисокот е 2,2 бари овде е нешто над еден, изјави за „Слободен печат“ доктор Паниќ. 

Од „Сапорт Кочани“ исто така потврдија дека комората не се користи.

-Хипербаричната комора не е во функција. Две физиотерапевтки беа на обука во Мадрид, кога се донесе комората и ја завршија по што се вратија во Кочани.  Хипербаричната комора пак не беше во функција но оттогаш немаме информации. Откако се смени директорката не знаеме што се случува. Но, кога во „Сапорт Кочани“ доаѓаа доктори од Полска, кажуваа дека комората е многу добра работа и прашуваа зошто не се користи. Не само што не ја опремија болницата кога се враќаа децата, туку и опремата што се донира не ја користат, изјави за „Слободен печат“ Марко Димитриев од „Сапорт Кочани“.

На 30 април 2025 Министерството за здравство сподели дека комората е пристигната. Лекарите информираа дека е втора ваква комора во македонското јавно здравство, како и дека е особено корисна за повредените од пожарот во „Пулс“.

ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Кочани изразува огромна благодарност за донацијата на хипербарна комора за потребите на медицинската рехабилитација. Повреденото ткиво бара повеќе кислород за да преживее, а кислородот кој се носи преку респираторниот систем не може да влезе во ткиво кое е воспалено или трауматизирано(жива рана), така што хипербаричната кислородна терапија преку концентрираниот кислород под зголемен притисок (во самата хипербарна капсула) овозможува кислородот преку кожата да навлегува во ткивото, а од друга страна преку зголемениот притисок во кој се самите пациенти, овозможува чистиот кислород да навлегува поинтензивно во крвта и на тој начин комплетно да ја менува концентрацијата на кислород во телото. Еден час во хипербарична комора заменува 7-10 дена престој на планина на височина од 1500 до 2000 метри.“ – стои во соопштението на болницата од 30 април 2025.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот