Гравина: Срамна е идејата Италија да го замени Иран на Светското првенство
Претседателот на Италијанската фудбалска федерација, Габриеле Гравина, ја разјасни својата одлука да се повлече и ги коментираше жестоките дискусии за евентуалното учество на Италија на Светското првенство во 2026 година.
Препорачано
Претседателот поднесе оставка кратко време по болниот пораз од Босна и Херцеговина, по кој Италијанците останаа без пласман на Мундијалот.
Гравина беше категоричен дека неговото заминување е личен избор, диктиран од неговите морални обврски кон спортската заедница.
– Не бев принуден да поднесам оставка, апсолутно не. Тоа беше моја лична одлука. Се обврзав пред италијанските навивачи дека ќе се квалификуваме за Светското првенство и за жал не можев да ја исполнам – изјави Гравина за „Ла Гаѕета дело Спорт“.
Тој додаде дека моментот барал смиреност за федерацијата да не биде изложена на непотребен притисок:
– Беше исправно од мене да дадам оставка – гест на љубов и одговорност. Јас не сум личност која попушта под притисок. Размислувам со глава и со смиреност. Тоа беше чин на одговорност кон федерацијата. Имаше институционална хистерија насекаде и беше добро да не се остави федерацијата премногу изложена – се зборовите на Гравина.
Неговата најостра реакција беше на хипотезата дека Италија би можела да игра на Светското првенство по административен пат како замена за Иран.
– Ми се чини дека ова е срамна идеја. Преговараме со страста на италијанските навивачи, кои се единствените што заслужуваат да одат на Светското првенство – вели Гравина.
Сега очите на италијанската фудбалска заедница се насочени кон 22 јуни, кога ќе се одржат изборите за наследник на Гравина.


