Граѓани се жалат дека надлежните не реагираат: Во Ново Маало едно се гради, друго се уништува
Граѓани тврдат дека повеќепати реагирале и во Општина Центар и во Град Скопје со барање да покажат одговорност и да ги заштитат интересите на граѓаните наместо на градежните компании, да го спроведат законот, да обезбедат услови за заштита на нивната безбедност, здравје и мир и да се обноват оштетувањата.
Градежните активности што се изведуваат за изградба на објект на улица Истарска број 1 ја уништуваат и ја загадуваат животната средина, ја нарушуваат безбедноста и ни ги попречуваат секојдневните активности, реагираат жители на Ново Маало.
Препорачано
За проблемите со кои се соочуваат, тие официјално реагирале и во Општина Центар и во Град Скопје, но досега никој не постапил.
Градежните активности во Ново Маало уништуваат јавен и приватен имот со тешка механизација, работат спротивно на добиени градежни дозволи, без соодветна заштита за околината и за околното население, узурпираат јавен имот со складирање механизација и градежен материјал по улици. Надлежните институции, Општина Центар, градежниот инспектор, Град Скопје… со месеци се информирани од повеќе граѓани и не постапуваат, туку застануваат во одбрана на беззаконието и безредието – се пожалија жители на населбата во „Слободен печат“.

Тие објаснуваат дека мирот им се нарушува со непрестајна бучава, дека механизацијата работи и надвор од работно време, повремено уште во раните утрински часови во недела. Од тешката механизација ангажирана на градилиштето е уништена и пешачката зона на улица Битолска, оштетена е шахтата за атмосферска канализација што, како што тврдат, предизвикало и прекин на водоснабдувањето. Секојдневно се исфрла шут, цигли и гуми од градилиштето, па отпадот се разнесува низ целата населба, а како што велат граѓаните, нема ни заштитна ограда околу градилиштето со што сериозно е нарушена безбедноста на сите минувачи.
Секојдневни паркирања и блокирање со тешка градежна механизација на раскопината наречена улица Истарска кон булеварот „Кочо Рацин“, за што очекуваме сообраќајно решение што поскоро бидејќи механизацијата го доуништи тоа малку што се нарекуваше улица и во моментов е речиси непроодно освен за механизацијата од градилиштето – се вели во писмо до редакцијата од граѓани од Ново Маало.
Граѓани тврдат дека повеќепати реагирале и во Општина Центар и во Град Скопје со барање да покажат одговорност и да постапат соодветно во заштита на интересите на граѓаните наместо на градежните компании, да го спроведат законот, да обезбедат услови да се заштити нивната безбедност, здравје и мир и да се обноват оштетувањата.

На испратените дописи одговор добиле од градоначалникот Горан Герасимовски, кој ги известил дека нивната пријава е препратена до надлежниот сектор за инспекциски работи за понатамошно постапување и дека овластениот градежен инспектор ќе изврши увид и ќе преземе соодветни мерки, според законските прописи.
Како што објаснуваат, неколкупати разговарале и со надлежната инспекторка Олга Влитиновска, која ги информирала дека ќе се изврши повторно вонредна инспекција, но дека досега не е извршена. Таа им посочила дека Општината е запознаена со состојбата, но дека нема правен механизам да постапат и да ја спречат штетата, дека „морало да се гради сега, да се направи ископ и да се постават греди“, а по извршување на градбата, ќе им дале налог да се донесат улиците во првобитната состојба. Инспекторката им посочила и дека на инвеститорот му е даден налог веднаш да се постави заштитна ограда.
Во меѓувреме состојбата се влоши со тоа што наместо соодветно да обезбедат соодветни законски пропишани заштитни огради на веќе постојните влезови до градилиштето, поставен е нов влез за тешка механизација, овој пат по улицата Битолска каде што кога увидовме дека ќе се случи истото тоа што се случи на улица Истарска, проактивно ургиравме и побаравме да им биде забранет пристап да не ја снајде истата судбина, меѓутоа не добивме никаков одговор. И се случи тоа што го очекувавме, бекатонот на улицата Битолска по еден ден користење на механизација е распаднат, којзнае каква ќе е состојбата до крај на изградбата – се вели во писмото до „Слободен печат“, во кое се наведува дека сето ова можеше да се избегне доколку надлежните излезеа на терен и си ја завршеа должноста во интерес на граѓаните.

Жителите велат дека најтрагично е што Битолска е пешачка улица неодамна обновена, поплочена била пред една година, токму од Општина Центар.
Навистина е мизерно народот да ја моли Општината да си го заштити јавниот имот за кој повторно ќе биде наплатено од џебот на граѓаните, додека градежните компании лудуваат и се заштитени како бели мечки – коментираат граѓани од Ново Маало.
Тие тврдат дека пријавиле и во Инспекторатот за сообраќај на Град Скопје, телефонски и по имејл, меѓутоа оттаму реакција сѐ уште немало, бидејќи секогаш кога ги барале добивале одговор дека – сите инспектори во моментов се на терен.
За состојбата во Ново Маало одговори од Општината побара и „Слободен печат“, но до овој момент нема објаснување дали откако ќе се издаде градежна дозвола, изведувачот може да прави што сака. Нема одговор ниту зошто не е направена вонредна инспекциска контрола и зошто се дозволува да се уништува пешачка улица со тешка механизација. И најважно, доколку Општината нема правна можност да постапи, тогаш кој може да го спречи недозволеното однесување на градилиштето во Ново Маало?


