Хари Стајлс објави нов албум по четири години, „Kiss All the Time. Disco, Occasionally“ е достапен на сите платформи
Британскиот пејач Хари Стајлс го објави својот нов, четврти студиски албум „Kiss All the Time. Disco, Occasionally“, што е негово прво музичко издание по четири години, по албумот „Harry’s House“ од 2022 година.
Препорачано
Албумот содржи 12 песни, а започнува со водечкиот сингл „Aperture“, додека последната нумера е „Carla’s Song“. Меѓу песните се и „Are You Listening Yet?“, „Coming Up Roses“ и „Dance No More“.
Како и на претходните три албуми, Стајлс повторно соработуваше со својот долгогодишен продуцент Кид Харпун.

Новиот албум беше најавен на почетокот на годината, по што следуваше и најавата за големата турнеја „Together, Together“, која постави рекорди кога станува збор за интересот за купување карти. Концертите ќе започнат на 16 мај во Амстердам, а турнејата вклучува и 30 настапи во „Медисон сквер гарден“ во Њујорк.
По повод објавувањето на албумот, Стајлс одржува концерт во Манчестер, во арената „Ко-оп лајв“, кој ќе се емитува на Нетфликс оваа недела.
Покрај тоа, на 14 март пејачот ќе биде и водител и музички гостин во популарното шоу „Сатердеј најт лајв“, што ќе биде вторпат да ја има двојната улога по 2019 година.

Во интервју за списанието „Ранерс вролд“, Стајлс разговараше со познатиот јапонски писател Харуки Мураками, при што зборуваше за инспирацијата зад новиот албум и за својата љубов кон трчањето маратон.
„Она што го научив, особено преку трчањето, е да си верувам себеси – да знам дека можам да направам нешто тешко и да продолжам и кога не ми се тренира. Маратонот е разговор со самиот себе“, изјави Стајлс.


