сметки струја ЕВН сметка
Сметки за струја. / Фото: Драган Митрески / Слободен печат.

Граѓани добиле сметки за струја колку една просечна плата?!

Многу граѓани се жалат од сметките за струја, но ЕВН вели дека имале помалку поплаки од лани. Оттаму тврдат дека ги читаат струјомерите секој месец иако имаат обврска тоа да го прават 4 пати. Експертите, пак, потсетуваат дека главниот проблем е во тоа што не се најде решение за загревање на населението, па тоа се грее на струја

До нашата Редакција стигнаа поплаки од повеќе граѓани за високи сметки на струја. Граѓаните се жалат и на социјалните мрежи. Тие велат дека добиле фактури со неразумно високи износи. Од ЕВН потврдуваат дека поплаки стигнале помалку и до нив, но велат дека тие се помалку од истиот период пред една година. Според ЕВН, читање на мерачите вршат секој месец, освен во одредени исклучителни случаи.

Наша читателка вели дека последната сметка и е 8.200 денари, иако се само двајца, во стан од 40 квадратни метри.

– Се греам со инвертер што половина ден, кога не сме на работа, и не е вклучен. Не готвиме секојдневно. Во станот живееме само јас и ќерка ми. Често не ни готвиме. Како може тогаш да добијам сметка од 8.200 денари. Претходната ми беше 7.500. Не верувам дека толку сум потрошила. Или нешто не е во ред со струјомерите или со читањето – реагира Бети од Ѓорче Петров.

На социјалните мрежи споделуваат сметки и по 12.000 денари и тврдат дека досега никогаш не добиле такви. Во коментарите една наша сограѓанка напишала дека од 7.000 денари, сметката и скокнала на 16.000. Има и такви што тврдат дека платите по дваесетина илјади денари иако тврдат дека не се луксузираат. Тие велат дека сега требаат целата плата да ја дадат за струја! Граѓаните се сомневаат и дека и струјата што ја потрошиле во декември им е наплатена по повисоката јануарска сметка. Сепак, секој може да си ја провери фактурата, а во фактурата има киловати што до 31 декември се тарифирани по стара цена, како и киловати од јануари што се тарифирани по новата цена.

Доколку граѓаните сметаат дека им е натплатено, имаат право на поплаки.

– ЕВН хоме, на ниво на територија на целата држава, има добиено 1.385 барања за корекција на фактура во јануари 2025 година и 898 барања во декември 2024 година. Минатата година во истиот период (јануари 2024година) компанијата има добиено 1.857 барања за корекција на фактура и 923 барања во декември 2023 година. Во просек, во 01/2025 и 12/2024 има околу 18 проценти помалку барања за корекции на фактури во споредба со 01/2024 и 12/2023 – изјавија од ЕВН за „Слободен печат“.

Но, оттаму не добивме одговор на прашањето како во сметките се одвија деновите во декември од оние во јануари, со оглед на тоа што од 1 јануари имаше мало зголемување на цените на струјата. Имено, просечната цена на електричната енергија за домаќинствата од 1 јануари се зголеми за 0,92 проценти. Во првиот блок зголемувањето е за 0,68 проценти, во вториот за 0,9 проценти, во третиот за 1,93 проценти, во четвртиот за 2,24 проценти, a евтината тарифа поскапи за 0,9 проценти, соопштија од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

Дел од граѓаните кои ги споделуваат високите цени реагираат дека периодот за отчитување им бил и подолг од еден месец, и изнесувал 35 дена. Од ЕВН објаснија дека отчитувањето на броилата се прави секој месец од страна на екипите на Електродистрибуција и покрај тоа што со Закон за енергетика, Мрежните правила и Правилата за снабдување е пропишано отчитувањето на броилата да се направи четирипати годишно.

– Отстапување од интерното правило на компанијата за отчитување на броилата секој месец, може да има само поради следните причини: корисникот е отсутен (не е дома или во објектот), поради спречување на екипите за отчитување, годишни одмори итн. и тогаш се изготвува претпоставена фактура. Претпоставената фактура не значи по автоматизам повисока фактура за електрична енергија. Таа може да содржи и пониски претпоставени вредности – велат од ЕВН.

Граѓаните може и сами да направат отчетување и да пријават состојбата. Но, како што велат од ЕВН, според нивните внатрешните статистики, корисниците често немаат потреба да ја користат услугата за самостојно онлајн пријавување на состојбите на потрошувачката.

Не се најде решение за греењето

Експертите посочуваат дека главниот проблем на оние што добиваат сметки над 10.000 денари е што тие, всушност, се греат на струја и што живеат во енергетски неефикасни објекти. За гасификацијата се зборува со децении, но таа остана само пуста желба. За спроведување енергетска ефикасност, треба пари.
– Во Западна Европа има стари згради што успеале да стигнат до заштеда на енергија од 90 проценти, значи стигнале до тоа да бидат пасивни објекти. И во Македонија има примери на заштеда на енергија до 70 проценти. Како се постигнува тоа, има цела една наука. Нормално е дека за тоа треба инвестиција, а нашиот стандард е мал и граѓаните веднаш се откажуваат. Но, треба да постои фонд за енергетска ефикасност, преку кој ќе се нудат одредени олеснувања, плаќање на рати или доделување грантови – вели Катерина Петрушевска од Здружението на лиценцирани енергетски контролори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот