Грците воведоа нови правила за камперите
Грчкото Министерство за туризам издаде соопштение пред почетокот на туристичката сезона, најавувајќи построга примена на законите во врска со комбињата за кампување и камперските приколки. Во соопштението се нагласува дека новиот закон не воведува револуционерни промени, туку потврдува правила што се стандардни во повеќето развиени земји – заштита на јавниот простор, природата, културата, хигиената и безбедноста.
Препорачано
– Целта е да се зачува јавниот интерес и да се зајакне почитувањето на законот – велат од министерството. Според новите мерки, камперите ќе можат да престојуваат само во регистрирани кампови кои ги исполнуваат пропишаните здравствени, безбедносни и еколошки стандарди. Ова го спречува неовластеното паркирање во шуми, на брегови, плажи, како и во близина на археолошки локалитети.
Регулативата се темели на постојните закони што забрануваат поставување шатори и паркирање на кампери на јавни места како што се плажи, шуми и археолошки локалитети. Исто така, угостителите и сопствениците на приватни станови не смеат да сместат повеќе од еден кампер без соодветна дозвола. Исто така, беше потврдена и примената на регулативата со која се забранува паркирање на кампер-комбиња повеќе од 24 часа во населени места, освен во посебно означени и оградени области.


