Групната изложба „Остенови уметници на годината 2025“ е поставена во галеријата „Остен“
Во галеријата „Остен“ од 19 февруари до 3 март е поставена групната изложба на слики, цртежи и објекти со наслов „Остенови уметници на годината 2025“.
Препорачано
На изложбата се претставени дела на Жанета Вангели, Мице Јанкуловски, Синиша Кашавелски, Блаже Крстаноски Блажески, Свето Манев, Миро Масин, Ристо Мијакоски, Томе Мишев, Данчо Ордев, Станко Павлески, Ирена Паскали, Симонида Филиповска Китановска, Роберт Цветковски, додека Наградата за млад уметник од Фондацијата „Јанкуловски“ ја доби Ана Трајковска.
– „Остен“ обрнува особено внимание на развојот и на поттикнувањето на креативноста на македонските уметници. Оваа манифестација е повод не само да се изложат слики во галерија, туку да се собереме во простор трансформиран во жив дијалог на визии, емоции и идеи. Целта е да ја прославиме извонредната моќ на современата уметност и да им оддадеме почит на творците кои, со својот талент и посветеност, го обликуваат нашиот визуелен и емоционален пејзаж.
Овој годишен избор на „Остен“ претставува повеќе од признание; тој е доказ за година на длабока креативност, пресек на динамичниот и разновиден уметнички дух што цвета меѓу нас. Сите уметници, учесници имаат различни потекла и дисциплини, но заедно тие формираат прекрасен мозаик од нашето споделено човечко искуство и културно и уметничко наследство – истакнуваат од „Остен“.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 321, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 21-22.2.2026)


