Граѓани и верски лидери во Албанија протестираат против законот за родова еднаквост: „Не ги допирајте нашите деца“
Муфтијата и архиепископот на Скадар заеднички се изјаснија против усвојување на предлог-законот за родова еднаквост, повикувајќи ја политичката класа да ги почитува верските и националните вредности на Албанците и да не подлегнува на странски интереси.
Граѓани се собраа пред зградата на албанскиот парламент за да протестираат против Предлог-законот за родова еднаквост, објави албански „Телеграф“.
Препорачано
Протестот го повикала организацијата „Албанска коалиција за семејство и живот“. Со транспаренти на кои пишувало „Пратеници, не гласајте против децата“, „Законот за родова еднаквост е антисемеен“ и „Рацете подалеку од децата“, демонстрантите бараат законот да не биде усвоен.
Во меѓувреме, муфтијата на Скадар, Мухамед Ситари, и архиепископот на Скадар, Џовани Пераџине, за време на свечената средба по повод 35-годишнината од слободата на вероисповеста во Албанија, изразија заедничко противење на законот за родова еднаквост, кој се очекува да биде ставен на гласање во четвртокот во парламентот.
„Заедничката изјава на верските заедници има предност пред секој друг став — тоа е наш заеднички став и се надевам дека политичката класа правилно размислила и ќе ја почитува суштината, без да ја злоупотреби довербата на Албанците за цинични интереси што не се албански,“ изјави муфтијата на Скадар, Мухамед Ситари.
Архиепископот на Скадар, Џовани Пераџине, тврди дека „човекот е создаден според Божјата волја“.
„Разбирам дека се зборува за европска интеграција, но мораме да внимаваме да ги зачуваме нашите традиции. Интеграцијата не значи дека треба да ги изгубиме семејните вредности и почитта кон мажите и жените. Мора да го зачуваме нашиот албански идентитет,“ рече Пераџине.
На фотографијата од протестот се гледа транспарент, со порака упатена кон претседателот Доналд Трамп, на кој пишува: „Господине претседателе, на народот на Албанија му е потребна вашата помош“.


