Група планинари со сириско потекло во Германија биле пријавени во полиција мислејќи дека се мигранти

Планинари илустрација / Фото: MATTHIAS BEIN / AFP / Profimedia

Во изминатите седум години, група планинари ја преминале речиси цела Германија, искачувајќи се на голем број планини, следејќи потоци и пешачејќи низ шуми.

Сепак, тоа било последното излегување на планинарскиот клуб во источната држава Саксонија што ги турнало на непозната територија. Додека планинареле членовите на групата, од кои многумина Сиријци кои живеат во Германија, бил упатен повик до полицијата да пријави група мигранти, поради сомневањата дека тие биле прокриумчарени преку блиската чешка граница.

„Беше малку чудно“, рече Ајхам Тахан, еден од организаторите на походот. „Чудно е што луѓето ни повикуваат полиција кога го правиме најтипичното германско нешто што можете да го направите, а тоа е пешачење во шумата“.

Корените на клубот потекнуваат од 2016 година, кога група волонтери, многу од нив по потекло од Сирија, почнале да организираат редовни активности кои често се вртеле околу планинарењето.

„Ова е нешто што порано го правевме во Сирија, за да ги откриеме сириските села“, рече Тахан, кој живее во Германија во последните девет години. „И тогаш, кога дојдовме во Германија, се прашавме: „Зошто да не го направиме тоа и овде?“

Иницијативата се покажа како хит, нудејќи им на учесниците шанса да ја истражат Германија, а исто така да запознаат нови луѓе. Наскоро групата стана регистриран клуб, организирајќи еднодневни пешачки екскурзии за новодојденците и за Германците, пишува Гардијан.

Во почетокот на ноември, групата по втор пат ги посети нерамните врвови на Саксонска Швајцарија. Околу 55 луѓе се пријавиле за четиридневното патување за да ги истражат карпестите формации кои долго време беа привлечни за туристите во источна Германија.

Нивниот прв ден го поминале во планините. Откако поминале низ едно мало село, тие се упатиле назад во хостелот каде што престојувале, за да ја затекнат нивната рута блокирана од полициско возило.

„Претпоставувам дека некој се јавил во полиција велејќи: „О, видовме многу луѓе како одат, изгледаат како бегалци или мигранти“, рече Тахан. „Повеќето од нас беа Сиријци, зборувавме на арапски, па слушнаа јазик што не го препознаваа и повикаа полиција“.

Полицијата му кажала дека имаат неколку прашања и се согласиле да се сретнат со групата во нивниот хостел наместо да ги испрашуваат на патеката за пешачење. „Тие само ја вршеа својата работа“, рече Тахан. „Тие беа многу добри“.

Тој им објаснил на полицајците каде планинареле и појаснил дека сите членови биле легално во земјата и дека повеќето од нив се германски државјани. Тој исто така објасни дека групата имала намера да ги помине следните неколку дена во областа. „И тие само рекоа: „Ви посакуваме пријатно време“ и потоа заминаа“.

Веста дека некој повикал полиција ја подели групата. „Многу наши учесници беа навистина лути. Некои луѓе беа навистина навредени, велејќи „ова е расистичко““, рече тој. „И некои рекоа дека ова е многу типично германско однесување. Како да видоа многу луѓе и не им беше удобно со јазикот што се зборува, па повикаа полиција“.

„За нас приоритет беше само да го завршиме пешачењето и активностите“, рече Тахан. „Бев загрижен дека можеби некои од локалните жители ќе слушнат за тоа и знаат каде сме“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот