Фото: Слободен печат

Граѓаните бараат да бидат навреме информирани: Водата во Козле каллива, дел од Ченто без најава цел ден без вода

На службената интернет-страница на ова јавно претпријатие секојдневно можат да се прочитаат известувања до граѓаните доколку некаде се планира исклучување на вода поради различни причини, а овие информации потоа ги споделуваат и медиумите. Но, дел од граѓаните се жалат дека не е секогаш така.

По неколку исклучувања на вода поради дефекти на улицата „Козле“, жителите што живеат во куќите покрај оваа улица се соочиле со сериозни проблеми. Откако повторно водата протекла од нивните чешми, таа била каллива и песоклива.

Како што велат тие во реакција до „Слободен печат“, исклучувањата на водата веројатно биле поради приклучок на новоизградените згради, но ги изненадува фактот дека во цевките со вода навлегла земја и стравуваат дали водата е безбедна за пиење.

Неколкупати ни снемува вода и тоа без најава. Последниот пат беше пред неколку дена. И кога повторно се врати, беше матна и каллива. Таква течеше и од бојлерот. Притоа, ај што не известија дека ќе ја исклучат водата, туку не известија и дали сега е безбедна за пиење. Наредниот ден водата се исчисти „на око“, но сепак со денови купуваме вода за пиење затоа што не сме сигурни дали е бактериолошки исправна. Како е можно земја да влегува во цевките? – прашува една од жителите.

Од ЈП „Водовод и канализација“ потврдуваат дека работеле на водоводната мрежа во населбата, но и дека навреме се известува за прекините на вода.

 Во последната недела екипите на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје работеа на отстранување на неколку дефекти на улици што гравитираат кон улицата „Козле“. За прекините во водоснабдувањето, граѓаните се информираат преку Дежурно- информативниот центар со најава од претходниот ден или, ако се работи за дефект што е итен и се санира во моментот на пријава, странките се информираат тогаш – тврдат од претпријатието.

Во однос на квалитетот на водата, како што објаснуваат оттаму, според Правилникот за безбедност на вода за пиење број183/18 не се испитува водата од бојлер, односно испитувањата се прават само на ладната вода.

Доколку имаат сомневања во однос на квалитетот на водата, потребно е тоа да го пријават преку Дежурно-информативниот центар и потоа екипата од секторот Санитарна контрола ќе пристапи кон земање примероци и изработка на анализа за да се провери исправноста на водата. Доколку забележат дека има механички онечистувања, односно песок во цевките, тоа треба да го пријават за да може да се провери квалитетот и исправноста на водата и доколку е потребно секторот Водовод по претходна дојава од секторот Санитарна контрола ќе изврши испирање на мрежата – ја објаснуваат постапката од „Водовод и канализација“.

Како што е познато, на службената веб-страница на ова јавно претпријатие секојдневно можат да се прочитаат известувања до граѓаните доколку некаде се планира исклучување на водата поради различни причини, а овие информации потоа ги споделуваат и медиумите. Но, дел од граѓаните се жалат дека не е секогаш така.

Цела улица „Македонија“ денеска без вода, прекини ќе има на уште неколку улици во Центар

Минатата недела, во средата, домаќинства во Ченто со часови немале вода без претходно известување од ЈП „Водовод и канализација“.

 Водата ја исклучиле во 11 часот и кога се вратив од работа сѐ уште немаше. Проверив во известувањата од „Водовод“ и немаше ништо за Ченто. Се јавив во дежурната служба и ми рекоа дека имало некаков проблем, дека се работи и дека до 19 часот ќе имаме вода, но наместо тогаш останавме без вода цела ноќ, неподготвени, повторно ни пуштија дури во 5 часот наутро. Како што се зборуваше меѓу соседите, наводно се работело на приклучување на новото училиште што се гради на водоводната мрежа. Тоа значи дека бил планиран зафат, а не дефект и срамно е што не нè известија – вели жител на Ченто.

Од „Водовод и канализација“ не објаснувајќи многу околу ситуацијата поради која со часови биле оставени граѓани во оваа населба без вода, на нашето прашање зошто не биле навреме информирани за да можат да се снабдат со вода – одговараат сосема неодредено посочувајќи ја само постапката.

 Граѓаните се информираат преку Дежурно-информативниот центар ден претходно или во ретки случаи, ако се работи за итен дефект, тогаш нема време за претходно информирање, во тој случај граѓаните се информираат во моментот кога се работи дефектот – кусо одговараат од претпријатието.

Нашата проверка на службената страница на „Водовод и канализација“ покажа дека претпријатието не информирало дека жителите на улицата „Методија Андонов Ченто“ во истоимената населба ќе останат без вода.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот