Грција воведува строги мерки за туризмот — се ограничува сместувањето, ќе се „затвораат“ острови
Грција воведува нов модел за развој на туризмот со кој се предвидуваат построги правила за краткорочно изнајмување, ограничувања за преоптоварените дестинации и пренасочување на инвестициите кон помалку посетени региони, пренесуваат грчките медиуми.
Препорачано
Грчката влада денеска го претстави новиот Просторен план за туризам, кој предвидува можност за ограничување, па дури и целосна забрана за нови сместувачки капацитети преку платформи како „Аир бнб“ во области со голем туристички притисок.
Според новите правила, капацитетите за краткоочно изнајмување ќе се пресметуваат во вкупната туристичка носивост на секоја дестинација, што најмногу ќе ги погоди популарните острови и крајбрежни места.
Грчките министри за туризам и животна средина, Олга Кефалогијани и Ставрос Папаставру, соопштија дека целта е премин кон одржлив туристички модел што ќе ги штити природните и културните ресурси на земјата.
Новата стратегија ја дели земјата на пет региони според туристичкиот притисок и географските карактеристики. Во најоптоварените области ќе важат строги ограничувања за да се намали прекумерниот туризам, додека помалку развиените региони ќе добијат поттик за нови инвестиции.
Посебен режим е предвиден и за чувствителните островски подрачја, националните паркови, археолошките локалитети и традиционалните населби, со цел туризмот да не го наруши историскиот и културниот идентитет на земјата.
Грчките власти наведуваат дека рекордниот раст на бројот на туристи во последните години создава сериозен притисок врз инфраструктурата, особено на островите, поради што се неопходни нови ограничувања и правила.


