Грција: Нова демократија победи на евроизборите, но доби еден пратеник помалку
Грците денеска избраа 21 пратеник во Европскиот парламент, а најголемите партии – владејачката Нова демократија и најголемата опозициска партија СИРИЗА не ги исполнија зацртаните цели. И двете партии добија помалку пратеници отколку во досегашниот состав на европарламентот.
Препорачано
Според последните податоци, како што објави Катимерини, Нова демократија освои 27,92 отсто од гласовите и доби седум места во Европскиот парламент, едно помалку од досегашниот состав. СИРИЗА е на второ место со 14,94 отсто гласови и четири пратенички места (досега имаше шест).
По две пратенички места освоија Грчко решение и Комунистичката партија на Грција, а по едно место во новиот состав на Европскиот парламент освоија религиозната партија Победа, Курс на слободата ултра конзервативната Глас на разумот.
– Нема да ја кријам вистината. Нашата партија не ја постигна поставената цел, призна премиерот Кирјакос Мицотакис во телевизиско обраќање по објавувањето на резултатите и неуспехот да освои над 30 отсто од гласовите.
Според објавените податоци, на денешното гласање е поставен нов рекорд на апстиненција, односно дури 59,5 отсто. Во Грција се регистрирани вкупно 9,605,244 гласачи, а од нив на избирачките места излегле 3,891,466.


