Го викаат „Бесното куче“, а Републиканците се плашат од него повеќе отколку од Трамп – кој е Џејмс Блер?
Меѓу големиот број соработници на претседателот на САД Доналд Трамп, ретко ќе се спомне името Џејмс Блер, но станува збор за еден од најмоќните луѓе во неговата администрација, иако тоа не е премногу познато во јавноста, пишува „Волстрит журнал“ (WSJ).
Препорачано
Блер влезе во тимот на Трамп во 2024 година по препорака на Сузи Вајлс, шефицата на кабинетот во Белата куќа, а двајцата претходно работеле на претседателската кампања на гувернерот на Флорида, Рон Десантис.
Иако на почетокот немале најдобра релација, Блер ја стекнал довербата на Трамп, а причината за тоа е неговата лојалност, но и склоноста радикално да решава проблеми.
Во Белата куќа, Блер е познат како „junkyard dog“ (куче од двор/од отпад, жесток како куче-чувар, опасен тип, „бесно куче“), поради неговиот пристап во преговорите со другите републиканци, што е негово основно задолжение во тимот на Трамп.
Задолжен да го одржува единството
Токму овој 36-годишен оперативец бил задолжен да го одржува единството во лојалноста кон Трамп во редовите на републиканците во двата дома на Конгресот, а неговото име сега предизвикува страв меѓу членовите на оваа партија.
Причината е неговиот начин на комуникација, полн со пцовки и закани, со кои се обидува да ги „натера“ оние републиканци кои се двоумат да останат верни на агендата на Трамп.
Заканите, кои никогаш не ги упатува директно, најчесто се однесуваат на следните избори, односно дека ќе подготви кандидати кои на изборите ќе се обидат да им го одземат мандатот на републиканците кои, според негово мислење, не се доволно лојални на претседателот на САД.
Блер ги поткрепува своите закани со исклучително детално познавање на бројките од анкетите и често им укажува на „дефекторите“ во Републиканската партија дека Трамп во нивните дистрикти е попопуларен од нив.
Трамп го нарекол „Брилијантниот Блер“
Поради неговите успеси во задржувањето на единството меѓу републиканците за одредени клучни закони, како и поради познавањето на анкетите и движењата кај гласачите, Трамп го нарекол „Брилијантниот Блер“, пишува WSJ.
Сепак, неговите тактики не им „легнале“ на многумина во Конгресот. Поради пристапот на Блер, многу републиканци се одлучиле за пензионирање, а особено реагирале жени како Марџори Тејлор Грин, која реши да го напушти Конгресот во јануари.
Таа во изјава за WSJ го критикувала неговиот пристап, наведувајќи дека во разговорите зад кулисите Блер ја омаловажувал неа и други републикански конгресменки и сенаторки.
Особено не им се допаднало тоа што Блер им „наредувал“ дали да влегуваат во изборни трки, односно дали да се обидат од конгресите на сојузните држави да преминат на државно ниво или од Конгресот на САД да преминат во трки за гувернери во своите федерални држави.
Исто така, на Блер му се припишува и идејата одредени сојузни држави под републиканска контрола да започнат со прекројување на изборните мапи, за Републиканската партија и по изборите во ноември 2026 година да ја задржи контролата врз Конгресот.
Блер имал одреден успех, особено во Тексас, но неговата идеја предизвикала контраефект – по неговиот потег, и некои држави под контрола на Демократската партија започнале идентичен процес, со што всушност го негирале републиканскиот напор.
Покрај тоа, идејата на Блер предизвикала огромен конфликт меѓу републиканците од државно ниво и од Индијана, кои одбиле да ја променат изборната мапа и на тој начин влегле во директен судир со Блер, кој дури ги обвинил дека работат против републиканците.
И покрај критиките, „Брилијантниот Блер“ и понатаму има огромна доверба од Трамп и етикета на негов „моќен човек од сенка“.


