Хаос во Центарот за социјални работи Скопје: Внесете матични броеви и испуштени податоци „пешки“ за да се дигитализираме
Стручните работници во Центарот за социјални работи Скопје се во хаос откако добиле насоки „пешки“ да внесуваат матични броеви од корисници, да ги бришат тие што починале или веќе не користат права, да проверуваат еден по еден матичен број и предмет – сè со цел да се промени системот и да се дигитализираат со друг софтвер, дознава „Слободен печат“ од добро упатени извори. Така стручните соработници добиле цели папки со стотици предмети во нив, со списоци на луѓе кои се без матичен број од различни служби.
Препорачано
На секој стручен работник покрај дневните обврски со странки и административни предмети и хартија, дадена му е и задача да ги проверува податоците од стотиците предмети од минатото – да гледа дали меѓу своите предмети има и „затурени“ предмети од друг Центар за социјални работи.
Дигитализираните досиеја секој стручен работник треба да ги проверува за погрешни или матични броеви што воопшто не биле внесени при полнење на базата. Не само за корисниците – стручните работници треба „пешки“ да проверуваат матични броеви и на другите корисници и членови на домаќинствата и да го поправаат.
Освен тоа, при проверките треба да ги избришат и починатите лица што веќе не се корисници, тие што се откажале или се преселиле.
Ако до 20 февруари не го сторат ова, тогаш стручните соработници и раководителите во Центрите за социјални работи ќе добијат систем во кој нема да бидат мигрирани овие податоци и ќе треба самите да ги внесуваат во системот.
Од Министерството за социјална политика демографија и млади за „Слободен печат“ потврдуваат дека е започната реформа на системот на социјална заштита која го опфаќа и процесот на дигитализација, со цел унапредување на квалитетот и ефикасноста на услугите за граѓаните и велат дека вработените во ЦСР а не фирмата се надлежни да ги внесуваат податоците.
Од 01.06.2025 година во употреба е нов интегриран софтвер за единствена електронска евиденција на корисниците на социјалната и детската заштита. Преку овој систем, центрите за социјална работа ги администрираат паричните надоместоци, социјалните услуги и сите постапки од јавните овластувања, согласно член 114 од Законот за социјална заштита. Податоците за корисниците на парични надоместоци се мигрирани електронски од постојниот систем CBMIS. За останатите корисници, за кои не постоеше софтверско решение, Министерството за социјална политика, демографија и млади (МСПДМ) спроведе сеопфатна акција за дигитализација на досиејата во сите центри за социјална работа во Република Северна Македонија. За таа намена беше ангажирана фирмата ИНБОКС ДООЕЛ Скопје. Пред почетокот на теренската работа беше изготвено детално упатство, со јасно дефинирани улоги. Ангажираните лица од ИНБОКС ДООЕЛ Скопје имаа исклучиво техничка улога – внес на податоци, додека стручните работници од центрите за социјална работа ги доставија податоците од досиејата за кои се надлежни. При обидот за миграција на овие податоци во новото софтверско решение SWIS, кај дел од досиејата беа утврдени одредени недоследности кои можат да го нарушат функционирањето на системот. Внес на неточни податоци би значел сериозно оптоварување на софтверот. Поради тоа, а имајќи ја предвид одговорноста на стручните работници за веродостојноста на податоците, на центрите за социјална работа им беа доставени табели исклучиво за проверка и корекција на податоците – активност за која ангажираната фирма нема надлежност. За оваа задача беше утврден рок од еден месец, велат од Министерството за „Слободен печат“.
Оттаму велат дека Министерствот останува отворено за соработка и поддршка на сите центри за социјална работа, вклучително и ЦСР Скопје.
Имајќи ја предвид неговата големина и специфичност, сите отворени прашања можат ефикасно да се надминат преку директна комуникација и координација со надлежните раководни лица. Дигитализацијата на социјалните услуги и права во центрите за социјална работа носи значително олеснување на секојдневната работа на вработените, поголема ефикасност и подобра организација на процесите. Со помалку административни процедури и интегрирани податоци, стручните тимови ќе имаат повеќе време да се посветат на вистинската поддршка на граѓаните. Истовремено, граѓаните ќе добијат поквалитетни, побрзи и подостапни услуги. Ова е двојна придобивка – за вработените и за корисниците и е јасен приоритет и заложба на Министерството за социјална политика, демографија и млади, ни изјавија од Министерството.


