Хакери украле 5,3 милијарди долари користејќи лажни профили на поп-ѕвезди како Тејлор Свифт и Сабрина Карпентер
Хакери годинава успеале да измамат обожаватели на музика за 5,3 милијарди долари, лажно претставувајќи се како светски ѕвезди како Тејлор Свифт и Сабрина Карпентер. Според новиот извештај на компанијата за безбедност на социјалните мрежи „Спикерз“, хакерите користеле вештачка интелигенција за да извлечат пари од фановите преку платформи како Тикток, Инстаграм и Икс, пишува „НМЕ“ (NME).
Препорачано
Извештајот предупредува дека социјалните мрежи стануваат многу ризични точки за измами и нарушување на угледот на брендот, а напредокот на технологијата на вештачка интелигенција ги прави ваквите измами сè потешки за откривање.
На врвот на листата најчесто имитираните музичари се Тејлор Свифт и Сабрина Карпентер, а меѓу првите десет се и Били Ајлиш, „БТС“, Адел, Ед Ширан, Луис Капалди, „Блекпинк“, Аријана Гранде и Дрејк.
Скот Коен, советник од „Спикерз“, истакнува дека дигиталниот простор е ранлив:
„Социјалните платформи се најважната точка на поврзување помеѓу уметниците и нивната публика, што ги прави подложни на напади. За да можат уметниците да иновираат и експериментираат, мора да обезбедиме дигитални средини каде нема постојано да бидат изложени на закани.“
Последиците од измамите се губење приходи и удар врз угледот на уметникот и намалување на идната продажба, ангажман и вредност на спонзорства и партнерства.
Ваквите закани претставуваат проблем веќе неколку години. Лани на мета беа „Арктик Манкис“, кога непозната личност лажно се претставувала како агент на бендот и наводно договарала настапи за измислена светска турнеја во 2025 година. Жртви на измамите станаа и обожавателите на „Оејзис“ при купување билети за нивната повратничка турнеја, губејќи просечно 346 фунти. Извештајот на банката „Лојдс“ покажал дека дури 90 отсто од овие измами започнале со лажни огласи на социјалните мрежи.
Исто така, пејачката Софи Елис-Бекстор лани ги предупреди фановите за измама со вештачка интелигенција, која го користела нејзиниот хит „Murder On The Dancefloor“ за лажен оглас, додека Фејсбук беше обвинет дека не презел доволно мерки против измамници кои продавале невалидни билети за турнејата на Тејлор Свифт.


