Греам Нортон - Фото: EPA/NEIL HALL

ВИДЕО | Греам Нортон откри кој гостин му бил најлош во емисијата: „Дојде пијан, ги прекинуваше другите, а потоа – заспа“

Познатиот британски водител Греам Нортон конечно откри кој гостин го смета за најлош во историјата на своето популарно телевизиско шоу. Неговото ток-шоу со години е едно од најгледаните во светот, а на познатата црвена софа на 62-годишниот Ирец седеле бројни светски ѕвезди – од Харисон Форд до Џуди Денч, пишува „Ледбајбал“.

Нортон неодамна се врати на малите екрани со нова сезона во која гостуваа Тејлор Свифт, Килијан Марфи, Џулија Робертс и Роби Вилијамс. Сепак, сите тие можат да здивнат, бидејќи според водителот, титулата за најнепријатен гостин му припаѓа на актерот Марк Волберг, кој во 2013 година, како што изгледа, испил чаша повеќе пред снимањето на емисијата.

Во таа епизода, Волберг го промовираше својот филм „Скршен град“ (Broken City), а со него во студиото беа и Сара Силверман и Мајкл Фасбендер. Ситуацијата брзо излегла од контрола, бидејќи актерот делувал вознемирено и неприродно. Нортон се присети на настанот за време на еден книжевен фестивал, објаснувајќи дека на почетокот Волберг не изгледал пијан.

„Ако некогаш видите некого пијан во емисијата, тоа е затоа што дошол таков – не сме ние тие што го направиле тоа“, изјави Нортон.

Тој додаде дека Марк Волберг бил „необичен случај“, бидејќи во првите минути од разговорот изгледал сосема присебен.

„Ми зборуваше за филмот, раскажуваше неколку анегдоти, но по петнаесетина минути нешто едноставно го совлада. Сето тоа што му било во организмот тогаш почна да делува и настана вистински хаос“, рече Нортон.

За време на емисијата, Волберг постојано ги прекинувал останатите гости, па водителот едвај успевал да ја задржи насоката на разговорот. Но во еден момент, кога Фасбендер раскажувал интересна приказна, Нортон забележал дека Волберг – заспал среде разговор.

„Помислив дека конечно сè оди како што треба, а потоа го погледнав и видов дека спие“, рекол со насмевка водителот.

И покрај непријатната случка, меѓу Нортон и Волберг нема лоши односи. Актерот подоцна уште неколку пати гостувал во емисијата, а тие настапи минале мирно и без инциденти. Подоцна изјавил дека можеби неговото однесување тогаш било дел од некаква спонтана шега, додавајќи дека „луѓето неговите постапки ги сфатиле премногу сериозно“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот