Годинава нема празнична шопинг еуфорија, трговците разочарани
Иако нема точни податоци колку македонските граѓани трошат за празниците, според експертите, сумата реално ќе биде повисока од лани, бидејќи граѓаните се принудени да трошат повеќе поради инфлацијата и зголемувањето на цените
На неколку часови пред најлудата ноќ, дел од продавачките ќе бидат на нивните работни места, поради наредбата дека на 31 декември ќе работат до 20 часот. За да им излезат во пресрет на „заборавените“, сепак најголемиот дел од трговците ќе работат и до 18 часот, оти велат дека муштериите им го диктираат работното време. Бидејќи Нова година се паѓа во работен ден (среда), кој не се снабдил со потребните производи за празничната трпеза, ќе може да го стори тоа и до 20 часот, но само во големите маркети што работат во рамките на моловите. Да потсетиме дека на 1 јануари, повторно само тие ќе отворат и ќе дежураат за празнична дневница исто до 20 часот, што значи дека само таму ќе може да си купите леб и други производи. Редовно отворени ќе бидат и маркетите на бензинските пумпи, но таму цените се најмалку двојно повисоки од другите дуќани.
Препорачано
Иако до Новата година остануваат уште само неколку денови, низ македонските дуќани сè уште не се чувствува некоја поголема празнична шопинг треска, а граѓаните се едногласни дека скапотијата не им дозволува да се расфрлаат со пари. Иако последната недела од декември е времето кога новогодишната еуфорија го достигнува својот врв, трговците се разочарани од расположението за трошење и велат дека сè ќе се сведе на последниот викенд од оваа година. Не помагаат ни новогодишните украси, ниту акциите и намалувањата во супермаркетите, со броени пари не може прекумерно да се троши, додаваат граѓаните со кои разговараше „Слободен печат“.
Продавачките велат дека по осумте часа поминати зад касите, во редење на стоката и разместување на палетите, откако ќе затворат, ќе мора и да зачистат. Тоа значи дека дома нема да бидат пред 22 часот, оти најголемиот дел од нив не живеат во близина на работното место.
– Низ нос ќе ни излезе Новата година. Каква прослава, само креветот го гледаме. Утешително е што не отвораме на 1 јануари, оти колешките што живеат далеку се шегуваа дека ќе преспијат овде за да не трошат пари за превоз. И ние имаме семејства, за што ќе бидеме способни? За славење сигурно не – реагираат продавачките во еден скопски трговски синџир, кој на 31 декември ќе работи до 20 часот!
Иако нема точни податоци колку македонските граѓани трошат за празниците, според експертите, сумата реално ќе биде повисока од лани, бидејќи граѓаните се принудени да трошат повеќе поради инфлацијата и зголемувањето на цените. Сите се согласни дека во просек, граѓаните во декември трошат повеќе отколку во остатокот од годината, но и во оваа празнична сезона, видлив е јазот меѓу желбите и можностите. Просечната нето плата во октомври 2025 година е 45.943 денари, минималецот е 23.379 денари, а просечната пензија 27.500 денари.
Инфлацијата не се смири, куповната моќ е ограничена, а над 50 отсто од приходите одат за храна – што нè прави шампиони во регионот.
– Ако ја погледнете структурата, ќе видите малку поголем раст на фискалните сметки, во споредба со лани, но тоа не покажува дека граѓаните повеликодушно трошат, ами дека цените се повисоки. Владата отвори простор за раст со зголемените пензии, но и со дел од платите, но разочарувачки и дека тие што се на минималец, ќе останат заковани на дното – велат економистите.
Трговците велат дека навреме се снабдиле со стока, а дуќаните се полни со секакви деликатеси. Месарниците нудат прасечко по цени што се движат од 299 до 450 денари, а овде-онде има јагнешко што чини 600 денари, мисирките се продаваат по цена до 1.000 денари, додека говедското чини речиси 800 денари за килограм. Мајонезот за неизбежната руска салата веќе е на акција, киселата зелка е стасана, а попусти има и на апетисаните, пијалаците, па дури и на брашното ако некој сака да меси кифлички.
– Празнична музика ечи од сите звучници во градот, дневните забави се во ек, а на телевизиите се вртат реклами со понуда на брзи кредити. Но, сите сме попретпазливи и сè помалку трошиме пари, и земаме кредити за да славиме. Кој колку има, толку и ќе потроши, но секоја година сè помалку – велат најголемиот дел од граѓаните.
Малкумина ќе патуваат, а речиси ист е бројот на оние што ќе се веселат по кафеаните што одредија дека вечерта на 31 декември ќе наплатуваат и по 3.000 денари, додека за „патерицата“ на 1 јануари цената е речиси тројно пониска.


